Достапни линкови

Новинарка на Албанската радио-телевизија киднапирана во Приштина?


Новинарка на Албанската радио-телевизија (ТВШ) можно е да е киднапирана денеска во Приштина, информираат косовските медиуми пренесувајќи извештај на косовската полиција.

Според МИА од Приштина, сомнежите дека се работи за новинарка од Албанија произлегуваат од интерен полициски извештај, до кој дошол порталот „insajderi.com“, а во кој се наведува дека е киднапирано едно лице, во чиј автомобил е пронајдена лична исправа на новинарка на ТВШ.

„Тројца сведоци од албанска националност пријавија дека три непознати лица пикнале насилно во нивното возило една жена и потоа се оддалечиле“, се посочува во внатрешниот полициски извештај на косовската полиција.

Во истиот се додава дека полицијата пронашла возило, за кое се претпоставува дека припаѓа на киднапираното лице, а внатре во возилото е пронајдена идентитетска картичка на новинарка на ТВШ.

„Косовската полиција замина на местото на настанот и пронајде автомобил за кој се верува дека припаѓа на киднапираната жена. Полицијата на Косово внатре во возилото најде идентитетска картичка на новинарка на Албанската Радио-телевизија“, се истакнува во полицискиот извештај.

XS
SM
MD
LG