Достапни линкови

Џафери се надева дека опозицијата нема да го кочи изборот на ДИК


Претседателот на Собранието Талат Џафери

Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери се надева дека опозицијата нема да го кочи изборот на членовите на Државната изборна комисија од која зависи и одржувањето на референдумот.

„Прв пат се случува Комисијата за избори и именувања да ја води опозицијата. По завршувањето на изборите во 2016, компромисно се договоривме и пруживме рака како мнозинство, да покажеме дека имаме верба во опозицијата. Со сето ветување од опозицијата дека нема да се искористи за опструкција таа Комисија, гледаме дека во пракса не е така“, рече Џафери во емисијата „Уреднички брифинг“ на 1ТВ.

Вели дека на проблемот со изборот на ДИК посочил уште кога нејзините членови поднеле колективна оставка.

„По барањето на политичките партии за колективната оставка на членовите на ДИК, моја сугестија беше да се води сметка дека се воспоставува лоша пракса на колективно откажување од функциите под плаштот на справување со една или со друга појава, затоа што ќе дојдеме во ситуација да немаме функционална институција, а сите сме луѓе и не сме договорени кога и што може во иднина да се случи“, истакна Џафери.

Тој посочува дека сите процедури за референдумот зависат од изборот и работата на ДИК. Точно е, потенцира тој, дека Собранието е надлежно да донесе одлука за распишување на референдум, меѓутоа ДИК е таа што треба да го спроведе.

Џафери потенцира дека откако ќе добие таа информација од политичките партии зад кои кандидати стојат, тој тие материјали ги доставува до Комисијата за избори и именувања за таа на седница изнесе предлог листа за членови на ДИК – кој ќе биде претседател, потпретседател, член. Таа предлог листа, вели тој, потоа треба да ја стави на посебна седница на Собрание.

Во врска со законите за употреба на јазиците и за ратификација на Договорот со Грција, Џафери повторно најави дека најверојатно ќе ги испрати во Службен весник во пакет.

Џафери го повтори ставот дека Иванов не може да се меша во законодавната власт и да ја нарушува поделбата на власта во Македонија, а тоа да станува пракса.

XS
SM
MD
LG