Достапни линкови

Вести

Протест пред Собранието против договорот за промена на името

Поголем број граѓани вечерва пред македонското Собрание протестираа против договорот со Грција и против промена на уставното име на Македонија.

Тие со пиротехника, пеење патриотски песни и повици „Оставка од Заев“, „Бесилка за предавниците“, „Името не го даваме“... бараа договорот со Грција да не се потпише и му дадоа поддршка на претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, кој денеска рече дека нема да го прифати договорот.

Официјален организатор на протестите немаше. Повеќе групи со патриотски предзнак денеска на социјалните мрежи повикуваа на протести, а меѓу нив најчести беа повиците на вардаровата навивачка група „Комити“.

Меѓу демонстрантите имаше и поголема група со маскирани или покриени лица. Дел од нив, во еден период од протестите им се закануваа на некои од новинарите кои известуваа од протестот.

Страшо Олумчев, претседател на Семакедонскиот национален совет – Македониум, во изјава за медиумите рече дека граѓаните се собрале спонтано, револтирани од договорот со Грција и дека „овој протест е само предупредување зошто никој нема право да ѝ го смени уставното име на државата и дека право на националните прашања има само народот“.

Неколку од запалените бакли беа фрлени кон Собранието, кон кое цело време се фрлаа и шишиња, конзерви, камења...

Меѓу демонстрантите немаше политичари.

По повеќе од два часа, демонстрантите почнаа да си заминуваат од пред Собранието.

види ги сите денешни вести

Османи за разговорите со Бугарија - Треба повеќе мудрост отколку емоции

Министерот за надворешни работи Бујар Османи

Позициите со Бугарија се уште се различно, но разговорите служат за да се изнајдат заеднички решенија, рече денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи на брифинг со новинарите.

„Нашите државни позиции се јасни и нема измени во државните позиции. Најважното прашање за нас се идентитетските прашања во преговарачката рамка како европски решенија, за нив е прашањето на бугарската заедница во Република Северна Македонија и тоа го идентификува на некој начин патот по кој треба да се движи овој процес. Пакетот политички прашања ги опфаќа прашањата што се важни за нас, две се важни барања за нас, а тоа е прифаќање на преговарачката рамка, како што е предложено од страна Европската комисија, посебно во однос на идентитетските атрибути и почетокот на преговори. Од страна на Бугарија се прашањата по однос на правото на самоопределување врз основа на државното уредување, говор на омраза и рехабилитација на жртви на комунизмот. Тоа се пакет прашања во кои се вклучени елементи од едната или другата страна“, појасни Османи.

Во врска со провокациите што се случуваат од двете страни, Османи е дециден дека наша цел не е ескалација на односите со Бугарија, туку деескалација на односите, затоа што нам ни е спречен развојот преку блокадата на ЕУ.

Нема да дозволам, истакна министерот Османи, да правам политиканство од дневна и партиска политика, на теми што се суштински за граѓаните.

„Имам крајна цел, а таа крајна цел е оваа држава да стане европска држава, да ги нормализира односите со соседите, зачувувајќи тоа што е најважно за граѓаните. За тоа ми треба повеќе мудрост во делувањето отколку емоции. Оваа работа или ќе ја водите со глава или со срце. Со срце може ќе ви донесе некоја популарност во моментот, ќе задоволува некои наши фрустрации и емоции и незадоволства, но на крајот нема да нè води таму кај што сакаме. Затоа мора оваа работа да биде со ладна глава и жешко срце, само така ќе може да го надминеме. Но, граѓаните може да бидат спокојни дека нема да дозволиме ништо што е суштински идентитетски за нив да се повреди“, истакна Османи.

Тој уште еднаш повтори дека ние се водиме од принципот ништо не е договорено, додека сè не е договорено, и затоа е важно да има пакет на заемно поврзани елементи како почеток на процесот на имплементација на договорените точки.

Османи рече дека внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав е дел од разговорите и преговорите, но не е решено.

Откриени над 40 луѓе без вакцинални сертификати во кафеаните во Кочани

Илустрација

Во синоќешните контроли во угостителски објекти во Кочани се пронајдени 39 лица кои немале ковид-сертификат, а двајца имале фалсификувани сертификати, соопшти полицијата.

По полноќ во кафеаните биле затекнати 26 малолетници, а еден нив носел нож. Во дел од угостителските објекти се пушело.

„Затворени се и три угостителски објекти односно запечатени од страна на ДПИ, поради евидентирани три кривични дела – две по член 378 („фалсификување исправа“) и едно по член 204 („точење алкохол на малолетно лице“), а регистрирани се и 36 прекршоци по разни основи од доменот на работа на ДПИ, ДТИ и УЈП“, се наведува во соопштението.

Смирување на омикрон бранот во Словенија

Архивска фотографија: Тестирање на коронавирус во Конгресниот плоштад во Љубљана на 22 декември 2020 година

Во изминатите 24 часа во Словенија се потврдени 4257 нови случаи на коронавирус, а 15 луѓе починале, објави денеска тамошниот Институт за јавно здравје. Бројот на новозаразени е за над 3000 помал отколку пред една недела, а во земјата во моментов има над 145 илјади активни заболени, скоро 10 илјади помалку од вчера, пренесува Хина.

Сите епидемиолошки показатели се во тренд на смирување, а владата најави дека во вторник ќе расправа за прилагодување на мерките на новата ситуација.

Во болниците во моментов има 774 ковид-пациенти, од кои 135 се тешко заболени на интензивна нега. Намалување на бројот на хоспитализирани се очекува во текот на наредната недела.

Ако сегашниот поволен епидемиолошки тренд продолжи и ако не се појават нови варијанти на коронавирусот, бројот на нови случаи до наредниот месец ќе се преполови.

Од коронавирусот во Словенија досега починаа над 6000 луѓе.
Над 1,2 милиони луѓе во земјата се вакцинирани, односно скоро 58 отсто од вкупното население на Словенија.

Неколку земји ги повикаа своите граѓани да ја напуштат Украина поради страв од руска инвазија

Амбасадата на САД во Киев

Неколку држави им порачаа на своите државјани да ја напуштат Украина поради стравувањата на западните земји дека Москва можеби е на чекор до напад врз својот сосед.

САД, Велика Британија и Германија се меѓу државите кои им кажаа на сопствените граѓани да си заминат од Украина, додека Австралија денеска соопшти дека ја прекинува работата на својата амбасада во Киев.

Ројтерс објави дека американскиот персонал од ОБСЕ денеска со автомобил почнал да се повлекува од градот Доњецк во источна Украина кој е под контрола на проруските бунтовници. ОБСЕ не одговори на барањата за коментар.

Канадските медиуми објавија дека Канада го сели персоналот од својата амбасада во Лвов, во близина на границата со Полска.

Овој потег доаѓа откако обидите на претседателите на САД и на Франција, Џо Бајден и Емануел Макрон, да се повлече не вродија со плод.

Бајден во вчерашниот телефонски разговор му рекол на Путин дека руска инвазија врз Украина ќе „предизвика големо човечко страдање и ќе го намали угледот на Русија во светот“, соопшти Белата куќа.

Бајден исто така повторил дека САД и нивните сојузници „ќе одговорат одлучно“ со „брзи и тешки последици за Русија“, ако Москва нападне.

САД остануваат подготвени за дипломатски ангажман за смирување на тензиите откако Русија распореди 100 илјади војници во близина на границата со Украина, но „подеднакво сме подготвени и за други сценарија“, предупредил Бајден, се наведува во соопштението.

Претставник на американската администрација кој разговараше со новинарите рече дека телефонскиот разговор, кој траел околу еден час, не донел фундаментална промена во зголемените тензии.

Останува нејасно дали Русија е подготвена да го следи дипломатскиот пат, изјави неименуваниот американски претставник, додавајќи дека Москва може да продолжи со воена акција.

Русија постојано негира дека планира воена акција против својот сосед.
Кремљ соопшти дека Путин му рекол на Бајден дека одговорот на САД на главните безбедносни барања на Русија не ја зел предвид клучната загриженост и оти Москва наскоро ќе одговори.

Русија бара гаранции од Западот дека НАТО нема да ја прими Украина и другите поранешни советски републики за членки, ќе го запре распоредувањето оружје во Украина и ќе ги повлече своите сили од Источна Европа.

