Достапни линкови

Класифицираните документи за името го одложија експозето на Димитров во Собранието


Министерот Никола Димитров
Министерот Никола Димитров

Претседателот на Комисијата за надворешни работи од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, не му дозволи на шефот на македонската дипломатија Никола Димитров да се обрати на денешната седница пред да им биде дозволен увид во класифицираните документи од лидерските средби одржани во јануари и во мај годинава на кои стана збор за спорот за името.

Експозето на шефот на македонската дипломатија Никола Димитров во собраниската Комисија за надворешна политика се одложи поради барањето на нејзиниот претседател од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски. Тој бара да им се дозволи на него и на членовите на комисијата, кои имаат безбедносни сертификати, увид во класифицираните документи од лидерските средби одржани во јануари и во мај годинава на кои стана збор за спорот за името со Грција.

Милошоски обвини дека претседателот на Собранието, Талат Џафери им забранил на службите да ги достават документите кои веќе биле подготвени. Според него, тоа создава сомнеж оти владата сака да ги скрие информациите.

Дали е забраната за поделбата на овој материјал затоа што на првата средба во јануари, оваа година се усвоил национален консензус да нема менување на Уставот по однос на решението со Атина. Таквото тврдење го има и министерот Димитров. Или е забраната издадена затоа што на втората средба во мај оваа година е кажано дека Уставот може да се менува како предлог на Владата, само доколку решението биде Илинденска Македонија и за ниеден друг предлог. Во спротивно Македонија ќе се вратела на двојната формула“, рече Милошоски.

Пратеничката од СДСМ Ивана Туфегџиќ истакна дека дневниот ред веќе бил усвоен, а прва точка е обраќањето на Димитров. Според неа, Милошоски манипулира со јавноста, а за документите тие немаат против да се расправа на некој друга седница на комисијата.

„Ние усвоивме дневен ред. На тој дневен ред е извештајот на министерот. Во извештајот на министерот нема класифицирани материјали и од тие причини не може да вршите упад во дневниот ред со класифициран материјал“, порача Туфегџиќ.

Пратеникот на ДУИ, Артан Груби, побара од Милошоски да ги прочита и другите детали од класифицираните извештаи.

Да ве поканам да се одважите чим веќе читате од тие извештаи, на една од тие средби сум бил присутен и јас, да ги прочитате тука јавно пред нас“, посочи Груби.

Милошоски му дофрли дека морал да се пофали за неговото присуство на средбата. Но Груби негираше дека тоа му е целта.

„Не. Многу обожуваат значи овие пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ми упаѓаат во збор, исто како Талат Џафери на нив. Идол сум им“, додаде Груби.

Тоа наиде на негодување од пратениците на опозицијата, а тие од СДСМ довикуваа Милошоски да прочита сè од документите. Груби побара и да му се каже архивскиот број на документот и да се гласа по неговиот предлог Димитров најпрвин да се обрати, но Милошоски тоа го игнорираше.

Имаме пракса во Собранието со постапување со класифицирани материјали, порача пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.

Но треба некој да излезе, дали е тоа Талат Џафери или некој друг, да се потпише и да даде аргументација зошто тој документ или документи не смеат да ги добијат пратениците. Немам проблем некој да донесе одлука дури и таква, но мора да ја образложи“, рече Димовски.

Пратениците од СДСМ повикаа Милошоски да ги обелодени и ставовите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изречени на лидерските средби. Милошоски, пред да де даде пауза, порача дека е потребно комисијата најпрвин да ги слушне ставовите на Димитров за името, кои според него, не биле конзистентни, па потоа да биде презентиран извештајот за неговата работа.

Димитров на паузата порача дека не знаел за класифицираните документи пред седницата.

Во секое време сум спремен да разговарам за сè, за моите ставови, бидејќи сум многу искрено влезен во овој процес. Предноста моја е тоа што го кажувам јавно, го кажувам и зад затворени врати и кога ќе се исполнат приликите, ова е надвор од мојата моќ и контрола, спремен сум да разговарам“, рече Димитров.

Во однос на изречените обвинувања од Милошоски за неговите различни позиции, Димитров посочи дека во сите преговори има тактики и секогаш кога се движат кон компромис се движат и двете страни и не може да открива детали од класифицираните документи. Ќе дојде време, според него, кога ќе се декласифицираат сите работи, но сега за него е важно процесот да има резултат.

Во меѓувреме, СДСМ најави кривични пријави против Милошоски и против член од Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов за оддавање државна тајна, затоа што, како што рече пратеникот Мухамед Зекири од СДСМ, извештаите од лидерските средби се класифицирани како државна тајна, а Милошоски се повикувал на нив.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG