Достапни линкови

Вести

ОБСЕ со осуда за одлуката на рускиот суд за РСЕ

Лого на Радио Слободна Европа

ОБСЕ ја осуди одлуката на рускиот суд во која се наведува дека Радио Слободна Европа го прекршила контроверзниот закон на „странски агенти“. Судот му нареди на РСЕ да плати 100.000 рубљи (1.600 долари), откако беше отфрлено барањето на адвокатот на компанијата да го одложи сослушувањето.

„Одлуката на судот јасно покажува дека законот на „странските агенти“ непотребно ја попречува работата на медиумите и го стеснува просторот за слобода на медиумите во Руската Федерација", наведува Харлем Дезир, претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите во соопштението.

Пресудата беше изречена по осум месеци откако Министерството за правда ги означи како „странски агенти“ РСЕ, Гласот на Америка и неколку други медиумски организации.

види ги сите денешни вести

Заев-Гаши: Нема договор, но има напредок

Средба на премиерот Зоран Заев со лидерот на Алтернатива Африм Гаши

„Можеме да ви кажеме дека имаме напредок, следуваат консултации од нашите партии“, изјави кусо лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, по денешните разговори во Клубот на пратеници со премиерот Зоран Заев, за евентуалното приклучување на оваа партија во владата.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев и претседателот на Алтернатива, Африм Гаши по четири часа средба, го напуштија Клубот на пратеници. Тие не сакаа да коментираат каде се закочени преговорите за проширување на парламентарното мнозинство и дали ќе има нова средба.

Во соопштението од денешната средба се додава и дека се очекува до крајот на оваа недела да се остварат потребните консултации низ партиите и да се обезбеди потребното усогласување со цел за постигнување договор за можна заедничка влада, која според двете страни, ќе треба да се посвети на предизвиците кои доаѓаат од пандемијата и глобалната енергетска криза.

На денешната средба требаше да се разгледуваат кадровските решенија и распределбата на ресори.

Претходно премиерот Заев и Гаши имаа средба во понеделникот, кога, според соопштението испратено од владината прес-служба по нејзиното завршување, начелно бил договорен програмскиот дел од можната идна соработка на Алтернатива во Владата и дека консултациите за кадровските решенија се во тек. Тогаш беше најавено и дека по консултациите во партиите ќе следи и нова работна средба со тимовите.

Србија ги заостри мерките за влез на патници од Африка

илустрација

На седницата на Кризниот штаб на Србија, одлучено е годинашниот зимски распуст за учениците да почне на 31 декември и да трае до 24 јануари, како што беше претходно планирано.

„Ја разгледавме и зачестеноста, распространетоста и потенцијалните епидемиолошки компликации кога станува збор за новиот вид на коронавирус. Донесена е одлука за примена на одредени мерки кога станува збор за патници во меѓународниот сообраќај,“ изјави Дарија Кисиќ -Тепвачевиќ по седницата на Кризниот штаб.

Таа кажа дека мерките се однесуваат за патниците кои доаѓаат од Јужна Африка, Малави, Мозамбик, Боцвана, Лесото, Намибија и Зимбабве.

„Сите патници кои доаѓаат од овие земји, иако нема директни летови, но и кога ќе дојдат во транзит, ќе подлежат на мерки на аеродромот – ПЦР тест, доколку се негативни треба да бидат ставени во карантин 14 дена на местото на живеалиште во Србија, а по седум дена им се прави уште еден ПЦР и доколку се позитивни ќе бидат префрлени во соодветната ковид амбуланта или болница“, изјави Кисиќ -Тепавчевиќ.

Таа порача дека клучно за граѓаните е да се вакцинираат“, додавајќи дека денеска повеќе од 57 отсто од полнолетните граѓани се вакцинирани со првата доза, со втората 54 отсто и третина граѓани примиле три дози.

Столтенберг: Русија би платила висока цена за агресија врз Украина

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ја предупреди Русија да не користи сила против соседна Украина и изјави за Ројтерс дека Москва знае дека ќе плати висока цена преку санкции и други чекори на Западот за каква било агресија.

Украина, поранешна советска република која сега сака да се приклучи на Европската унија и НАТО, стана главна точка на несогласување меѓу Русија и Западот.

„Сите јасно ставивме до знаење дека цената ќе биде висока, а санкциите се една од опциите“, рече Столтенберг во интервју за Ројтерс.

Шефот на НАТО рече дека новите економски санкции против Русија, кои заедно со ЕУ би можеле да ги воведат САД, Велика Британија и Канада, се моќна алатка.

Русија вели дека нема намера да ја нападне Украина. Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија ќе биде принудена да дејствува доколку НАТО предводен од САД лансира проектили во Украина кои би можеле да ја погодат Москва за неколку минути.

Столтенберг рече дека е јавно познато оти сојузниците ѝ даваат воена поддршка на Украина и дека таа е одбранбена и во согласност со меѓународните обврски на сите сојузници. Украина се смета за близок партнер на НАТО, но се уште не е членка на Алијансата.

Столтенберг меѓудругото, ги отфрли обвинувањата дека Алијансата ја испровоцирала Москва со воени вежби во Црното Море.

„За разлика од Русија, НАТО отсекогаш ги следел прописите со кои се повикуваат странски набљудувачи на своите вежби. Проблемот со Русија е што тие не се транспарентни, што имаат многу агресивна реторика и искуство што покажува дека користеле воени вежби како маска за агресивни дејствија против соседите“, рече Столтенберг.

Тој додаде дека НАТО посветено работи на заштита на сојузниците од новите кинески и руски ракети кои би можеле да стигнат до Европа и Северна Америка.

Прекинат штрајкот на рударите во БиХ, јагленот поскап за 20 отсто

илустрација

Синдикатите на рударите и Електропривреда на БиХ со седиште во Сараево денеска постигнаа договор со кој заврши повеќедневниот штрајк во рудниците, според кој во иднина ќе се плаќа 20 отсто повеќе за јаглен за да се помогне во исплатата на нивните огромни долгови.

Со денови производството беше прекинато во седум рудници, заканувајќи се целосно да го наруши снабдувањето со електрична енергија во делот на БиХ што го снабдува електроенергетска компанија со седиште во Сараево.

Владата на ентитетот на Федерацијата БиХ и раководството на Електропривреда на БиХ се согласија да исполнат 12 од 13 барања на синдикатот на рударите, а се однесуваат на поскапување на јагленот за 20 отсто, покачување на платите, но и реструктуирање на рудникот.

„Во моментов тоа е нешто што синдикатот на рударите и работниците го понудија заедно во борбата за работничките права“, изјави претставникот на синдикатот на рударите во Федерацијата БиХ, Синан Хусиќ.

Директорот на Електропривреда БиХ, Адмир Андели изјави дека компанијата следната година нема да ја поскапи струјата за домаќинствата и покрај тоа што плаќа повеќе за јаглен за своите термоцентрали. Тој додаде дека не може да гарантира дека струјата нема да расте по 2022 година.

Рудниците во БиХ, од кои повеќето се државни, се најголемите должници во државата. Седум рудници во Федерацијата БиХ должат 480 милиони евра придонеси само за пензиски, здравствени и други обврски.

Шефовите на дипломатиите од НАТО на средба за З. Балкан

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг

Шефовите на државите од земјите членки на НАТО почнаа одвоена средба на пленарната седница на НАТО во Рига, која, според генералниот секретар Јенс Столтенберг е посветена на Западен Балкан.

„Регионот на Западен Балкан е од големо значење за нас. Забележуваме загрижувачки развој на ситуацијата, слушаме опасна реторика во Босна и Херцеговина, гледаме тензии меѓу Белград и Приштина, реформите се забавуваат, додека странските играчи го зголемуваат интензитетот на нивните штетни дејствија во регионот“.

Според Столтенберг, НАТО и ЕУ тесно соработуваат за доброто на регионот, вклучително и во Босна и Херцеговина и Косово.

Тој потсети на воените операции на НАТО во поранешна Југославија во 1990-тите, за кои рече дека „помогнале да се воспостави мир во регионот.

Нови 410 случаи со Ковид-19, десетмина починати

илустрација

Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, во последните 24 часа направени се 2.674 тестирања, а регистрирани се 410 нови случаи на Ковид 19, соопшти Министерството за здравство.

Од 410 новозаболени, во Скопје се 185, Битола – 31, Прилеп – 22, Охрид и Струмица – по 15, Велес, Кавадарци и Штип – по 14, Куманово – 13, Тетово и Кочани – по 10, Делчево – 8, Крива Паланка и Пробиштип – по 6, Радовиш, Валандово и Демир Хисар – по 5, Берово, Кратово и Крушево – по 4, Неготино – 3, Гевгелија, Свети Николе, Ресен, Виница, Македонски Брод и Македонска Каменица – по 2, Гостивар, Струга, Богданци, Пехчево и Дојран – по 1.

Во изминатото деноноќие починале 10 лица. Сите пријавени лица се починати во болнички услови.

Дополнително, согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза Ковид-19 од „Мој Термин“, пријавено е едно починато лице со датум на смрт од 27.11.2021. Починатото лице е од Гостивар, на возраст од 68г, невакцинирано и починато во болнички услови.

Оздравени се 290 пациенти.

Досега во земјата се направени вкупно 1.474.094 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 215 995, бројот на оздравени е 200 293, на починати е 7 592, а на активни случаи изнесува 8.110.

Експлозија на бомба од Втората светска војна во Германија

илустрација

Три лица се повредени во експлозија што се случи денеска во близина на главната железничка станица во Минхен, Германија, соопшти градската противпожарна служба.

Експлозијата била предизвикана од бомба останата од Втората светска војна, која го запрела железничкиот сообраќај во областа. Експлозијата се случила на градилиште во близина на железничката станица. Тројца работници се повредени, а еден од нив е тешко повреден, пренесува АФП.

„Бомба од Втората светска војна беше причина за експлозијата“, потврди баварскиот министер за внатрешни работи Јоаким Херман.

Тој додаде дека за време на работите на градилиштето, работниците случајно погодиле бомба тешка 250 килограми.

Германската железничка компанија „Дојче Бан“ соопшти дека превентивно е прекинат железничкиот сообраќај, со оглед на тоа што експлозијата се случила во близина на мостот преку кој минуваат возовите.

Бомбите од Втората светска војна се вообичаени во Германија, но експлозиите се ретки.

Нова ЕУ инвестициска стратегија за Западен Балкан од 30 милијарди евра

Eврокомесарот за проширување Оливер Вархеји

Европската комисија денеска ја објави новата европска инвестициска стратегија „Глобал гетвеј“, која ќе финансира проекти од областа на зелената и дигиталната транзиција, енергетската и транспортната инфраструктура, како и зајакнување на областите – здравство, образование и истражување. Планирано е „Глобал Гејтвеј“ до 2027 година да мобилизира до 300 милијарди евра за европски инвестиции во светот.

ЕК соопшти дека почеток на инвестициската стратегија на ЕУ е Економскиот инвестициски план за Западен Балкан од 30 милијарди евра.

„Глобал Гејтвеј треба да ја промени тешката ситуација во нашето непосредно соседство и да ги покаже своите резултати за време на мандатот на оваа Комисија. Луѓето, стоките и услугите ќе се движат побрзо и поевтино“, нагласи еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

Тој додаде дека е предвидено Западниот Балкан да добие пакет грантови и заеми од приближно 30 милијарди евра, што е речиси една третина од вкупниот бруто домашниот производ на регионот.

Идентификацијата ќе заврши утре, в петок посмртните останки на жртвите од автобуската несреќа ќе бидат пренесени во земјава

Македонски автобус изгоре во Бугарија при што загинаа 45 луѓе

Според најавите од Обвинителството на Бугарија, идентификацијата на телата на 45-те жртви во сообраќајната несреќа минатиот вторник на автопатот „Струма“ треба да биде завршена до утре, по што ќе почне подготовката тие да бидат донесени во земјава, соопштија владините портпароли денеска на редовната прес-конференција.

„Останките ќе бидат донесени в петок и преку организиран државен протокол ќе им бидат предадени на семејствата во нивните домови. Ова е информација што ја имаме, дополнително ќе информираме во текот на утрешниот ден“, изјави портпаролот Муамет Хоџа одговарајќи на новинарско прашање.

Министерот за здравство Венко Филипче претходно на прес-конференција изјави дека интензивно се работи денеска или утре да завршат ДНК-анализите на починатите во автобуската несреќа, по што ќе се организира транспортот на нивните посмртни останки кон земјава.

„Тоа го работат колегите во Бугарија, нашите колеги тука од Институтот за судска медицина се во секојдневна комуникација со нив. Тоа е нешто што треба да се заврши денеска или утре по што ќе се организира транспортот на телата на починатите“, рече Филипче.

Во автобуска несреќа на македонски туристички автобус во Бугарија на 23 ноември загинаа 45 луѓе, а седуммина се повредени.

Повредените во претходните денови беа пренесени во Македонија, а денеска од софиската болница Пирогов беше отпуштен и последниот повреден и попладнево ќе биде пренесен во Македонија.

Португалија ги заострува анти-ковид мерките и покрај високата стапка на вакцинираност

Луѓе во Португалија во ек на пандемија со коронавирус

Португалија денеска ги заостри условите за влез во земјата и наложи носење маски во затворен простор за да го заузда растечкиот бран инфекции од коронавирус. Од денеска е на сила кризна состојба, што е еден чекор од вонредна состојба и ѝ дава на португалската влада законски овластувања за воведување построги мерки без одобрение на парламентот.

Во земјата со една од највисоките стапки на вакцинација во Европа, сега е задолжително носењето маски во јавни затворени простори и поседување ковид-пропусници – доказ за вакцинација, потврда за прележаност или негативен тест.

Влез во ноќните клубови, болници, старечки домови и спортски објекти ќе биде можен само со негативен тест на вирусот, вклучително и за вакцинираните.

Според новите правила, најголем дел од патниците ќе мора да покажат негативен тест при влез во земјата.

Стручњаците веруваат дека високиот процент на вакцинирани од 87 отсто од над 10 милиони жители, ја заштити Португалија од бран на зарази како во другите европски земји.

Сепак, од септември расте бројот на хоспитализирани пациенти со коронавирус. Вчера беа регистрирани 2907 нови случаи на коронавирус, а 15 луѓе починаа.

Во земјата се регистрирани и 13 случаи со инфекција на новиот сој на коронавирус омикрон кај играчи од еден фудбалски клуб и едно медицинско лице кое било во контакт со нив.

Борел – Западниот Балкан останува стратешки регион за ЕУ

Високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел

Високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел, денеска изјави дека Западниот Балкан за ЕУ останува стратешки регион, а неговата стабилност е прашање од најголема важност.

Во пресрет на седницата за Западен Балкан на министерскиот состанок на НАТО во Рига, Борел повика на реформи во изборниот законик во Босна и Херцеговина и продолжување на дијалогот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово.

Тој изрази загриженост поради состојбата во БиХ, каде што во „последните денови се забележани тензии и обиди да се поништат 26 години мир и стабилност“. Тој повика на спроведување реформи неопходни да се зачува единството на државата и да се реформира изборниот законик.

Тој рече дека Украина, иако не е тема на денешната седница за Западниот Балкан, е прашање од најголема важност и нагласи дека за ЕУ територијалниот интегритет и суверенитет на Украина се над сè.

Владата предлага уште 6 месеци енергетската кризна состојба

Илустрација - Струјомер

Продолжување на рокот на кризната состојба за уште шест месеци ќе побара Владата од Собранието, соопштија од владината прес-служба. Ваквата одлука е донесена на денешната 123-та седница на Владата, одржана онлајн.

На седницата е утврдена Предлог-одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија во земјата, заради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија.

Владата му предлага за Собранието да одобри продолжување на рокот на кризната состојба за уште шест месеци, односно до 9 јуни 2022 година.

Предлогот за продолжување на рокот на кризната состојба има за цел да обезбеди континуитет во спроведувањето на мерките и активностите за надминување на состојбата во снабдувањето со електрична енергија, се наведува во соопштението до Владата.

Претходно денеска пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ побара да се закаже собраниска седница на која ќе биде продолжена енергетската кризна состојба.

Владата на 9 ноември донесе одлука за прогласување енергетска кризна состојба со рок на траење од 30 дена, а истата би требала да заврши на 08 декември годинава.

Земјава во моментов се соочува со енергетска криза, главно од зголемените цени на берзите во Европа, поради што фирмите кои тргуваат со струја на слободниот пазар не се во можност да ја достават количината на струја која ја договориле со други фирми и државни институции.

Во Подгорица се одржа конференција за иднината на Западен Балкан во ЕУ

Црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ

„Нема иднина за ЕУ без иднината на Западен Балкан. Не можеме еден без друг. Секоја добра практика треба да ја пренесуваме еден на друг, за да се забрза овој процес“, рече црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ, отворајќи го регионалниот панел: Западен Балкан: Иднината на Европа е нашата заедничка агенда.

Тој вели дека Црна Гора не бара заштита и дека ќе влезе во ЕУ тогаш кога ќе го заслужи тоа.

Целта на ЕУ треба да биде веродостојно продолжување на процесот на проширување, изјави државниот секретар на Министерството за надворешни работи на Република Словенија, Гашпер Довжан. Тој вели дека доколку целта на земјите од Западен Балкан е да станат полноправни членки на Европската унија и да ги исполнат своите задачи на патот кон Унијата, и Европската унија мора да покаже кредибилитет и да ја остави отворена вратата за членство.

„ Доколку тоа не се случи, другите актери ќе ја искористат можноста да го прошират своето влијание и интереси во регионот на Западен Балкан“, рече Довжан.

На конференцијата учествуваше и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров. Тој вели дека Западниот Балкан треба да покаже дека може да работи заедно, а ЕУ да докаже дека ја разбира стратешката важност на проширувањето.

„Ако зајакнувањето на отпорноста на Унијата е една од точките што ја засегаат иднината на Европа, тогаш токму регионот е виталната точка за остварување на оваа цел. Успехот на европското досие на Северна Македонија е клучно ако сакаме европскиот политички билет да биде добитен“, рекол Димитрво, велат од неговиот Кабинет.

Настанот е организиран во соработка со Германската организација за меѓународна соработка (ГИЗ).

ОН повика соседите на Авганистан да ги отворат границите

Авганистан- Луѓе чекаат да ја преминат границата меѓу Авганистан и Иран.

Соседите на Авганистан да ги отворат своите граници за да може Авганистанците кои сакаат да ја напуштат земјата да го стојат тоа, дури и ако немаат документи, повика денеска Агенцијата на ОН за бегалци.

Копнените граници на Авганистан со Пакистан и Иран во моментов се отворени само за Авганистанците кои имаат пасоши и визи, додека границите на Таџикистан и Узбекистан се целосно затворени за нив, соопшти денеска Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР).

Во соопштението објавено на 1 декември се наведува дека од УНХЦР се длабоко загрижени за ескалацијата на ризиците со кои се соочуваат Авганистанците кои сакаат да побегнат во трите соседни држави, откако ситуацијата во нивната земја продолжи да се влошува по преземањето на власта во август од страна на талибанските милитанти.

Агенцијата на ОН нотира дека во Авганистан им се ограничува образованието на девојчињата, ограничено е движењето на жените, не им се дозволува да работат, се таргетираат верски и етнички малцинства, се заплашуваат и убиваат адвокатите за човекови права.

УНХЦР ги повика властите на сите земји да престанат со присилното враќање на Авганистанците, истакнувајќи дека на многу од нив можеби им е потребна заштита.

Се проценува дека Иран просечно депортирал по 3.000 Авганистанци дневно помеѓу август и ноември. Околу 1.800 депортации имало од Пакистан во текот на септември и октомври, а од Таџикистан депортирани се 23 Авганистанци баратели на азил, меѓу нив имало и жени и деца, наведуваат од ОН.

УНХЦР предупреди дека економското влошување и широко распространетата глад во Авганистан може да принудат илјадници други да ја напуштат земјата за да преживеат.

Авганистан е на работ на хуманитарна катастрофа, при што повеќе од половина од неговото население е изложено на ризик да нема доволно храна во текот на зимата, се наведува во извештај на ОН.

Ковачевски се кандидираше за лидер на СДСМ

Димитар Ковачевски

Заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски поднесе кандидатура за претседател на СДСМ. Тој е вториот што денеска го стори тоа, претходно кандидатура поднесе и поранешната потпретседателка на СДСМ, Фросина Ременски.

Ковачевски во изјава за медиумите пред седиштето на СДСМ, рече дека цел му е да се врати единството во партијата и во општеството. Со кандидатурата е поднесена и неговата програма насловена „Заедно, одговорно и посветено“.

Програмата ја базирал на три столба: социјал-демократска визија, јасни социјал-демократски вредности од кои извираат вредностите на работењето, потоа економски раст, и трето фер шанса и јасен систем со одговорности во кој најдобрите ќе добијат шанса за унапредување на системот.

„СДСМ поминува низ еден предизвик. Секој член на партијата е значаен, секој треба да го каже својот глас кој ќе биде слушнат, и ќе се увери секој дена партијата работи во насока на унапредување и на партиската демократија и организација и на животното стандард и на општеството воопшто“, рече Ковачевски.

Ковачевски го придржуваше премиерот и лидер во оставка на СДСМ Зоран Заев на средбите со претседателот на Алтернатива Африм Гаши. Ковачевски посакува Алтернатива да донесе одлука за влез во влада, со што ќе има стабилно парламентарно мнозинство кое, како што вели, треба да се соочи со проблемите што ги има земјата, како пандемијата, европската енергетската криза и предизвиците со одржување на животниот стандард на граѓаните.

Заев инсистира на тоа новиот шеф на партијата да биде и мандатар за состав на владата.

Вонредниот конгрес на СДСМ на кој треба да се избере нов лидер ќе се одржи на 12 декември.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG