Достапни линкови

На детскиот ликовен камп во Пелинце твореа и лицата со попречености


Детски ликовен камп во Меморијалниот центар АСНОМ во селото Пелинце на кој учествуваа и лица со попречености
Детски ликовен камп во Меморијалниот центар АСНОМ во селото Пелинце на кој учествуваа и лица со попречености

Ученици од Куманово, но и лица со попречености учествуваа на осмиот Детски ликовен камп во кумановското село Пелинце.

Талентирани основци од кумановските училишта го завршија осмото издание на Детскиот ликовен камп во Меморијалниот центар АСНОМ во селото Пелинце, на кој учествуваа и лица со попречености од двата дневни центри од Куманово. Кампот традиционално се организира од општинската Фондација за култура и спорт и Секторот за култура, со поддршка од градоначалникот и Советот.

„На кампот учество земаа 30-ина ученици од сите основни училишта, заедно со своите ментори, а свои ликовни творби направија и корисници од двата дневни центри за лица со попречености, „Порака Наша“ и Дневниот центар од нашиот град“, изјави Десанка Стошевска, секретар во Општината Куманово и додаде дека целта на оваа традиционална манифестација е да го поттикне уметничкиот дух и креативноста кај децата.

Затоа и секоја година кампот е сè поатрактивен. Според неа, кампот е извор на ликовни таленти, коишто Општината и во иднина ќе ги поддржува.

Учесници на ликовниот камп во Пелинце
Учесници на ликовниот камп во Пелинце

На некои од учениците ова им е второ или трето учество.

„На детскиот ликовен камп сум вторпат, работиме во различни техники, графика, сликање на платно, поп арт, скулптури од отпадни материјали“, вели Мимоза Соја од ООУ „Наим Фрашери“.

Ана Крстиќ од ООУ „Кочо Рацин“ е трет пат на кампот од кој е воодушевена.

„Работиме на платно со акрилни бои, правиме различни предмети од отпадни материјали, скулптури од глина и секако поп арт. Се запознаваме со техниката на уметноста. Благодарение на професорите и организаторите на кампот успеавме нашите идеи да ги реализираме и нашиот уметнички дух да го претставиме на дело. Најмногу ми се допаѓа тоа што ја запознаваме убавината на уметноста“, вели таа.

На кампот се направени стотина дела, а талентираните деца не само што работат, туку и се дружат.

„Мислам дека секоја година заинтересираноста е сè поголема, тоа нè радува и ќе продолжиме со поголем ентузијазам. Овие дела се подаруваат на „Порака Наша“, вели Симона Јакимовска, една од менторите.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG