Достапни линкови

Кој ќе ги пробие референдумските ехо-комори?


Новица Наков, магистер по човекови права и меѓународна политика. Фото: Петар Кајевски

Ако твитате за или против референдумот најверојатно ве читаат само тие што се согласуваат со вас. Освен ако немаат смислено нешто навистина ново и иновативно, тогаш времето, парите и другите ресурси што се трошат на твитер кампањата за и против референдумот се најверојатно попусто потрошени, пишува Новица Наков, магистер по човекови права и меѓународна политика, во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Може ли битката за референдумот за спогодбата помеѓу Македонија и Грција да се добие на Твитер? Краткиот одговор е – не.

Но, да бидеме фер, поточниот одговор е најверојатно не, бидејќи како што укажуваат најголем дел од истражувањата направени над твитовите на илјадници твитерџии низ светот, политичката поделба меѓу твитерџиите опстојува и покрај (навидум) лесниот начин да се разменуваат информации на социјалните мрежи.

Поуките од истражувањата може да се сумираат вака: Иако постојат случаи кога корисниците од спротивна политичка идеологија комуницираат помеѓу себе, ретко кога се случува да споделуваат информации од другата политичка страна (Коновер и др., 2011). Корисниците главно се групираат со други корисници со исти политички ставови и нивните интеракции главно се во тие групи отколку надвор од нив (Грузд, 2012). Посебно кога станува збор за политички прашања, информациите главно се разменуваат помеѓу луѓе со иста политичка идеологија, со задршка дека либералните твитерџии е поверојатно да се впуштат во ширење на информации преку идеолошката бариера (Барбера и др., 2015). Политичарите (или подобро речено - твитер профилите на политичарите) не може да го премостат овој јаз бидејќи, најчесто, обидите за двонасочна комуникација и конструктивен дијалог (што би се сметало за посакувано) се предмет на тролање, напади и друго вознемирување на тие политичари (а не дебата и дијалог) (Теохарис и др., 2016).

Со други зборови, ако твитате за или против референдумот најверојатно ве читаат само тие што се согласуваат со вас, а ако го водите профилот на некој владин функционер тогаш, ако воопшто твитате, најверојатно најдобро е воопшто да не твитате за референдумот. (Патем, дали истото важи и за Фејсбук? Можеби, веројатно, но не знаеме, бидејќи Фејсбук не дава лесен пристап за истражување на содржините како што тоа го прави Твитер.)

Што може да научат советниците за односи со јавност и стратезите за јавно мислење во двата табора од горните истражувања?

Освен ако немаат смислено нешто навистина ново и иновативно, тогаш времето, парите и другите ресурси што се трошат на твитер кампањата за и против референдумот се најверојатно попусто потрошени. Се чини дека со веќе легендарната „Мрежна измама“, Морозов (2012) погодил во сржта на нештата кога пишал дека твитовите нема да ги намалат нашите национални, културни и религиски разлики, туку дека напротив може да ги нагласат уште повеќе.

Ако навистина целта на спротивставените групи е да се убедат една со друга дека спротивната страна е подобра, тогаш Твитер, и социјалните мрежи воопшто, не се медиумот преку којшто тоа може да се стори. Онолку колку што може да се рече дека прашањето на референдумот е прашање за дебата, размена на мислења или взаемно поучување, тогаш може да се каже дека таа дебата всушност, барем сега засега, не се случува.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG