Достапни линкови

Фестивалот „Браќа Манаки“ му „симнува капа“ на оскаровецот Роџер Дикенс


Плакатот за 39-то издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“

Британецот Роџер Дикинс, снимателот на култните филмови „Бегство од Шошенк“, „Фарго“, „Човекот кој не беше таму“, „Нема земја за стари луѓе“ и други, е добитник на „Златна камера 300“ за животно дело на 39. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ кој под слоганот „Симнуваме капа“, од 22 до 29 септември, ќе се одржи во Битола.

Оскаровецот Роџер Дикинс, британскиот кинематограф кој во своето портфолио има бројни антологиски дела и снимателот кој творечкиот потпис го има ставено на дузина култни филмски остварувања како „Бегство од Шошенк“, „Фарго“, „Човекот кој не беше таму“, „Нема земја за стари луѓе“, згора и уметникот кој оствари исклучително плодна соработка со браќата Коен, е добитник на наградата „Златна камера 300“ за животно дело на 39. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кој од 22 до 29 септември ќе се одржи во Битола.

„Неколкугодишна упорност да го донесеме во Македонија еден од најголемите живи светски кинематографери Роџер Дикинс се оствари на наша најголема радост и тоа во годината кога тој конечно стана заслужен освојувач на Оскарот за креацијата во сега веќе новото антологиско дело од неговата богата ризница - „Blade Runner 2049“, филм креиран во соработка со канадскиот режисер Дени Вилнев, со кого претходно ги имаше и одличните остварувања „Сикарио“ и „Затвореници“, ќе рече Благоја Куновски – Доре, уметничкиот директор на Фестивалот.

Роџер Дикинс, кинематографер, оскаровец и лауреат на „Браќа Манаки“
Роџер Дикинс, кинематографер, оскаровец и лауреат на „Браќа Манаки“

Манифестацијата годинава ќе се одржи под слоганот „Симнуваме капа“ („Hats Off“) во знак на почит кон традицијата на Фестивалот, кинематограферите, градот Битола и публиката, а нејзините творци, маркетинг агенцијата „Меккен Скопје“, истакнуваат дека на овој начин сакале да кажат СИМНУВАМЕ КАПА на сѐ што претставува Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

„Нашите капи лебдат, паѓаат, се движат или едноставно постојат и се сеприсутни над еден од најпрепознатливите објекти кои го чуваат и негуваат културното наследство во овој град – НУ Завод и музеј – Битола. Нивната метафоричност се трансформира во своевидна илузија и несекојдневна магија, со која всушност ги поврзуваме филмовите“, ќе напишат во писмената порака од „Меккен“.

Од друга страна, првото обраќање до јавноста организаторите на ова случување го искористија за да најават и други нови содржини што ќе го обојат претстојното 39-то издание на „Браќа Манаки“. Така, бројот на фестивалски содржини ќе се зголеми на 14, а тимот е освежен со неколкумина млади творци кои се јавуваат како селектори на филмските програми. Имено, режисерката Марија Џиџева се погрижила за документарната програма, нејзиниот колега Даријан Пејовски и Марија Апчевска ги селектирале кратките филмови, а Слаѓан Пенев се го сторил изборот за програмата „Европски филмски перспективи“ која беше промовирана пред две години.

„Да се поместуваат границите, не значи да се негира досега направеното, но да ѝ се додаваат различни состојки на една содржина секако дека во една смисла значи промена, но не и отфрлање на позитивните искуства вклучени со години и градени со децении од оние кои ја почувствувале потребата да се основа и да се организира еден ваков фестивал и да се слави филмот во градот на браќата Манаки. „Вкусот“ на таа промена зависи од сензибилитетот на оној кој ја обликува. Тоа сме сите ние, тимот на овој Фестивал и вие како наши соработници. Постоењето на оваа симбиоза е неспорно и повеќе од клучно“, вели Евгенија Теодосиевска, директорка на Фестивалот.

Игор Иванов Изи, претседателот на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) кое сите овие години стои зад манифестацијата, забележува дека тие и понатаму остануваат посветени на „Браќа Манаки“, фестивалот, кој според него, во случајов ќе го има своето „транзициско“ издание во пресрет на големиот четири децениски јубилеј догодина.

„Браќа Манаки“ годинава го живее своето условно речено „транзициско” издание, за кое очекуваме да мине во најдобро светло и да го најави големиот јубилеј догодина, четириесеттиот „Браќа Манаки“, со кој ние, филмските професионалци од Македонија, очекуваме да започне декада на „ново македонско кино” - раздобје ослободено од политизирање, стигматизација, лажни вредности и злоупотреби. Новите генерации филмски автори и публиката тоа несомнено го заслужуваат, а нашите заложби во соработка со Агенцијата за филм и другите институции од оваа сфера ќе бидат насочени во правец конечно да овозможиме услови за создавање и консумирање филм, според денешните европски стандарди. Не би сакал во иднина, повторно да немаме претставник за Оскар“, категоричен е Иванов.

Инаку, покрај лауреатот Роџер Дикинс, кој за своето исклучително творештво има освоено 115 светски филмски награди и 148 номинации, на 39. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола се очекува доаѓањето на уште една ѕвезда чие име организаторите ќе го соопштат на крајот на август на своето второ обраќање во јавноста.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG