Достапни линкови

Потпишан договорот за името


Премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас во Псерадес

Шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас го потпишаа договорот за името во селото Псерадес во Грција на брегот на Преспанското Езеро. Договорот предвидува ерга омнес име за земјава, Република Северна Македонија со македонски јазик и националност. Договорот го потпиша и посредникот на ОН, Метју Нимиц на својот роденден.

На церемонијата присуствуваат и премиерите на двете земји, Зоран Заев и Алексис Ципрас. Присутни се и шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан и потсекретарката за политички прашања на Обединетите нации Розмари Ди Карло.

Потпишувањето се одвива под зајакнати безбедни.

Премиерот Заев, во говорот пред потпишувањето рече дека со договорот „поместивме планини“.

Нимиц рече дека спогодбата е „правична, чесна и спроведлива“.

По потпишувањето двете делегации се префрлаат на македонската страна од границата, во Отешево, каде што е предвидена официјална средба на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, на двете делегации и заеднички ручек.

На почетокот на следната недела, како што информираат од Владата, на владина седница треба да се усвои законот за ратификација на договорот, по што треба да биде испратен во Собранието, каде треба да биде ратификуван. По ратификацијата следува негово потпишување од страна на претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој најави дека нема да го поддржи.

За утре во Битола протест најави опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која не го поддржува договорот и останува на ставот дека нема да даде поддршка за промена на Уставот, а протести од вчера се одржуваат и пред Парламентот во Атина, каде пратениците расправаат за недоверба на Владата на Ципрас и за договорот.

Комитетот за борба за грчкиот карактер на Македонија“, под слоганот „Македонија значи Грција“, организира протести од вчера до недела. Во исто време во северна Грција започнуваат да се организираат протести во Преспа, веќе се планирани автобуси да заминуваат од градовите од северниот дел на земјата, за граѓаните да учествуваат во протестот.

Со договорот, кој завчера беше декласифициран, во однос на јазикот предвидено е - македонски јазик и во ОН останува да пишува – македонски јазик – без каква било фуснота со дообјаснување.

Договорот со Грција е насловен „Конечна спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност на Обединетите нации за престанување на важноста на Времената спогодба од 1995 и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните“.

Во врска со државјанството, односно националноста, во договорот е утврдено - македонско/граѓанин на Република Северна Македонија.

Основата на договорот е тоа што во него на пријателски начин и прецизно е утврдено како Грција го толкува поимот „Македонија“ и „македонски“ и тоа, како ние за нас го толкуваме поимот Македонија и македонски, се вели во документот.

Со членот 7 од договорот се прави јасна дистинкција дека поимот Македонија и македонски во Грција го означува хеленскиот дел од историјата.

Во договорот е утврдено дека Македонија и македонски во наш контекст ги отсликува нашата територија, нашиот јазик, народ со сите атрибути, историја, култура и наследство - различни од оние во Грција.

Химната, грбот и знамето не се менуваат, како и кодовите МК-МКД додека регистарските таблички не се дел од меѓународна кодификација и ќе го следат духот на Договорот.

Имплементацијата на договорот ќе се случува етапно. Ќе стапи во сила откако двете страни ќе го прифатат согласно внатрешните процедури, но доколку која било од страните не го прифати договорот согласно внатрешните процедури, тоа ќе значи дека договорот не важи.

Државните институции ќе го следат принципот на договорот – новото утврдено има на државата. Сите други организации/компании/здруженија може слободно да се именуваат како - македонски и да ја користат придавката македонски.

За договореното, конечниот збор ќе го имаат македонските граѓани на референдумот, кој треба да се одржи во септември или октомври.

Надеж дека граѓаните ќе гласаат позитивно на референдумот изрази вчера шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во интервју за рускиот весник „Известија“, бидејќи смета дека договорот е добар, вин-вин и урамнотежен.

Заев преку Фејсбук вчера порача дека силно верува во успех на договорот меѓу Македонија и Грција, бидејќи со јасен и признаен идентитет за посебноста на македонската нација конечно се затвора ова прашање и се отвора иднината за земјата.

„На 73. седница го разгледавме и усвоивме извештајот за договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство. Силно верувам во договорот, бидејќи со јасен и признаен идентитет за посебноста на македонската нација конечно се затвора ова прашање и се отвора иднината за земјата. Оваа Влада на Република Македонија треба да е горда на ова решение. Со оваа одлука испишуваме нова страница во историјата на нашата земја“, напиша Заев на својот Фејсбук профил.

XS
SM
MD
LG