Достапни линкови

Руските обиди против Македонија во НАТО нема да успеат


Грчката амбасада во Москва
Грчката амбасада во Москва

По одлуката на грчките власти од земјата да бидат протерани двајца руски дипломати поради нивно мешање во договорот за името упатените очекуваат напорите на Москва да влијае против членството на Македонија да продолжат. Но, тоа ,според нив, нема да ја одврати земјата од остварување на нејзините стратешки цели.

Руските обиди Македонија да не стане членка на НАТО ќе продолжат и во наредниот период, но тие нема да вродат плод, сметаат упатените. Грчките медиуми јавија дека од земјата ќе бидат протерани двајца руски дипломати, а на уште двајца ќе им биде забранет влез поради нивните обиди да го поткопаат договорот со Македонија за спорот за името. Руското МНР соопшти дека ќе реагира на таквата одлука, без да прецизира кои мерки ќе бидат преземени. Постојниот руски претставник во ЕУ, Владимир Чижов, пред неколку дена повторно изјави дека приемот на Македонија во НАТО ќе биде грешка со последици.

Поранешниот амбасадор и политички аналитичар Алајдин Демири вели дека во интерес на Русија е да не успее договорот за името меѓу Македонија и Грција.

Во суштина е да се одржи тензичната состојба во Балканот и нивното присуство да биде неминовно. Во Македонија јас мислам дека делуваат многу институционално и тоа преку претседателот Ѓорѓе Иванов. Иванов најдобро и најуспешно ги спроведува сите замисли и идеи на Русија, така да немаат потреба за некои тајни делувања, она што го прават на пример во Грција“, смета Демири.

Според поранешниот дипломат Благој Зашов, приемот на Македонија во НАТО е завршена работа и само се чека на процедурата да биде финализирана. Интересот на Русија, како што наведува тој, ќе продолжи и понатаму, но тоа ништо не менува во определеноста на Македонија да биде членка во НАТО и да отпочне преговори со ЕУ.

Ништо не е чудно Русија и досега работела и работи на тоа, но мислам дека тоа нема да даде плод. Не верувам во такво нешто“, посочува Зашов.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека ставовите на Русија биле особено видливи во изминатата година, но фокусот на властите бил што Македонија ќе направи за себе, а не што Русија или кој било друг ќе каже за стратешките цели на земјата.

Ние ја повторуваме истата реченица во која искрено веруваме, а тоа е дека сакаме добри односи со Русија, сакаме добри односи со други земји, како Кина, влијателни и моќни земји со кои развиваме билатерална соработка. Но, одлуките за стратегиска припадност и стратегиска цел како што е членството во НАТО и во ЕУ, припаѓаат на нашите граѓани и сметаме дека секоја суверена држава треба така да се однесува и тоа да го практикува“, рече Шекеринска.

Рускиот амбасадор во Македонија, Олег Шчербак во март годинава изјави дека членството во НАТО може да има последици по регионалната безбедност и по билатералните односи меѓу двете земји.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG