Достапни линкови

Во фокусот на лидерската средба е формирањето на ДИК


Државно-политичкиот врв на лидерска средба за името на 19.05.2018

Лидерската средба ќе биде шанса за власта и опозицијата да се договорат пред се за формирањето на ДИК од што зависи спроведувањето на референдумот.

Лидерската средба на политичките партии која ја свика премиерот Зоран Заев ќе биде одржана денеска во Клубот на пратениците. На средбата, која ќе започне во 18 часот, како што соопшти владината прес-служба, е предвидено да присуствуваат лидерите на партиите со плус по уште еден претставник. Новиот формат, според соопштението, е заради исклучителниот политички момент кој наложува проширување на институционалната рамка на лидерските состаноци.

Клучно прашање на кое се очекува да се расправа на лидерската средба е формирањето на ДИК кое беше попречувано од опозицијата. Власта предложи измени на Изборниот законик, според кои, наместо како досега со двотретинско мнозинство членовите на ДИК да се избираат со просто мнозинство од 61 пратеник. Измените се со европско знаменце и е предвидено да се гласаат по скратена постапка.

Марко Трошановски од Институтот за демократија вели дека правните импровизации кои се прават сега, не се многу различни од оние на претходниот мандат на Собранието, но имајќи го предвид стратегискиот интерес на земјата и важноста на референдумот кој претстои, одговорноста за неговото спроведување е над се.

Во таа смисла на претстојната лидерска средба би требало и би било најдобро ова прашање конечно да се реши со закажување на седница на комисијата и избор на членовите на ДИК. Но, доколку не се реши се разбира решението како што гледаме е во измени на Изборниот законик“, вели Трошановски.

ВМРО-ДПМНЕ бараше пред формирањето на ДИК во Собранието да се изгласаат Законот за финансирање на партиите и измените во Законот за Влада, со кој ќе се воспоставува техничка Влада на 100 дена пред избори. Со тоа опозициската партија го блокираше процесот, бидејќи за да се изберат членовите на ДИК беше потребно двотретинско мнозинство. Од изборот на членовите на ДИК зависи и спроведувањето на референдумот.

Мора конечно одговорно да се постапува и од позиција на власт и од опозиција по вакви прашања и да се стеснува просторот за вакви правни преседани и импровизации, бидејќи тие ја нарушуваат легитимноста на самиот процес и создаваат правна несигурност за иднината и дополнително ги дискредитираат институциите и политичките партии, а ја намалуваат и довербата на граѓаните во институциите на системот“ додава Трошановски.

Едно од прашањата за кои треба да се постигне договор е и како ќе биде формулирано прашањето за референдумот, како и тоа дали тој ќе биде консултативен или обврзувачки. Добро е и за овие прашања да се постигне консензус, истакнува Трошановски, но тој има резерва дека тоа е остварливо, бидејќи доколку имаше волја власта и опозицијата досега ќе постигнеа согласност.

Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски во однос на тоа кога најрано може да се очекува формирање на ДИК изјави дека најпрвин ќе се чека на лидерската средба и дали од неа ќе има некаков резултат по прашањето. Според Бошњаковски, или за предлог измените ќе има политички консензус или тие ќе бидат изгласани во Собранието по скратена постапка.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG