Достапни линкови

Поканата за членство во НАТО – главна тема во дневниот печат


Самитот на НАТО во Брисел
Самитот на НАТО во Брисел

Поканата за членство што Македонија ја доби на Самитот на НАТО во Брисел е главна тема во сите македонски медиуми.

НАТО, НАТО, НАТО... И некој што сака и некој што не сака да го слушне ова име - ќе го прочита. Во електронските изданија на печатените медиуми доминира веста од Брисел дека Република Македонија доби официјалната покана да ја почне процедурата за членство во Алијансата. Условена, додека не си ги заврши обврските преземени со Договорот за името со Грција.

Нова Македонија, Независен и Слободен печат го објавија постот на премиерот Заев на својот ФБ профил напишан во средата на првиот ден на Самитот на НАТО во Брисел: „Радувај се Македонијо! Портите за нашето полноправно членство во НАТО се отворени“. Вечер ја објавува изјавата на генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг: „Се согласивме Скопје да започне преговори за пристап во Алијансата“. Слободен печат додава: „Од Самитот на НАТО во Брисел порака дека Договорот со Грција е ’приемен испит‘ за Македонија“.

И Нова Македонија и Слободен печат цитираат дел од кажаното на Заев во Брисел на конференцијата: „НАТО ангажмани: Дијалози на Самитот во Брисел“, на која учествуваше како говорник: „Република Македонија станува дел од семејството, во куќа во која припаѓаме“. Нова Македонија во друг наслов го цитира уверувањето на Заев: „Повеќето граѓани ќе гласаат позитивно на референдумот“.

Нова Македонија, Слободен печат и Независен ги цитираат зборовите Столтенберг на прес-конференцијата при објавувањето на официјалната покана: „Нема НАТО без промена на името. На луѓето во Македонија е да одлучат, ова е можност што доаѓа еднаш во животот, или ќе го поддржат Договорот и ќе станат членка, или нема да го поддржат и нема да станат членка, не може двете работи да ги добијат“.

Слободен печат ја пренесува изјавата на координаторот за НАТО на Македонија, Стево Пендаровски за ТВ Телма: „Со 10 до 12 отсто водат граѓаните кои се за влез во НАТО и ЕУ под името Северна Македонија“, анкети што според неговите зборови не ги правела Владата.

За ВМРО-ДПМНЕ, „Македонија денеска доби шамари, ВМРО-ДПМНЕ бара оставки од Заев и Димитров“, објави Вечер.

Порталот на истиот весник ја пренесува веста на агенцијата Макфакс за пишувањето на грчки Катимерини: „Грција протерува руски дипломати кои се мешале во постигнувањето договор помеѓу Атина и Скопје и извршиле активности што не се совпаѓаат со нивниот дипломатски статус“. Во информацијата се додава дека двајцата руски дипломати учествувале и во поттикнувањето демонстрации во Атина и Солун против постигнатот Договор меѓу двете земји.

Електронските изданија на весниците го објавуваат апелот на МВР во врска со починатиот Никола Саздовски откако бил претепан од тројца врсници во Автокоманда: „Да не се поттикнува говор на омраза, случајот е расчистен од страна на МВР и е предаден во надлежност на Основното јавно обвинителство“. Вечер ги објавува двете прес-конфренции, и на ВМРО-ДПМНЕ, при што се обвинува министерот Спасовски дека „премолчува детали за убиеното момче“, и на СДСМ: „ВМРО-ДПМНЕ поттикнува говор на омраза злоупотребувајќи го трагичниот настан со Никола Саздовски“.

И додека јавноста се занимава со членство да-не, како брзо да се заборави веста што ја објавија сите медиуми дека 12-те деца и нивниот тренер по фудбал конечно, со натчовечки напори на меѓународен спасувачки тим и нуркачи од тајландската армија, по три недели во поплавената пештера ја видоа светлината на денот.

А и тоа дека 80 отсто од јаболковите насади во преспанскиот регион се уништени од невремето, како што објави Вечер. Се чини годинава слабо ќе јадеме домашни јаболка.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG