Реџеп Таип Ердоган е во центарот на турската политика во текот на изминатите две децении.
Тој ја консолидира својата моќ по неуспешниот обид за државен удар пред две години, со тактика која се смета за авторитарна.
Анкетите покажуваат дека на крајот ќе биде реизбран на функцијата која сега е со поголеми овластувања и тоа уште во првиот круг на 24-ти јуни.
Но, истражувањата, исто така, покажуваат дека неговата Партија за правдата и развојот може да биде во опасност од губење на контролата врз турскиот парламент.
Ердоган деновиве изјави:
„Западот гледа на изборите на 24 јуни. Што очекува Западот?" Како ќе пропадне Ердоган? Дали сме подготвени да му дадеме соодветна лекција и на Западот?“
По неуспешниот обид за воениот удар во јули 2016 година, Ердоган воведе вонредна состојба.
Следеа десетици илјади апсења, вклучително и бројни новинари.
Стотици илјади државни службеници ги загубија своите работни места.
Ердоган и Ѓулен
Многумина беа обвинети за поддршка на Фетулах Ѓулен, муслимански свештеник и поранешен политички сојузник, кој е во егзил во Соединетите држави.
Ердоган го обвинува Ѓулен за оркестрирање на обидот за државен удар.
„Го сакаме овој терорист но, тие не ни го враќаат. Тие измислија слаби изговори. Ако не ни го давате, тогаш извинете, но од сега па натаму, кога ќе нè прашате за други терористи, се додека јас сум на власт, нема да ги добиете“.
По обидот за државен удар, Ѓулен предупреди дека Ердоган делува како диктатор.
„Тој може да го смени својот став ако луѓето реагираат. Кога сфаќа дека не може да го игнорираат тоа, за да остане на власт, ќе се смири пред народот што го угнетувал и прогонил, што е типично за диктаторите“.
Ердоган врши голем притисок врз владите - од Косово до Киргистан да ги прогони луѓето во училиштата и бизнисите поврзани со Ѓулен.
Иако е за членство на Турција во Европската унија, неговите неодамнешни потези ги намалија надежите за евентуално место во блокот.
„Не ми е гајле што ме викаат диктатор или што и да било друго. Тоа влегува на едно, а излегува од друго уво“.
Поради тоа што Ердоган не можеше да биде премиер по четврти пат, тој се кандидираше за претседател во 2014 година и победи на првите директни избори во земјата.
Тој сега оди на гласање како јасен фаворит, но не е јасно дали може да добие 50 насто од гласовите потребни за да победи во првиот круг.
Ердоган и опозицијата
Главната опозициска Републиканска народна партија никогаш не победи на изборите против Ердоган во неговата деценија и половина на власт.
Таа за нејзин кандидат го номинираше 54 годишниот наставник по физика, Мухарем Инче.
Но, тој има 20 проценти помалку од Ердоган.
„Ќе бидам непартиски претседател и ви ја предавам мојата партиска значка“.
Ѓонул Тол, директор по турските студии во Институтот за Блискиот Исток во Вашингтон вели:
„Постои можност кандидатот на опозицијата да го порази Ердоган во вториот круг, ако може да ги фати курдските гласови и мислам дека е уште поважно ако тој може да упати апел до верските конзервативци во земјата кои сакаат да се осигураат дека верските слободите што ги уживаа под владеењето на Ердоган ќе останат и натаму“.
Судбината на партијата на Ердоган во парламентот би можела да зависи од тоа дали прокурдската опозициска партија, ХДП, ќе освои доволно места.
Нејзиниот претседателски кандидат, Селахатин Демирташ, веќе 20 месеци е во затвор во очекување на судскиот процес за голем број обвиненија за државна безбедност.
Но, на 17-ти јуни тој одржа телевизиски говор од затворската ќелија, за кој аналитичарите велат дека би можело да донесат доволно гласови за неговата партија.
Турција отсекогаш била крстопат меѓу исток и запад.
Ердоган, побожен муслиман, ја води Турција како премиер или претседател од 2003 година.
Ова гласање најверојатно ќе утврди дали тој ќе владее со обновена или ослбена моќ.