Достапни линкови

Османи: Никој нема да го спречи овој историски процес, а најмалку Иванов


Вицепремиерот Бујар Османи денеска побара од претседателот Ѓорге Иванов да биде конструктивен и да се вклучи во процесот за европска иднина на Македонија и ја повика опозицијата, како што рече, да каже на која страна е во овие историски моменти.

“Република Македонија според уставното уредување е парламентарна демократија во која што последниот збор, а особено во донесување на законите го има Собранието, а претседателот е само мал дел од извршната власт којашто нема никакво можно влијание врз улогата на Собранието, а најмалку да биде последниот збор за донесување на таквите одлуки. Постапките на Иванов се на некој начин обид за менување на системот без уставни промени, што е казниво со закон”, изјави Османи.

Тој не добил впечаток дека европските лидери се загрижени дека Иванов би можел да го спречи овој историски процес.

“Не добив впечаток во ЕУ и во Брисел за поголема загриженост бидејќи никој нема да може да го спречи овој историски процес низ кој што поминува државата и регионот, а најмалку господинот Иванов”, рече Османи.

Истакна дека сега е време опозицијата да каже на која страна е во овие историски моменти кога се одредува иднината на државата и оти мисли дека никој нема да ја спречи волјата на 80 отсто од граѓаните кои се за членство во ЕУ и во НАТО.

До 17 јули Македонија треба да го формира преговарачкиот тим со ЕУ, кој ќе има политички и технички преговарач. Имајќи предвид колку долго Македонија ја очекуваше оваа одлука за датум за почеток на преговорите, според Османи нашата администрација е најподготвена да одговори на преговорите.

XS
SM
MD
LG