Достапни линкови

Неделен печат - Договорот за името и економските ефекти


Министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас го потпишуваат договорот за името

Неделникот Капитал пишува за економските придобивки од решението на спорот за името. Фокус, пак, пишува дека поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков го нуди Срѓан Керим за претседател на државата во замена за поддршка за договорот за името.

Капитал - Македонија доби покана за членство во НАТО – што може да се очекува на економски план

„Македонија доби покана за членство во НАТО – што може да се очекува на економски план“ – анализира Капитал во најновото издание на двобројот. Искуството на новите членки на Алијансата, главно земји што произлегоа од поранешниот социјалистички блок во Европа и пристапуваа кон евроатлантската Алијанса од 1990-те наваму, покажуваат раст на инвестициите и на БДП, поточно, зголемена економска активност непосредно пред, за време на процесот на пристапување, а особено по официјалното членство во НАТО или ЕУ, анализира Капитал. И иако економскиот раст не зависи само од членството во НАТО и ЕУ, продолжува неделникот, она што го покажува статистиката е јасно: речиси сите нови членки од 1999 година наваму забележуваат раст на БДП и странските инвестиции непосредно по влегувањето во Алијансата, заради зајакнатата политичка и безбедносна стабилност на државите. Неделникот ги покажува и табеларно растот на брутодомашниот производ и на директните странски инвестиции во секоја од новите членки на НАТО, почнувајќи од Чешка, завршувајќи со Словенија, Албанија и Хрватска. Капитал наведува дека економските ефекти се позабележливи кај Албанија, која и покрај ефектот на светската финансиска криза во регионов, во која приливот на странски инвестиции од нешто малку над 6 отсто во 2007 година, во 2009 година се зголемил на над 11 отсто, за следните неколку години да се движи во интервалот од 8-10 отсто од БДП на земјата.

Фокус - Големиот братучед го нуди Керим за претседател, во замена за поддршка на Договорот со Грција!

Фокус ја анализира ситуацијата во земјава по Договорот за името со Грција и „комбинациите“ на „луѓето во сенка“ на поранешната власт. „Големиот братучед го нуди Керим за претседател, во замена за поддршка на Договорот со Грција!“, открива неделникот во уводниот текст „За нештата да станат појасни“. Имено, авторот ја открива валканата комбинаторика на Сашо Мијалков кој подготвувал пакет-решение за имплементација на Договорот со Грција: Срѓан Керим би бил заеднички кандидат за претседател, избран во парламентот, а не на општи избори, референдумот би поминал мазно, а пратениците на ВМРО-ДПМНЕ би гласале за уставни промени. Но, Мицкоски се противел на ваквиот план, ама Мијалков контролирал десетина пратеници и се заканувал дека со нив ќе го стокми потребното двотретинско мнозинство и ќе ја подели партијата! Дали сценариото е изводливо? – прашува авторот на уводникот во Фокус.

Уште во една колумна во неделникот се изнесуваат вџашувачки податоци за тоа како работела власта на Груевски. „Криминал според закон“, е насловен текстот кој почнува со констатацијата дека „како со чекан по глава удира податокот дека само за две години, кога Груевски и неговиот братучед беа на врвот на политичката моќ, законот за градежно земјиште е менуван дури 29 пати!“ А кога ќе се извршела промената на законот и врз основа на таквите промени „законито“ ќе се реализирале личните цели и интереси, одново повторно се враќани старите решенија! – наведува авторот на колумната. И со промена на друг закон, овој пат, на оној за високо образование во 2013 година е овозможено полесно доаѓање до академските титули доктор на науки и магистер. Неделникот ги брои докторите на науки од поранешниот владин кабинет: министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и за култура, Елизабета Канческа – Милевска. Магистер е Сашо Мијалков. Пред десетина дена и поранешниот премиер Никола Груевски стана доктор на науки со можноста, со променетиот закон за образование, да ги преполага испитите од 2011 година! – потсетува Фокус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG