Достапни линкови

Нацрт-заклучоците на ЕУ предвидуваат старт на преговори со Македонија


Драфтот кој во моментов кружи во Советот на Европската унија предлага започнување на преговорите за членство помеѓу Македонија и ЕУ, меѓутоа за овие заклучоци допрва треба да се дебатира, а Франција останува резервирана, порачуваат дипломатски извори во Брисел за МИА.

"Со оглед на горенаведениот напредок, посебно имплементацијата на Пржинскиот договор и итните реформски приоритети, Советот одлучува, доколку ова е усвоено од Европскиот Совет, да се отворат претпристапни преговори со ПЈРМ. Со цел одржување на првата меѓувладина конференција, Советот ја подвлекува критичната потреба на ПЈРМ да продолжи да напредува во итните реформски приоритети и да оствари опипливи резултати во борбата против корупцијата, да го одржи и продлабочи реформскиот момент. Советот ја повикува Европската Комисија близу да ги мониторира реформските напори на ПЈРМ и ќе го оцени напредокот вез основа на извештај на Комисијата во пресрет на првата меѓувладина конференција. Советот ја повикува Комисијата да започне со подготовките", стои во нацрт-заклучоците за Македонија.

Оваа верзија на заклучоците меѓутоа е „стара“ верзија и не го споменува договорот за спорот за името постигнат на 12 јули помеѓу Грција и Македонија. Останува дека ова е верзијата за која вчера на амбасадорско ниво дебатирале земјите членки на Унијата. Според извори присутни на состанокот, одлука не е постигната, а Франција и натаму изразува резервираност кон почетокот на преговори со Македонија, но разговорите поминале во „пријатна атмосфера“, вклучително и од грчка страна.

Следната недела амбасадорите повторно ќе се состанат и тогаш претседателство на маса би требало да стави ревидирана верзија на заклучоците која го вклучува последниот развој на настаните во земјата: договорот за името што треба Заев и Ципрас да го потпишат овој викенд, а потоа одоборувањето на договорот од страна на двата парламента, што треба да се случи најверојатно во текот на следната недела.

XS
SM
MD
LG