Достапни линкови

Во медиумите „ура„ и „уа“ за договорот за името


Протест против промената на името во Скопје, пред зградата на Парламентот, 13 јуни 2018.

Реакциите на претседателот Иванов, на опозицијата, на домашната јавност и на меѓународната заедница по објавувањето на договорот за името се во фокусот на сите медиуми.

„Ја сакам Грција... Ја сакам Македонија. Се надевам дека сè добро ќе заврши“ – напиша на Твитер познатиот холивудски актер Расел Кроу од Фиренца, по вестите дека премиерите на Македонија и Грција, Заев и Ципрас го постигнаа договорот околу неколку деценискиот спор за името, а го објави Независен.

Слободен печат и Нова Македонија го цитираат грчкиот премиер: „Не можеме да им забраниме да се самоопределуваат како Македонци.

Овој договор не е за да го потценува правото на самоопределување“. Инаку, „Најавени се протести во Атина и Преспа против договорот“, наслови Нова Македонија во електронското издание. Истиот весник, како и електронските изданија на другите печатени медиуми го следеа и протестот пред Собранието на Македонија „против промената на уставното име“.

Вечер наслови: „Протести: Заев ако сака нека си го смени името, ние сме за ЕУ и НАТО како Македонија“ и „Демонстрантите фрлија Молотов коктел врз собраниската зграда“. Исто така Вечер информацијата за постигнатиот договор ја објавува со наслов: „Имаме право да се определуваме како Македонци без какви било ограничувања, се нагласува во Договорот меѓу Македонија и Грција“.

Објавувајќи реакции на меѓународните фактори во врска со постигнатиот договор, Нова Македонија пишува: „Туск – Столтенберг: Да не се пропушти шансата што ја дава договорот за името“.

Вечер наслови: „Меѓународната зедница го поздрави договорот и лидерството“, наведувајќи дека генералниот секретар на ОН Гутереш се надева дека постигнатиот договор ќе биде пример и за други земји кои имаат спорови.

Електронските медиуми ја објавуваат и изјавата на претседателот на државата. Нова Македонија го цитира Иванов дека „Нема да легализирам политички дивоградби“. Вечер: „Јас, како Ѓорѓе Иванов, личен договор на Заев и Ципрас нема да прифатам!“ Независен и другите печатени медиуми нотираат дека „Иванов си отиде од состанокот што се одржуваше во неговата резиденција“ со објаснување дека премиерот Заев и министерот за надворешни работи Димитров отишле за да го информираат за деталите и да му го предадат постигнатиот договор.

Вечер ја објавува реакцијата на СДСМ: „Иванов покажа дека е политичка дивоградба на Никола Груевски“. Нова Македонија ја објавува реакцијата на еврокомесарот Јоханес Хан во интервјуто за МИА: „Иванов да преземе одговорност за процесот за договорот со Грција“. Хан додал дека „не е соодветно за претседател на држава да одбие да разговара со премиер и со министер за надворешни за да добие информации од прва рака“. Истиот весник го објави и соопштението на Владата по обраќањето на Иванов до јавноста: „Иванов не ја гледа перспективата што се отвора пред државата... Во своето обраќање до јавноста, за жал, претседателот Иванов не успеа да се издигне над сопствената немоќ“, цитира весникот дел од соопштението на македонската Влада.

Инаку, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, по средбата со премиерот Заев и со министерот Димитров изјави дека „Договорот со Грција е капитулација на Република Македонија“, информираат електронските изданија на печатените медиуми.

Независен ја пренесува изјавата на Шекеринска во емисија на една национална телевизија: „Имаме загарантиран идентитет кој со свој потпис го потврдува и Грција. Ние сме единствена држава на Балканот која нема ниту едно отворено прашање со соседите, која ги има регулирано сите свои граници и проблемите со соседите ги реши на најевропски и најсовремен начин, седнувајќи на маса“.

XS
SM
MD
LG