Телефонскиот повик дојде во време на „хистерија“ во западните земји за претстојна руска инвазија што е апсурдно, рече функционерот во Кремљ Јуриј Ушаков.

Тој рече дека Бајден го предупредил Путин на големи можни санкции, но не ставил посебен акцент на нив.

Претходно, Путин телефонски разговарал и со Макрон. Во соопштението на Кремљ се навестува дека бил постигнат мал напредок кон намалување на тензиите.

Пред телефонските разговори, претставници на САД соопштија дека Русија распоредила доволно војници во близина на границата со Украина за почеток на инвазијата во кој било момент и ги повикаа американските државјани да ја напуштат земјата за 48 часа, откако претходно им нареди на вработените во амбасадата во Киев што не се неопходни да заминат од Украина.

Украинските власти пак ги повикаа граѓаните да „останат смирени“, а претседателот Володимир Зеленски рече дека предупредувањата за напад може да предизвикаат паника, која е „најдобар пријател на нашите непријатели“.

Германците бираат нов претседател

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер

Во Германија денеска се одржуваат претседателски избори, а скоро сигурно е дека на тоа место и во наредните пет години ќе остане сегашниот шеф на државата Франк-Валтер Штајнмаер, кој има поддршка од владејачката коалиција, но и од водечките опозициски партии.

Претседателот во Германија има мали политички овластувања, но е институција која ужива голем углед во јавноста.

Поранешниот министер за надворешни работи, 66-годишниот социјалдемократ Штајнмаер е на чело на државата од 2017 година. Во Германија претседателот може да биде биран само во два мандати.

Претседателот го бира Сојузното собрание кое се свикува на секое пет години и кое го сочинуваат 736 пратеници од Бундестагот и претставници на 16 сојузни покраини, меѓу кои нема само политичари, туку и јавни личности од културата или спортот.

Меѓу делегатите од покраините ќе биде и поранешната канцеларка Ангела Меркел, која од заминувањето од функцијата ретко се појавува во јавност.

Штајнмаер веќе обезбеди широка поддршка од трите владејачки партии – социјалдемократите, зелените и либералите, но и од опозициските христијански демократи. Три помали парламентарни партии предложија свои кандидати, но тие немаат никакви шанси.

Марш посветен на самохраните и еднородителските семејства

Илустрација

Мирен марш ќе биде организиран денеска во Скопје за да се подигне свеста во јавноста за секојдневните проблеми со кои се соочуваат самохраните и еднородителските семејства.

„Поводот за организирање на овој марш се сериозни прашања и барања на нашите членки. Сакаме да ја искажеме и прикажеме сликата на самохраните и еднородителските семејства пред целата македонска јавност и сите чинители во македонското општество. Темата за самохраните родители не смее да биде табу. Не повеќе“, соопшти тимот на „Една може“, кои се организатори на маршот.

Оваа организација се залага за заштита и усогласување на своите интереси и уверувања за унапредување на родовата еднаквост и женските права, со акцент на самохраните родители и еднородителските семејства.

Маршот ќе почне во 13 часот од Жена-парк и ќе се движи до Министерството за труд и социјална политика.

Најстудено на Попова Шапка, најтопло во Дојран

Архивска фотографија: Мирно крајбрежје во Дојран

Најстудено, со 4 степени под нула, утрово е на Попова Шапка, а минусни температури во 7 часот се измерени и во Маврови Анови (-2) и во Дебар (-1).

Како што информира УХМР, нула степени се измерени во Крушево и Берово, 1 степен во Охрид и Претор, 2 во Крива Паланка, Тетово, Битола и Прилеп, 3 степени во Скопје – Петровец, Штип, Куманово и Виница, 4 во Скопје – Зајчев Рид, Струмица и Демир Капија, 7 степени во Гевгелија и 8 во Дојран.

Најмногу снег, 30 сантиметри, утрово има во Маврови Анови, 22 на Попова Шапка, 9 во Пожаране и 2 сантиметра во Ѓуриште.

Времето утрово е претежно облачно, со слаб локален дожд. Прeтпладне ќе биде облачно со локален слаб дожд, попладне ќе има сончеви периоди, а кон крајот на денот и во текот на ноќта слаб локален дожд ќе има во западните делови. Ќе дува слаб ветер од јужен правец. Максималната температура ќе достигне од 5 до 12 степени.

Во Скопје променливо облачно време, претпладне со услови за повремен слаб дожд, а попладне со сончеви периоди. Максималната температура ќе достигне 9 степени.

Нови 1.222 заразени со ковид-19, 31 починати

Илустрација

Нови 1.222 заразени со ковид-19 се евидентирани во изминатите 24 часа, а 31 луѓе починале, соопшти Министерството за здравство.
Направени се 4.342 тестови.

Од новозаразените, во Скопје се 649, Битола 61, Тетово 56, Куманово 55, Велес 50, Кавадарци 49, Гостивар и Прилеп по 35, Струмица 34, Охрид 26, Штип 20, Неготино 19, Кочани 18, Струга 16, Кичево и Гевгелија по 14, Радовиш 12, Крива Паланка 9, Македонски Брод и Делчево по 6, Берово, Ресен, Свети Николе и Валандово по 5, Богданци и Дебар по 4, Демир Хисар и Виница по 3, и во Дојран, Кратово, Пробиштип и Демир Капија по еден нов случај.

Од вкупниот број на позитивни, 157 се реинфекции.

Регистрирани се 1.502 оздравени пациенти.

Во текот на изминатите 24 часа се регистрирани 21 починато лице на возраст од 53 до 89 години.

Согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза ковид-19 од Мој термин, пријавени се дополнително 10 починати лица на возраст од 63 до 86 години. Пријавените лица се починати во период од 3 до 10 февруари

Од вкупниот број на починати лица (n=31), 9 лица се целосно вакцинирани, а кај 30 лица се регистрирани коморбидитети.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 286.096, бројот на оздравени пациенти е 265.945, на починати е 8.736, а бројот на активни случаи изнесува 11.415.

Солзавец против демонстрантите во Париз

Солзавец против демонстрантите во Париз

Француската полиција испука солзавец кон демонстрантите на Елисејските полиња во центарот на Париз, непосредно откако во градот влезе „Конвојот на слободата“, кој протестира против антиковид мерките.

Возилата со демонстранти успеаја да ги поминат полициските контролни пунктови во центарот на Париз за да го попречат сообраќајот околу Триумфалната капија.

Демонстрантите, инспирирани од сличните протести во Канада, мавтаа со француски знаменца и трубат со автомобилските сирени, и покрај налогот од полицијата да не влегуваат во Париз.

Полицијата побара од демонстрантите да се движат, откако застанаа и се качија на возилата на сред кружниот тек околу Триумфалната капија.
Претходно, полицијата соопшти дека запрела околу 500 возила кои се обидувале да влезат во Париз и изрекла скоро 300 парични казни.

Во друго соопштение, полицијата наведува дека на југот на Париз биле уапсени петмина демонстранти и дека кај нив биле пронајдени чатали, чекани, ножеви и гас-маски.

Полицијата поради протестот ангажираше над 7000 припадници на безбедносните сили, постави контролни пунктови и испрати оклопни транспортери и водени топови.

Полицијата за денеска во Париз одобри два улични марша на противниците на вакцинацијата и на членовите на „Жолтите елеци“.
Демонстрантите се инспирирани од потегот на камионџиите во Канада, кои го блокираа прекуграничниот сообраќај со САД. Тие протестираат против антиковид ограничувањата, но и против брзиот раст на цените на енергенсите.

Главно барање на демонстрантите е укинување на потврдите за вакцинација, кои се потребни за влез во голем број јавни места и поголема помош од властите за сметките за струја.

Канадската полиција почна да ги отстранува демонстрантите од мостот кон САД

Блокада на мостот Амбасадор меѓу САД и Канада

Канадската полиција денеска почна со отстранување на демонстрантите кои со блокадата на мостот меѓу Канада и САД ја прекинаа трговијата меѓу двете земји.

Блокадата на мостот Амбасадор, најпрометниот граничен премин, го поремети протокот на стоки и ги принуди автомобилските индустрии во САД и Канада да го намалат производството.

Демонстрантите шести ден протестираат против антиковид мерките и против политиките на канадскиот премиер Џастин Трудо.

Отава блокирана две недели, полицијата предупредува
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:46 0:00

Властите во Онтарио вчера прогласија вонредна состојба која на властите им овозможува изрекување парични и затворски казни за луѓето кои продолжуваат со нелегалната блокада на патиштата и мостовите, откако судот им нареди да заминат.

Демонстрантите сепак одлучија да ги продолжат блокадите.

Забраната за блокирање стапи на сила вчера (11 февруари) во 19 часот по локално време (1 по полноќ по централно европско време), за да окончаат неколкудневните протести.

Камионџиите го блокираат мостот Амбасадор, витална трговска врска меѓу Виндзор во Онтарио и Детроит во Мичиген.

Протестите на камионџиите против ограничувањата поради пандемијата траат и на другите гранични премини и во главниот град Отава, кој е блокиран со камиони веќе две недели.

Претходно, канадската провинција Онтарио прогласи вонредна состојба поради протестот на камионџиите кои го парализираа главниот град и ја нарушуваат трговијата со САД, а премиерот на Онтарио Даг Форд вети дека ќе направи сè што е потребно за да се окончаат блокадите.

„Ќе ги преземеме сите потребни чекори за да осигураме повторно отворање на границите“; рече Форд на прес-конференција, заканувајќи се со казни до 100 илјади канадски долари и затвор ако демонстрантите не ја прекинат својата „илегална окупација“.

„На луѓето во Отава по опсада им велат дека ќе обезбедиме да продолжат со животот и работата што е можно порано“, рече тој.

Канадскиот премер Џастин Трудо, по разговорот со американскиот претседател Џо Бајден, вчера изјави дека окупацијата на Отава и блокадата на виталните трговски врски со САД мора да прекинат и оти ќе прекинат.

Важниот мост Амбасадор, кој ги поврзува Виндзор и Детроит секојдневно го користат над 400 илјади луѓе, заедно со камионите кои во просек дневно превезуваат стоки во вредност од 323 милиони долари, или околу една четвртина од трговијата меѓу САД и Канада.

Повеќедневните гранични блокади веќе имаа големо влијание, а неколку производители на автомобили беа принудени да го намалат производството како резултат на блокадите, што предизвика стравувања дека тоа би можело да влијае на економското опоравување на Канада од пандемијата.

Премиерот Џастин Трудо е под се поголем притисок да ја стави ситуацијата под контрола, а Вашингтон го повикува својот северен сосед да ги искористи федерални овластувања за да ги прекине блокадите.
Протестот на камионџиите против ковид-мерките, кој го нарекоа „конвој на слободата“, предизвика протести од солидарност ширум земјата, но и во странство.

Блинкен му рекол на Лавров дека дипломатскиот пат е отворен, но Русија треба да ги намали тензиите

Шефовите на дипломатиите на САД и на Русија, Ентони Блинкен и Сергеј Лавров

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска му рекол на неговиот руски колега Сергеј Лавров дека дипломатскиот пат за решавање на кризата околу Украина останува отворен, но тоа подразбира Москва да ги намали тензиите и да се вклучи во разговор со добра волја, соопшти Стејт департментот.

Во соопштението се наведува дека Блинкен „повторил дека доколку Москва го следи патот на агресијата и дополнително ја нападне Украина, тоа ќе резултира со решителен, масовен и обединет трансатлантски одговор“.

За време на телефонскиот разговор, Лавров ги обвинил САД дека водат „пропагандна кампања“ за можна руска агресија, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

Лавров исто така рекол дека Вашингтон и Брисел ги игнорираат клучните руски безбедносни барања.

Русија распореди повеќе од 100 илјади војници и воена опрема во близина на границата со Украина, а САД вчера предупредија дека Русија во секој момент може да ја нападне соседната земја.

Москва ги негира обвинувањата дека планира инвазија.

Телефонскиот разговор меѓу Блинкен и Лавров доаѓа во пресрет на телефонскиот разговор меѓу претседателите Џо Бајден и Владимир Путин, во услови на зголемено стравување од руска инвазија врз Украина.

Пред да разговара со Бајден, Путин треба да има телефонски разговор и со францускиот претседател Емануел Макрон, со кого се сретна претходно оваа недела во Москва во обид да најдат решение за кризата.

Затворени четири угостителски објекти во Тетовско, затекнати 27 лица без ковид-сертификат

Тетово, илустрација

Привремено се затворени четири угостителски објекти вчера во Тетово и околни населени места во координирана акција на Министерството за внатрешни работи, Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи, кои извршиле инспекциски надзори во десетина угостителски објекти и казина на територијата на тетовско.

Од МВР соопштија дека објектите се запечатени со пломби од Инспекторатот, а нивното привремено затворање е по член 64 од Законот за заштита на населението од заразни болести.

Во четирите затворени објекти биле затекнати вкупно 27 лица без задолжителните ковид-сертификати, а во два објекта затекнати се лица без соодветни лиценци кои вршеле работа како обезбедување на објектите.

„Во два објекта беа констатирани прекршоци по основ на Законот за заштита од пушење, а за три објекти побарана е дополнителна документација согласно Законот за угостителска дејност, така што постапката за нив продолжува до целосно разгледување на документацијата“, информираа од МВР.

Во сите контролирани објекти изречени се и глоби од страна на Управата за јавни приходи по основ на неиздавање фискални сметки.

Албанското МНР ги повика граѓаните под итно да ја напуштат Украина

Тирана

Албанското Министерството за Европа и надворешни работи ги советува албанските граѓани да не патуваат во Украина.

Во исто време, министерството ги повикува албанските граѓани кои се во Украина што поитно да ја напуштат оваа земја, a за контакт за помош може да се обратат на неколку телефонски броеви и електронска пошта, што ги објавува во соопштението.

„Се повикуваат албанските граѓани да се информираат преку каналите за комуникација на Министерството за Европа и надворешни работи“, се наведува на крајот од соопштението.

Полицијата спречи стотици возила да влезат во Париз за протест против антиковид мерките

Протест против мерките воведени за спречување на ширењето на коронавирусот во Париз

Француската полиција соопшти дека запрела 500 возила кои денеска се обиделе да влезат во Париз во рамки на „конвојот на слободата“, покренат во знак на протест поради мерките воведени за спречување на ширењето на коронавирусот.

Во соопштението се наведува дека возилата се пресретнати на три контролни пункта на влезовите во Париз, а изречени се над 150 парични казни.

Француската полиција соопшти дека скоро 7200 припадници на безбедносните сили се распоредени за спроведување на мерките за забрана за движење во конвоите.

Претставник на париската полиција рече дека формирале привремен паркинг на кој неколку илјади камиони-пајаци ќе ги носат возилата за да спречат каква било блокада.

На улиците на Париз, првпат од завршувањето на протестот на „Жолтите елеци“ кон крајот на 2018 година се распоредени и оклопни возила.

Демонстрантите се инспирирани од потегот на камионџиите во Канада кои го блокираа прекуграничниот сообраќај со САД и реагираат против актиковид мерките, но и против растот на цената на енергенсите.

Главно барање на демонстрантите е укинување на потврдите за вакцинација кои се неопходни за влез во голем број јавни места, како и поголема помош од властите со сметките за струја.

Украина ги повикува своите граѓани на смиреност

Поглед на Киев

Украинската влада денеска ги повика граѓаните да останат смирени и обединети, велејќи дека вооружените сили се подготвени да го одбијат секој напад врз земјата во време на растечка загриженост дека Русија се подготвува за инвазија врз својот сосед.

Апелот дојде еден ден откако САД и други земји, меѓу кои Велика Британија, Австралија и Јапонија, ги повикаа своите граѓани веднаш да ја напуштат Украина поради растечката опасност од голема офанзива од руските сили.

„Сега е клучно да останеме смирени и обединети во земјата и да избегнуваме активности кои ќе нарушуваат стабилноста и шират паника“, се наведува во соопштението на украинското Министерство за надворешни работи.

Тие наведуваат дека вооружените сили постојано го следат развојот и се подготвени да го одбијат секое нарушување на територијалниот интегритет и суверенитетот на Украина.

Русија распореди над 100 илјади војници и воена опрема во близина на границата со Украина, а САД вчера предупредија дека Русија може да нападне во секој момент.

Москва ги негира западните обвинувања дека можеби планира инвазија, велејќи дека има право да ги распоредува своите војници каде било на руска територија.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG