Вести
Помпео - Разговорите во Пјонгјанг беа „продуктивни“
Американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави дека дводневните разговори во Пјонгјанг за поставување временска рамка за денуклеаризација на Северна Кореја биле „продуктивни“. Тој рече дека разговорите со високиот севернокорејски претставник Ким Јонг Чол биле водени „со добра волја“ и дека во некои области бил постигнат „голем напредок“.
„Мислам дека постигнавме напредок во секој елемент од нашиот разговор“, рече Помпео за време на летот кон Токио.
Сепак, тој нагласи дека има уште работа во другите области, од кои голем дел ќе биде завршена од работните групи што двете страни ги формираа за справување со конкретните прашања. Помпео рече дека тим од Пентагон ќе се сретне со севернокорејски претставници на 12 јули на границата меѓу Северна и Јужна Кореја, каде ќе разговараат за враќање на останките на американските војници загинати за време на Корејската војна.
Ова е прва посета на Помпео на Северна Кореја по Самитот меѓу претседателот Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун во Сингапур на 12 јуни.
види ги сите денешни вести
Петмина загинати во најновите руски напади во Украина
Руски ноќни напади на 2 март убија најмалку пет лица во Украина, додека Москва продолжува со војната и покрај притисокот за преговори предводени од САД, соопштија украинските власти во понеделник.
Три лица се убиени во источниот град Краматорск, украинско упориште кон кое руските сили напредуваат, изјави шефот на воената администрација на градот.
Телото на 55-годишен маж е пронајдено одделно во урнатините на куќа во централниот регион Дњепропетровск, додека една жена е убиена во северниот регион Чернигив, објавија локалните власти.
Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година, предизвикувајќи го најсмртоносниот конфликт во Европа од Втората светска војна, што доведе до стотици илјади воени и цивилни жртви од двете страни во војната.
Проценките за бројките на жртвите варираат, но еден неодамнешен извештај го процени бројот на убиени, ранети и исчезнати на 1,2 милиони Руси и 500.000-600.000 Украинци.
Конфликтот расели милиони Украинци од своите домови. Светската банка изјави во пресрет на годишнината дека реконструкцијата на економијата ќе чини 588 милијарди долари во текот на една деценија.
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и безбедна, внатре и во регионот
Состојбата е стабилна и безбедна. Ние не сме во моментов изложени на нестабилност ниту има опасности по безбедноста внатре и во регионот, порача вечерва претседателката, Гордана Сиљановска-Давкова која закажа седница на Советот за безбедност по најновите случувања на Блискиот Исток.
Таа рече дека ваквата оценка се заснова на податоците од Агенцијата за разузнавање, АНБ, Министерството за надворешни работи, Министерството за одбрана и МВР, но исто така и од началникот на Генералштабот.
Претседателката рече дека министерот за надворешни работи, Муцунски кој е во САД, учествувал на седницата преку видео врска и информирал за растечкиот број на македонски граѓани кои се затечени во загрозените подарачја.
„Најважно е дека формираниот кризен центар во рамките на МНР е во постојан контакт со сите граѓани и уште еднаш повторувам, луѓето се загрижени. Причината е затвореното небо за прелети. Во некои држави, Катар на пример, можноста беше со бродски превоз, но и тој не фунцкиноира. Факт е дека се згрижени, безбедни и во постојан контакт со МНР“, додаде Сиљановска-Давкова.
Таа нагласи дека постои систем на рано предупредување и сите институции „во рамките на надлежностите ги анализираат состојбите, се координираат и информираат“.
Претседателката истакна дека нашите органи се во координација со оние од регионот.
„Како што знаете сѐ уште НАТО немал седница која ќе биде посветена, но Советот за безбедност заседаваше, се разбира дека и регионалните информации ќе бидат споделени“, посочи таа на вечерашната прес конференција.
Според неа, во вакви ситуации се „размислува за можното влијание не само на безбедноста, туку и на економијата и користењето на енергенсите“. Но, како што рече, и во тој поглед нема проблем.
„Нема зошто да се грижиме во моментов, ќе ги следиме состојбите и соодветно ќе реагираме“, додаде Сиљановска-Давкова.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија е определен со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Трамп тврди дека се убиени 48 ирански лидери
Претседателот на САД, Доналд Трамп изјави дека во американско-израелскиот напад биле убиени 48 ирански лидери.
„Никој не може да поверува колкав успех имаме, 48 водачи се отстранети одеднаш. И сè напредува многу брзо“, рече Трамп во интервју за Фокс њуз.
Официјални лица од Централната команда на САД, која ги надгледува операциите на Блискиот Исток, соопштија дека тројца американски војници загинале во акција, а петмина се тешко ранети.
Во соопштението не се наведени детали каде и како биле погодени војниците. Наведено е само дека неколку други војници „се здобиле со полесни повреди од шрапнели и потреси на мозокот и се во процес на враќање на должност“.
Во меѓувреме, Ројтерс, повикувајќи се на списанието „Атлантик“ објави дека американскиот претседател, Трамп вели оти новото иранско раководство сака да разговара со него и дека тој се согласил.
„Сакаат да разговараат, а јас се согласив да разговарам, па ќе разговарам со нив. Требаше тоа да го направат порано. Требаше порано да го дадат она што беше многу практично и лесно да се направи. Предолго чекаа“, рече Трамп во интервју од својата резиденција на Флорида.
Трамп не прецизираше со кого ќе разговара ниту кажа дали тоа ќе се случи во недела или во понеделник.
Тројца американски војници загинаа за време на воената операција во Иран
Тројца припадници на американската војска загинаа, а петмина се тешко ранети во рамки на операцијата за напад врз Иран, објави Централната команда на САД.
Уште неколку припадници на војската се здобиле со полесни повреди од шрапнели и потреси на мозокот и се проценуваат пред да се вратат на должност.
Големите борбени операции сè уште се во тек, а напорите за одговор продолжуваат, рекоа официјални лица.
„Ситуацијата е променлива“, се наведува во соопштението од командата, додавајќи дека од почит кон семејствата идентитетот на загинатите нема да биде објавен до 24 часа откако ќе биде известено најблиското семејство.
Нападите ги зголемија тензиите во регионот додека сирените за воздушна тревога се огласуваа низ Блискиот Исток.
Соединетите Американски Држави во саботата соопштија дека започнале „превентивни воени удари“ врз Иран откако заклучиле дека Техеран се подготвува да го употреби својот ракетен арсенал против американските сили и сојузници и дека нема намера да прифати значајни ограничувања на својот нуклеарен програм.
Во неформален разговор со новинарите, високи претставници на администрацијата рекоа дека разузнавачките податоци кои укажувале на потенцијален превентивен ирански напад, во комбинација со, како што наведоа, неуспешните нуклеарни преговори, не му оставиле на американскиот претседател Доналд Трамп „друг избор“ освен да дејствува.
Најмалку деветмина загинати во судири пред американскиот конзулат во Карачи
Најмалку девет лица загинаа, а 32 се повредени во судири откако стотици пакистански шиитски муслимани, поддржувачи на Иран, разгневени поради смртта на иранскиот врховен водач ајатолах Али Хамнеи, упаднаа во американскиот конзулат во пакистанскиот град.
Организацијата на студенти Имамија (ИСО), студентско крило на шиитските политички и верски групи, се упати кон конзулатот на 1 март, еден ден откако Хамнеи загина во американските и израелските воздушни напади.
Демонстрантите ги скршија прозорците и вратите на конзулатот во обид да ја преземат зградата. Тие го пробија надворешниот безбедносен појас, но не и самата зграда, додека пакистанските безбедносни сили интервенираа, што резултираше со смрт на девет демонстранти, изјавија спасувачките служби за Пакистанскиот сервис на Радио Слободна Европа.
Официјалните лица наведоа дека ситуацијата во Карачи останува многу напната, додека полицијата се бори да ги задржи демонстрантите, чиј број се проценува на околу 1.500, подалеку од таа област. Друга група, за која се проценува дека е двојно побројна, е видена како се движи кон конзулатот по друг пат во градот. И таму се пријавени судири со безбедносните сили.
Извори од градската администрација изјавија за РСЕ дека војската може да биде повикана во градот доколку бројот на демонстранти продолжи да расте.
Слична ситуација имаше и во други градови низ Пакистан, со протести на шиитски муслимани во Пешавар, Лахор и главниот град Исламабад. Шиитските муслимани сочинуваат околу 20 проценти од населението.
Во Исламабад, стотици демонстранти се соочија со интензивно испалување солзавец од полицијата додека се обидуваа да стигнат до американската амбасада.
Друга група, која според официјалните лица, брои околу 1.000 луѓе, започна протести неколку километри од амбасадата.
„Ги следиме информациите за тековните демонстрации во американските генерални конзулати во Карачи и Лахор, како и повиците за дополнителни демонстрации пред американската амбасада во Исламабад и генералниот конзулат во Пешавар“, соопшти амбасадата во Исламабад во објава на платформата X (Икс).
Во обид да ги задушат немирите, пакистанските власти го применија Членот 144, со кој се забрануваат јавни собири и носење оружје, заедно со други рестрикции.
Во Пешавар се собраа стотици шиитски демонстранти и членови на ИСО, а нивниот број расте. Организаторите изјавија за РСЕ дека планираат марш кон американскиот конзулат. Околу конзулатот се распоредени големи полициски сили, а оклопни возила патролираат низ делови од градот.
Шиитските верски и политички групи исто така започнаа протестно седење пред американскиот конзулат во Лахор. Околу илјада лица, меѓу кои жени и деца, учествуваат во протестот.
Полицијата постави барикади за да ја обезбеди главната порта на конзулатот.
Сѐ повеќе граѓани се обраќаат за помош по ситуацијата на Блискиот Исток
Се зголемува бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија по случувањата на Блискиот Исток.
Министерството информира дека со сите нив се одржува постојан контакт и се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција и нивна безбедна евакуација.
- Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, претходно во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија вчера беше формиран кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Израел започна нови напади откако Трамп изјави дека Хамнеи е мртов
Израел, по извештаите за смртта на иранскиот врховен водач ајатолах Али Хамнеи, продолжи да бомбардира локации во Иран на вториот ден од масовниот заеднички напад на Тел Авив и Вашингтон врз Исламската Република.
Рано в недела немаше информации за понатамошни американски воздушни напади, откако претседателот Доналд Трамп ден порано изјави дека Вашингтон започнал „големи борбени операции“ против Иран, во еден од најголемите западни напади врз таа блискоисточна земја.
Трамп рече дека „тешкото и прецизно бомбардирање“ ќе продолжи во текот на неделата или можеби подолго.
Шефот на Пентагон, Пит Хегсет напиша на X (Икс) дека „иранскиот режим имал своја шанса, но одбил да склучи договор, и сега трпи последици“.
Ударите го доведоа регионот на работ, додека сирените за воздушна опасност се огласија низ целиот Блиски Исток поради одмаздничките удари на Техеран врз Израел и арапските земји каде се наоѓаат американски воени ресурси.
Откако американските и израелските бомби паднаа врз иранските градови, на улиците на Техеран и неколку други градови, според извештаите, се славеше откако Трамп изјави дека Хамнеи е убиен во американско-израелските напади.
„Хамнеи, еден од најлошите луѓе во историјата, мртов е“, напиша Трамп на Truth Social во сабота. Тој не обезбеди никакви докази кои би ја поткрепиле таа изјава.
„Ова не е правда само за народот на Иран, туку и за сите големи Американци и луѓе од многу земји ширум светот кои беа убиени или осакатени од Хамнеи и неговата банда крвожедни насилници“, додаде Трамп.
Техеран директно не коментираше за изјавата на Трамп, но претходно во саботата издаде неколку деманти по повеќе извештаи вклучително и тврдењата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кои сугерираат дека 86-годишниот Хамнеи е мртов.
Рано во недела, иранската новинска агенција Фарс која е блиска до Исламска револуционерна гарда (ИРГЦ), не одговори на тие извештаи, но наведе дека членови на семејството на Хамнеи биле убиени во израелските напади.
Претходно се појавија извештаи дека биле убиени снаата и зетот на врховниот водач, но иранските медиуми ја демантираа таа вест неколку часа подоцна.
Агенцијата Ројтерс цитираше сведоци кои рекоа дека имало славење во неколку градови вклучително во Техеран, Караџ, Шахавар и Исфахан.
Непроверени видео снимки исто така прикажаа „славење во Шираз и Абданан“, каде се слушаа сирени од автомобили кои носеа фотографии на некои од илјадниците демонстранти убиени при гасењето на антивладините протести во јануари.
Голем удар за режимот
Доколку се потврди дека Хамнеи е мртов, тоа би претставувало голем удар за ослабеното лидерство на таа земја.
Хамнеи имаше речиси диктаторски овластувања откако стана врховен водач во 1989 година по смртта на основачот на Исламската Република, ајатолах Рухола Хомеини.
Како врховен водач, Хамнеи беше гласен противник на обидите на било кои потенцијални умерени лидери да ги подобрат односите со Западот. Тој исто така беше мета на омраза од многумина во Иран кои беа гневни поради репресијата на теократскиот режим во Техеран.
Израелската армија соопшти дека погодила повеќе области во главниот град каде што се собрале високи официјални лица, како и дека погодила ирански локации за лансирање ракети, вкупно 500 цели, со околу 200 воени авиони кои учествувале во првите бранови.
Трамп и Нетанјаху изјавија дека извештаите укажуваат дека во воздушните напади загинале и неколку други лидери.
Израел соопшти дека меѓу загинатите се и високиот советник на Хамнеи, Али Шамкан, и Мохамед Папор, командант на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ).
Рано во недела, израелската армија соопшти дека завршила уште еден круг воздушни напади насочени кон балистички ракети и противвоздушната одбрана во централниот и западниот дел на Иран. Деталите засега не се достапни.
Американската армија која ја нарече кампањата „Операција Епски бес“, соопшти дека нема американски жртви на првиот ден од нападите и дека евентуалната штета на американските објекти во регионот што ги погоди Иран е „минимална и не влијае на операциите“.
Иран го возврати ударот во регионот
Техеран возврати напад врз Израел и седум други земји, вклучувајќи ги државите од Персискиот Залив каде се наоѓаат американски воени објекти.
Бахреин, во кој е сместена Петтата флота на американската морнарица – огромен центар за поморски активности на Блискиот Исток, соопшти дека бил погоден со ракетен напад, додека Катар соопшти дека ги соборил сите ракети насочени кон таа мала земја, која дејствуваше како посредник во американско-иранските преговори за нуклеарниот програм на Техеран.
Трамп му се закануваше на Иран со воени удари доколку не постигне договор за својот нуклеарен програм.
Западот се сомнева дека Техеран сака да изработи нуклеарно оружје, додека Иран наведува дека програмот има исклучиво цивилни цели. Преговорите не успеаја да доведат до напредок.
Иранската новинска агенција Мизан, која е поврзана со иранското правосудство, соопшти дека 108 лица загинале во напад врз училиште за девојчиња во Минабу, обвинувајќи го Израел.
Западните новинари немаа дозвола за пристап до локацијата и таа тврдење не можеше да се потврди.
Експлозии се пријавени на неколку локации во Израел откако Иран лансираше проектили кон својот разгневен непријател.
Израелската служба за вонредни ситуации соопшти дека 40-годишна жена загинала во областа на Тел Авив и дека најмалку 21 лице е повредено на други локации. Засега не е јасно дали експлозиите биле предизвикани од директни погодоци на иранските проектили или од остатоци откако проектилите биле соборени.
Советот за безбедност на ОН се состана во сабота по повод последното насилство, а генералниот секретар Антонио Гутереш повика на итен прекин на непријателствата.
Трамп објави дека Хамнеи е мртов по американско - израелските воздушни напади
Американскиот претседател Доналд Трамп на социјалните мрежи објави дека иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, е мртов, повикувајќи се на повеќе извештаи според кои 86-годишниот тврдокорен лидер бил убиен во американски и израелски воздушни напади.
„Хамнеи, еден од најзлите луѓе во историјата, е мртов“, напиша Трамп.
„Ова не е само правда за народот на Иран, туку и за сите големи Американци и за луѓето од многу земји ширум светот кои биле убиени или осакатени од Хамнеи и неговата банда крволочни насилници.“
„Тој не успеа да ги избегне нашите разузнавачки и високо софистицирани системи за следење и, во тесна соработка со Израел, немаше ништо што тој, или другите лидери кои беа убиени заедно со него, можеа да направат“, додаде Трамп.
До вечерта на 28 февруари немаше официјална потврда од Техеран за смртта на 86-годишниот врховен лидер на Иран — што, доколку е точно, би претставувало сериозен удар за веќе притиснатото иранско раководство.
Хамнеи има речиси апсолутни овластувања во Иран откако стана врховен лидер во 1989 година, по смртта на основачот на Исламската Република, ајатолахот Рухолах Хомеини.
Ројтерс претходно го цитираше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој изјави дека постојат „знаци“ дека врховниот лидер бил убиен во нападите.
„Утрово го уништивме комплексот на тиранинот Хамнеи“, рече Нетанјаху во видео-обраќање.
„Постојат многу знаци дека овој тиранин повеќе не е жив. Утрово елиминиравме високи функционери од режимот на ајатоласите, команданти на Револуционерната гарда, високи личности од нуклеарната програма — и ќе продолжиме. Во наредните денови ќе погодиме уште илјадници цели на терористичкиот режим“, додаде Нетанјаху.
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката, Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат, на седницата е вклучен преку видео - врска.
На седницата се присутни и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал - мајор Сашко Лафчиски.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија е определен со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.
Согласно последниот развој на безбедносната состојба на Блискиот Исток, претходно, на 28 февруари, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија формираше кризен штаб кој како што соопштија оттаму, континуирано ја следи состојбата и е достапен 24 часа дневно за сите потреби поврзани со помош, поддршка и асистенција на македонските државјани.
Иран во дигитален мрак поради блокирање на интернетот среде нападите
Во Иран е на сила „речиси целосен“ прекин на интернетот додека Соединети Американски Држави и Израел спроведуваат координирана кампања на воздушни напади низ земјата.
Според податоците на организацијата за мониторинг на интернетот НетБлокс, интернет-поврзаноста е падната на само четири проценти, што сериозно го ограничува протокот на информации додека воените операции се засилуваат.
Дигиталното исклучување започна набргу откако неколку ирански новински веб-страници, вклучително и официјалната новинска агенција ИРНА, објавија дека се цел на сајбер-напади.
НетБлокс наведува дека тековното нарушување на интернетот „соодветствува на мерките“ што ги презеде иранската влада за време на 12-дневниот судир со Израел минатиот јуни, што сугерира дека прекинот на интернетот е државен напор.
Воената операција, која американскиот претседател Доналд Трамп ја опиша како „големи борбени операции“, е започната заедно со Израел со цел да се демонтира иранската ракетна и нуклеарна инфраструктура.
Во видео-обраќање, Трамп изјави дека целта е да се елиминираат „непосредните закани“ за американскиот народ и сојузниците.
Нападите во Техеран се насочени кон највисоките нивоа на раководството на Исламската Република.
Проектилите наводно погодиле станбени комплекси на врховниот водач, ајатолахот Али Хамнеи, и на претседателот Масуд Пезешкијан во центарот на градот. Новинските агенции, повикувајќи се на информирани извори, наведуваат дека двајцата лидери се преместени на безбедни локации и дека се наоѓаат на сигурно.