Достапни линкови

Заев: Ако граѓаните останат дома, одлуката е на институциите


Прес конференција на премиерот Зоран Заев и Владата по повод Одлуката за распишување на референдумот

Не размислувам за неуспешен референдум и за не постигнат цензус, изјави премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција. Но, доколку граѓаните одлучат да останат дома во таков случај тие ја пренесуваат одлуката на институциите. Заев ги повика граѓаните да излезат на референдум бидејќи тоа, според него е обврска пред татковината.

Убеден сум дека референдумот ќе успее и не очекувам опозицијата да го бојкотира, порача денеска премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата во Владата придружуван од речиси сите министри. Во Собранието без присуство на ВМРО-ДПМНЕ беше донесена одлуката за распишување на референдумот, кој ќе биде консултативен и ќе се одржи на 30 септември, а прашањето ќе гласи- Дали сте за влез во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?

Заев рече и дека не сака ни да помислува што ќе биде доколку не се исполни цензусот за излезност на референдумот. Според него, се работи за историска одлука која може да ја донесат само граѓаните.

„Не размислувам за неуспешен референдум и за не постигнат цензус. Сите знаеме дека огромно мнозинство ќе бидат за и таа е таа волја на граѓаните што треба да ја почитуваме. Но, јас сум убеден дека референдумот ќе биде целосно успешен и ќе ги постигне двата кумулативни аспекти. Тоа е да има повеќе од 50 отсто излезност, а истовремено огромно мнозинство да гласаат за македонската иднина“, рече Заев.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ е првата партија која се залагала граѓаните да се изјаснат за промена на името на референдум и затоа, Заев смета дека опозицијата нема намера да повика на бојкот.

Ако граѓаните заклучат дека прашањето им е тешко дека не се доволно информирани може да донесат одлука да останат дома, без разлика на политичките партии. Тоа овој пат не е дозволиво. Во таков случај тие ја пренесуваат одлуката на институциите. Тоа го кажувам така заради тоа што со сите правници и релевантни фактори во државата и сите што го толкуваат Уставот и законот тоа всушност значи така.Но, не сакам да зборувам што ако, тоа влијае кај граѓаните“, рече Заев.

Тој порача дека граѓаните мора да излезат на референдум и да го кажат своето мислење, бидејќи тоа е обврска пред татковината.

„Опција има да се гласа за и да се гласа против. Но, опција дали да излеземе или не нема. Треба да излеземе ако сме вистински патриоти и ако си ја сакаме Македонија, иако навистина во демократска земја токму граѓаните се тие коишто ја дефинираат иднината на нашата земја“, порача Заев.

Заев: Сите граѓани треба да се изјаснат на референдумот
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:17 0:00

Од ВМРО-ДПМНЕ претходно реагираа дека Заев ги излажал граѓаните со ветувањето за задолжителен референдум.

„СДСМ повторно покажа самоволие и непочитување на парламентарната демократија. Свесни за штетноста на капитулантскиот договор и свесни дека договор за промена на уставното не е прифатлив за граѓаните, насила, и со тешка манипулација преку двосмислено референдумско прашање се обидуваат да го протуркаат“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Се уште нема одлука дали ВМРО-ДПМНЕ ќе повика на бојкот на референдумотза тоа дополнително ќе одлучуваат највисоките партиски органи. На социјалните мрежи веќе има и групи кои се за бојкот на референдумот и промена на името.

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан на Твитер ја поздрави одлуката на Собранието.

„ЕУ го поддржува овој договор и неговата имплементација како симбол на помирување и добрососедски односи во регионот. Ги повикувам сите граѓани на Македонија да го искористат своето демократско право на глас. Се работи за нивната земја и нивната иднина“, напиша Хан.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG