Достапни линкови

Вести

САД го поддржуваат договорот меѓу Скопје и Атина

„Соединетите држави им честитаат на премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев и го поздравуваат историскиот договор за решавање на спорот за името“, се наведува во соопштението на Стејт департментот откако во Скопје и во Атина беше соопштено дека е постигнат договор за спорот со името. „Оваа решение ќе биде од корист за двете земји и ќе ја зајакне регионалната безбедност и просперитет. Премиерите Заев и Ципрас покажаа визија, храброст и упорност во нивната потрага по заемно прифатливо решение. Ние, исто така, ја поздравуваме посветеноста на посредникот на ОН Метју Нимиц во неговите цврсти напори за ставање крај на над дведеценискиот спор. „Подготвени сме да го поддржиме овој договор, како што бараа двете земји“, наведува Стејт департментот.

види ги сите денешни вести

Вакцинирани вкупо 519.106 граѓани

Вакцинација. Ковид-19.

Министерството за здравство информира дека на вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера, вакцинирани се вкупно 519.106 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 3.905 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 10.984 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 932.603 дози вакцини, а ревакцинирани се 409.186 граѓани, соопшти Министерството за здравство.

Со последните бројки, како што се посочува, барем една доза вакцина имаат примено 65 отсто од населението над 70 години, 62 проценти од лицата над 65 години, 57 отсто од оние над 60 години, како и 47 проценти од граѓаните над 50-годишна возраст.

„ Граѓаните без закажан термин се вакцинираат, во постоечките вакцинални пунктовите низ државата. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба. Сајтот vakcinacija.mk е отворен за закажување на термини за вакцинација на децата“, информираат од Министерството за здравство и апелираат граѓаните да се вклучат во масовното вакцинирање, бидејќи само на овој начин ќе успееме да го победиме вирусот.

Светската здравствена организација повикува на мораториум на давање трета доза на вакцините против ковид-19 барем до крајот на септември, изјави нејзиниот шеф Тедрос Аданом Гебрејезус. Овој потег треба да овозможи да се вакцинираат најмалку 10% од населението во секоја земја, рече Тедрос.

Активни пожари во битолскиот, струмичкиот, кумановскиот и штипскиот регион

Пожар во Македонски брод. Илустрација.

Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека активни пожари има во битолскиот, струмичкиот, кумановскиот и штипскиот регион. Во нивното гаснење од раните утрински часови учествуваат пожарникарите, припадници на Армијата, а на одредени места дел од екипата од Бугарија, како и месното население.

Активни пожари, согласно состојбата до 8 часот утринава, има во битолскиот регион. Поточно, на територијата на ЕЛС Прилеп има два активни пожари на отворен простор и тоа во атарот на селата Дрен-Смолане каде гори сува трева и шума и е во близина на објекти.
Пожар кој започна на 2 август во атарот на селото Топлица се проширил во атарите на селата Ракле и Никодин. Гори сува трева, а во повисокиот дел и густа шума.

Од ЦУК информираа дека на двата пожари од раните утрински часови во гаснење учествуваат девет пожарникари со 4ПП возила и 28 припадници на АРМ и вработени од „Црн бор“ – Прилеп.

Во однос на струмичкиот регион, таму утрово на пожарот кај Погана се излезени 2 ПП возила од ТППЕ Валандово со седум пожарникари, 14 од ШС Саланџак-Валандово, 30 припадници на АРСМ, ДЗС Валандово 7, ЕВН со седум вработени, една цистерна за вода и едно теренско возило, од РЕК Битола и здружение од Битола девет луѓе исто така се излезени 13 вработени од ПШС Кожув.

Во кумановскиот регион активен е пожарот во селото Мургаш. Гори сува трева и истиот може да се прошири према куќите.За пожарот се известени ТППЕ Куманово, ДЗС Куманово и општина Куманово. Во моментот активни пожари има во селата Довозенце, Горно Јачинце и Градиште, а информациите се добиени од ТППЕ Куманово чии екипи сеуште се на терен.

Во Општина Кратово пожарот во селото Коњух е се уште активен на непристапен терен. На терен се ТППЕ Кратово со едно возило, три пожарникари и четворица вработени од Шумското стопанство.
Во штипски регион, пожарот на потегот село Костин дол – Ново село од нокеска е повторно активен. На терен се екипи од ТППЕ-Кочани, ШС Осогово, Водостопанство и МЗШВ.

Пожарот кој Стар Истевник се уште е активен. Од раните утрински часови на терен се распоредени екипи на АРСМ, ЦУК, ДЗС, НШ, ЈП, дел од екипата од Бугарија како и месно население. Само од АРСМ има 200 луѓе. Противпожарна екипа од Кочани.

Информација од Раководителот на РЦУК Делчево од лице место, е дека на теренот се распоредени екипи на НШ, ГП, КП, АРСМ, во многу голем број месно население и доброволци. На теренот видливоста е многу намалена и има многу дим, што го отежнува гасненењето на пожарот.

Владата во меѓувреме на денешната седница го разгледува предлогот за донесување на одлука за прогласување на кризна состојба на целата територија на државата во траење од 30 дена.

Пет хеликоптери го гасат пожарот кај Пехчево

Пожар во близина на Пехчево

Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов информира дека пет хеликоптери веќе го гаснат пожарот во пехчевско. Тие полетале, како што наведува Ангелов, откако претходно рано утрово беше направено извидување на теренот со еден армиски хеликоптер.

„Петте хеликоптери почнаа со гаснење. Поради безбедносни причини и протоколи нема да се вклучам во живо“, напиша Ангелов на Фејсбук.

Ангелов вчера најави дека денеска рано наутро петте хеликоптери ќе дејствуваат врз големиот пожар во реонот на општина Пехчево сè додека тоа го дозволува температурата на воздухот. Хеликоптерите од кои два македонски и три српски, вчера попладнето се упатиле кон локацијата зафатена со пожарот, но поради исклучително високите температури, веднаш по пристигнувањето командантот на ескадрилата донел одлука за нивно повлекување.

Пожарот во Горно Јачинце, кумановско сè уште е активен, информираа денеска надлежните од територијалната противпожарна единица Куманово. Останатите два жаришта кои се наоѓаат кај Довезенце и Јачинце – Мургаш се ставени под контрола.

„Трите активни жаришта ги гасевме до три часот утрово. Двата се целосно угаснати, но остана противпожарна патрола од месно население која дежура. Последното жариште е локализирано, ставено под контрола и имаме уште една екипа таму“, изјави командирот на ТППЕ Куманово, Дејан Илиевски.

Минатиот месец беше трет најтопол јули во светот забележан досега

Минатиот месец беше еден од најжешките јули во светот, забележан само зад 2019 и 2016 година, со невообичаено високи температури од Финска до Соединетите држави, соопштија денеска научници на ЕУ. Тоа е најновата пресвртница во долгорочниот тренд на затоплување, според која последните седум години беа рангирани како најжешките во светот досега, бидејќи емисиите на стакленички гасови ја менуваат климата на планетата.
„Кога ги гледаме глобалните температури, има промени од година во година, па дури и од месец во месец“, вели Фреја Вамборг, виш научник во Службата за климатски промени Коперник на Европската унија, додавајќи: „Но, на крајот, основната работа што ја гледаме е трендот на затоплување на глобално ниво, и во повеќето региони во светот“.

Нека заврне: гневот расте поради големата суша во Централна Азија

Записите на Коперник датираат од 1950 година, но се вкрстуваат со други сетови на податоци кои потекнуваат од средината на 19 век. Повеќе региони беа опфатени со екстремни временски настани минатиот месец - во согласност со консензусот на научниците дека глобалното затоплување ги прави топлинските бранови поверојатни и пожестоки и дека потопла планета ќе доведе до пообилни врнежи. Рекордните горештини во Соединетите држави и Канада, кои започнаа во јуни, усмртија стотици луѓе и разгореа големи пожари. Во Кина, Белгија и Германија, екстремните врнежи предизвикаа смртоносни поплави. Тропскиот север на Австралија ја забележа највисоката дневна максимална температура минатиот месец, додека температурите над Северна Африка беа повисоки од нормалните.

Русија, Узбекистан и Таџикистан на воени вежби на границата со Авганистан

Тенкови за време на воена командно-штабна вежба на руско-таџикистански сили

Русија, Узбекистан и Таџикистан од денеска до 10 одржуваат воени вежби на 20 километри од границата со Авганистан во Таџикистан, објави руската новинска агенција ТАСС повикувајќи се на висок претставник на вооружените сили на Русија. Талибанските борци постигнаа голем напредок во Авганистан, откако американските сили се повлекоа по 20-годишна војна. Тоа предизвика безбедносна главоболка за Москва, која се плаши дека бегалците можат да бидат турнати во рускиот двор во Централна Азија и со тоа нејзиното јужно одбранбено крило да се дестабилизира.

Талибанска офанзива во Авганистан, Кандахар под опсада

Талибанците веќе три месеци водат офанзива низ Авганистан. Во последните недели се приближија Кандахар, лулката на талибанското движење, како и Херат на запад и Лашкар Гах, главниот град на јужната провинција Хелманд. Авганистанскиот претседател Ашраф Гани деновиве изјави дека влошувањето на безбедносната состојба во Авганистан е поради „ненадејната“ одлука на Соединетите држави да ги повлече сите свои војници од земјата. „Сегашната ситуација се должи на ненадејната одлука на Вашингтон“, рече Гани во авганистанскиот парламент.

Мајкрософт бара вработените во САД да се вакцинираат

Мајкрософт ќе бара вработените во САД да бидат целосно вакцинирани

Од идниот месец, Мајкрософт ќе бара вработените во САД да бидат целосно вакцинирани за да влезат во канцеларии и други работни места. Технолошкиот гигант, со седиште во Редмонд, ги извести вработените дека „ќе биде потребен доказ за вакцинација за сите вработени и сите гости што влегуваат во зградите на Мајкрософт во САД“. Компанијата, исто така, соопшти дека ќе има механизам за сместување на вработените кои поради здравствени или други причини не можат да се вакцинираат. Правилото за вакцинација нема да важи надвор од САД поради правни и дистрибутивни разлики, се вели во писмото.

Њујорк ќе бара доказ за вакцинација за активности во затворени објекти

Новата политика за вакцини на Мајкрософт ги следи сличните потези на други технолошки гиганти, вклучувајќи ги Гугл и Фејсбук, и Дизни и Волмарт. Редфин, онлајн брокерска фирма со седиште во Сиетл, им порача на вработените во вторникот дека ќе го одложи повторното отворање на канцеларијата на неодредено време и ќе бара вработените да бидат вакцинирани пред да влезат во канцеларијата.

Талибанците убиле млада жена бидејќи носела тесна облека

Авганистан, илустрација

Полицијата во северната авганистанска провинција Балк соопшти дека Талибанците убиле млада жена, бидејќи носела тесна облека и не била придружувана од машки роднина. Шефот на полицијата на Балк, Зијалук Тофан, за Радио Слободна Радио рече дека младата жена била убиена од талибански милитанти во селото Самар Кандијан, кое е под контрола на милитантната група. Адил Шах Адил, полициски портпарол во Балк изјави дека жртвата имала 21 година. Адил рече дека жената била нападната откако ја напуштила својата куќа и требало да се качи на возило за да отпатува за главниот град на Балк, Мазар-е Шариф. Жената носела бурка, превез што го покрива лицето и телото, во моментот на нападот, соопшти полицијата.

Талибанците повторно воведуваат репресивни закони за жените во Авганистан

Портпаролот на талибанците Забиула Муџахид ги отфрли обвинувањата и рече дека групата го истражува нападот. За време на нивното владеење 1996-2001 година, Талибанците им го ускратија правото на девојчињата да одат на училиште, а на жените не им беше дозволено да работат надвор од домот. Жените мораа да носат бурка и да бидат придружувани од машки роднина кога излегуваат надвор.

Известува за правата на жените во Авганистан и покрај смртните закани


Авганистанците кои живеат под контрола на Талибанците изјавија дека екстремистичката група воведува некои од своите репресивни закони, вклучително и забрана за жени да работат надвор од домот.

Апел да се почитуваат мерките за заштита од топлотниот бран

Министерството за труд и социјална политика упати апел да се почитуваат препораките од Министерството за здравство, за заштита на здравјето и превенција на последиците од топлотните бранови. Овие општи мерки предвидуваат ослободување од работните обврски на најранливите групи на населението, како што се бремените жени и лицата на возраст над 60 години, во установите за згрижување на децата градинки да не практикуваат физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот, а единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да имаат поактивен пристап и да пружат помош на осамени стари изнемоштени лица и бездомници.

Работа на високи температури: човечкиот живот е поважен од профитот

Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, од Министерството ги потсетуваат работодавачите на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.

СЗО повика на мораториум на трета доза на вакцинација против ковид-19

Чекање на ред за вакцинирање во Тајван

Светската здравствена организација повикува на мораториум на давање трета доза на вакцините против ковид-19 барем до крајот на септември, изјави нејзиниот шеф Тедрос Аданом Гебрејезус. Овој потег треба да овозможи да се вакцинираат најмалку 10% од населението во секоја земја, рече Тедрос. „Ја разбирам загриженоста на сите влади да го заштитат својот народ од варијантата делта. Но, не можеме да прифатиме земји кои веќе го искористиле поголемиот дел од глобалната понуда на вакцини да користат уште повеќе“, додаде Тедрос.

Израелскиот претседател прими трета доза вакцина против корона

Во минатата недела, израелскиот претседател Исак Херцог прими трета доза, со што започна кампањата за доделување на уште една доза на лица над 60 години, како дел од напорите да се забави ширењето на многу заразната варијанта делта во земјата. Соединетите држави во јули потпишаа договор со Фајзер и германскиот партнер Бионтек за купување на 200 милиони дополнителни дози од нивните вакцини против ковид-19 за вакцинирање со трета доза.

Илузорно е да се очекува 80 отсто од населението да се вакцинира

„Наместо тоа, треба да се фокусираме врз оние луѓе кои се најранливи, најмногу изложени на ризик од тешки заболувања и смрт, за да ја добијат првата и втората доза“, им рече на новинарите Кетрин О'Брајан, директор за вакцини за имунизација и биологија во СЗО. Белата куќа го отфрли повикот на СЗО за мораториум до крајот на септември, со цел милиони ширум светот допрва треба да се вакцинираат против коронавирусот.

САД досега дистрибуираа повеќе од 100 милиони дози вакцини

Портпаролот на Белата куќа, Џен Псаки, рече дека Соединетите држави можат да продолжат да донираат дози за вакцини во странство и да имаат доволно вакцини за да им обезбедат на Американците трета доза, доколку е потребно.

Владата ќе го разгледа предлогот за кризна состојба во Македонија поради пожарите

Шумски пожар во Македонија

Поради алармантноста на ситуацијата, Управувачкиот комитет го прифати предлогот на Групата за процена и ѝ предложи на Владата да донесе одлука за постоење кризна состојба на целата територија на државата во траење од 30 дена. Владата денеска во 08.30 часот ќе одржи седница на која ќе го разгледа ваквиот предлог. „Состојбата се менува од час во час. Однапред не можеме да предвидиме како ќе се однесуваат пожарите зашто исклучително сувата вегетација, високите температури и ветерот придонесуваат за нивно брзо ширење и менување на правците, рече директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов. Пет хеликоптери денеска ќе бидат ангажирани во гаснењето на големиот пожар во реонот на општина Пехчево се додека тоа го дозволува температурата на воздухот, најави Ангелов преку својот фејсбук профл. Тој претходно објави дека пет хеликоптери, од кои два македонски и три српски, вчера се упатиле кон локацијата зафатена со пожарот, но поради исклучително високите температури, веднаш по пристигнувањето командантот на ескадрилата донел одлука за нивно повлекување.

Управувачкиот комитет ѝ предложи на Владата да прогласи кризна состојба поради пожарите

Како што соопшти Ангелов, во државата се активни 10 пожари од кои неколку се исклучително сериозни, а другите се од средна категорија. Во некои гори сува трева, нискостеблести растенија, грмушки и се далеку од населени места поради што не се опасност за никого.

Времето денеска: многу топло, попладне можен дожд

Ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен до засилен ветер претежно од југозападен правец. Во попладневните и ноќните часови ќе има локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер. На места процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд за кратко време, електрични празнења, силен ветер (над 80 км/час) и услови за појава на град. Дневната температура ќе биде од 29 до 43 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 40 степени.

Пожарникари од Бугарија помагаат кај Пехчево, хеликоптерите ќе гасат рано наутро

Илустрација: Шумски пожари во Македонија

Пожарот во пехчевско не е ставен под контрола. Гори селото Умлена, над Робово и во близина на село Митрашинци. Се работи за голем потег со дијаметар од 10 километри и претежно борова шума. Гасењето е отежнато поради непристапниот терен.

Според жителка на селото Умлена кое е во непосредна близина на Пехчево, ситуацијата е страшна.

„Пожарот дојде речиси до местото наречено Камен, уште малку да влезе во селото. Куќите не беа загрозени. Главно ја завршија работата, инаку ќе имаше голем беља“, рече жителката од селото, пренесува МИА.

Како што вели командирот на Одделението во Територијалната противпожарна единица – Берово, Димитар Букушовски, пожарот е се уште активен иако екипи трет ден учествуваат во негово гасење.

„Има многу екипи на терен. Месното население приоѓа, но пожарот засега не е под контрола. Да се надеваме дека со напор, вечерва, утре ќе успееме да го ставиме под контрола. Патиштата се непристапни, со ограничени можности сме со возилата за дејствување. Затоа прилично тешко се одвива гасењето“, нагласи Букушовски.

Тој рече дека на помош дошле и колеги од Бугарија со две цистерни, неколку возила и со 20-25 пожарникари.

На терен се и пожарникари од Виница.

За вакви пожари, со толкав интензитет, оцени тој, има повеќе причини – висока температура, скоро 40 степени, 50 дена без дожд, ветер.

Тој вели дека ваков пожар не може да се изгасне од земја, туку мора да се делува од воздух, но хеликоптерите немаат можност да гаснат пожари ноќно време. Претходно беше најавено дека два македонски и три српски хеликоптери ќе помогнат во гаснењето, но не можеле поради високите температури.

Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов соопшти дека утре рано наутро петте хеликоптери ќе дејствуваат врз големиот пожар во реонот на општина Пехчево сè додека тоа го дозволува температурата на воздухот.

Тој претходно објави дека пет хеликоптери, од кои два македонски и три српски, попладнето се упатиле кон локацијата зафатена со пожарот, но поради исклучително високите температури, веднаш по пристигнувањето командантот на ескадрилата донел одлука за нивно повлекување.

Ангелов соопшти дека во државата се активни 10 пожари од кои неколку се исклучително сериозни, а другите се од средна категорија. Во некои гори сува трева, нискостеблести растенија, грмушки и се далеку од населени места поради што не се опасност за никого.

Магистралниот пат Штип-Кочани вечерва, од 21 часот, е во прекин во двата правци поради пожар во кој гори стрниште и ниви и се шири кон магистралниот пат. АМСМ соопшти дека е нормализиран сообраќајот Делчево – Пехчево.

Пожарот во Дренак во Старо Нагоричане сè уште е активен, но во моментов е под контрола. Во општината, како и во Куманово во текот на денов имало уште неколку пожари.

Во прилепско има два активни пожари.

Управувачкиот комитет вечерва предложи воведување кризна состојба од 30 дена поради состојбата со пожарите. Владата утре во 8:30 ќе одржи седница на која ќе го разгледа предлогот.

Управувачкиот комитет ѝ предложи на Владата да прогласи кризна состојба поради пожарите

Стојанче Ангелов

Управувачкиот комитет на седница која ја одржа вечерва го прифати предлогот на Групата за процена и ѝ предлага на Владата да донесе одлука за постоење на кризна состојба на целата територија на државата во траење од 30 дена, напиша на својот Фејсбук профил раководителот на групата за процена и директор на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов.

„Групата за процена, составена од директорите на ЦУК, ДЗС, АНБ, БЈБ, Агенција за разузнавање, заменикот на началникот на Генералштабот на Армијата, раководителот на службата за воена безбедност и разузнавање, замениците директори на ЦУК и ДЗС, и советникот за национална безбедност од кабинетот на Претседателот, попладнево одржа седница на која поради зголемениот обем на пожарите, зголемениот ризик за граѓаните и неколку други причини, донесе едногласна одлука да му предложи на Управувачкиот комитет (министрите за внатрешни и надворешни работи, одбрана, здравство, транспорт и врски, како и раководителот на групата за процена) да ѝ предложи на Владата да донесе Одлука за постоење на кризна состојба на територијата на РС Македонија поради зголемена појава на пожари и спречување од нивно ширење во траење од 30 дена“, појасни Ангелов.

Ангелов вчера рече дека нема потреба од прогласување кризна состојба, но оти ја следат состојбата.

Приведен албански државјанин за подметнување шумски пожар во Гостиварско

Илустрација: Пожар во Кокино, кај Старо Нагоричане, кумановско.

Полициски службеници од Полициското одделение Галате денеска во 15:10 часот го лишија од слобода Л.А. (32) од Република Албанија, кој илегално престојувал во државата, поради основано сомнение дека подметнал пожар над гостиварско Пожаране. Тој ќе биде задржан за понатамошна постапка.

Како што информираат од МВР, едно лице е осомничено и за пожарот во Старо Нагоричане и полициските службеници веќе постапуваат во координација со јавен обвините

„Во текот на вчерашниот ден, пак, благодарение на брзата интервенција на полициска патрола и на екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје спречен е пожар од поголем размер пред село Блаце кон Катланово, за кој две лица се под сомнение за негово предизвикување и се работи на расчистување и на овој случај“, соопшти МВР.

Тие апелираат строго да се почитува забраната за движење во шумските предели, а граѓаните максимално да се воздржат од палење огнови, отпадоци, меѓи и стрништа на нивите, да не фрлаат неизгаснати догорчиња и да не оставаат стаклени шишиња или други предмети, кои подолго време изложени на сонце, можат да предизвикаат пожар.

Повлечени хеликоптерите од Пехчевско

Пожар во близина на Пехчево

Веднаш по пристигнувањето на петте хеликоптери за гаснење пожар во Пехчевско, тие се повлечени поради исклучително високите температури, информираше директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов. Во регионот на Пехчево има голем шумски пожар.

Ангелов на својот фејсбук профил напиша дека хеликоптерите повторно ќе се упатат кон Пехчево по намалување на температурата на воздухот за неколку степени.

Во попладневното гостување, пак, на Канал 5, Ангелов соопшти дека во овој момент се активни 10 пожари од кои неколку се исклучително сериозни, а другите се од средна категорија. Во некои гори сува трева, нискостеблести растенија, грмушки и се далеку од населени места поради што не се опасност за никого.

„Најсериозна е состојбата во Општина Македонски Брод. Таму ветерот го смени правецот па огнот дојде блиску до едно од селата. Таму се припадници на Противпожарната единица, полицијата и војската. Исклучително сериозен пожар со голем обем има и околу Пехчево кој веќе преминува во Општина Берово. Таму, штом ќе се создадат услови, кога температурата на воздухот тоа ќе го дозволи, ќе бидат упатени двата армиски хеликоптери“, рече Ангелов.

Тој е дециден дека нема селективен пристап во гасењето на пожарите. Проценка се прави на лице место, а приоритет има животот на луѓето.

Во гаснењето на пожарот во Пехчево се вклучиле и пет противпожарни возила од Бугарија.

Во разговорот со градоначалникот на Делчево Горан Трајковски и останатите надлежни, одлучено е четири возила да одат кон Пехчево бидејќи таму ситуацијата е поалармантна, додека едно противпожарно возило ќе се вклучи во гаснењето на пожарот кај Пасјак.

Словенија испраќа 16 противпoжарни возила и 46 пожарникари

Пожар во делчевско.

Најдоцна до утре се очекува во земјава да пристигнат 16 противпижарни возила и 46 пожарникари од Словенија за да помогнат во гасењето на пожарите. Помошта од Словенија се реализира по вчерашниот телефонски разговор меѓу министерката за одбрана Радмила Шекеринска и нејзиниот словенечки колега Матеј Тонин.

„Се надевам дека ќе ги скротите огновите што е можно поскоро“, ѝ напишал министерот Тонин на министерката Шекеринска, информирајќи ја за брзата реакција на сојузничката земја, соопштија денеска од Министерството за одбрана.

Вчера министерката се заблагодари за помошта од соседните држави и НАТО сојузниците и рече дека Македонија може да смета на своите пријатели во неволја. Хеликоптери од Србија веќе се во Македонија и помагаат во гаснењето на пожарите, а помош беше најавена и од Бугарија.

ОБСЕ нема да испрати набљудувачи на изборите во Русија поради „големите ограничувања“

Илустрација

ОБСЕ нема да испрати набљудувачи на претстојните избори во Русија за прв пат по речиси три децении поради „големите ограничувања“ воведени од руските власти.

ОБСЕ денеска соопшти дека властите го ограничиле бројот на набљудувачи што може да ги испратат, наводно поради пандемијата на коронавирус.

ОБСЕ е едно од најголемите светски тела за набљудување на изборите, и испраќа експерти низ 57 земји-членки да утврдат дали изборите се слободни и фер. Парламентарното собрание на ОБСЕ исто така испраќа краткорочни набљудувачки мисии.

На 19 септември во Русија се одржуваат избори за пратеници во Долниот дом на Парламентот, односно за Државната Дума, за 39 регионални парламенти, како и за избори на 9 регионални гувернери.

Во пресрет на изборите, Кремљ презеде жестоки мерки против опозициските политичари и независните медиуми. На неколкумина опозиционери им е забрането да се кандидираат, повеќето од нив поврзани со политичката мрежа на затворениот критичар на Кремљ Алексеј Навални.

Русија ги покани набљудувачите на ОБСЕ, но го ограничи бројот на 60 луѓе поради влошената епидемиолошка ситуација во земјата. ОБСЕ претходно најави дека се потребни 80 долгорочни и 420 краткорочни набљудувачи.

ОБСЕ реагира дека во Русија нема никакви ограничувања за влез што ќе го оправдаат намалувањето на бројот на набљудувачи.

Прислушувани 1000 луѓе во Бугарија за време на антивладините протести - новинари, политичари и обвинител

Антивладини протести во Бугарија минатата година

Околу илјада луѓе се „активно обработувани“ за време и по антивладините протести минатото лето, и засега на 140 од нив им се знаат имињата. Ова се првите податоци што ги доби бугарската Комисија за истрага за полициско насилство и прислушување на политичари и демонстранти, изјави пратеникот Николај Хаџигенов од „Стани. БГ! Доаѓаме!“ на првиот состанок на привремената Комисија.

Состанокот по неколку минути беше затворен за медиумите поради доверливи материјали.

Хаџигенов по завршувањето на Комисијата, истакна дека специјализираниот Кривичен суд и Обвинителството ја саботирале работата на Комисијата бидејќи не испраќале материјали со образложение дека се работи за истражна тајна.

Според него, на списоците на прислушувани и следени се и имињата на политичари, пратеници, активисти, новинари и обвинител од Обвинителството на Софија. Тие биле прислушувани од 14 јули 2020 до и мај 2021 година.

„Откако ќе заврши работата на Комисијата и ќе помине низ Националното собрание, мора да најдеме начин како да ги објавиме сите овие работи, бидејќи нашата историја досега не знае таков случај“, наведе Хаџигенов, додавајќи дека тоа што се случило е „бугарски Вотергејт“.

Судири меѓу полицијата и демонстрантите во Софија
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:49 0:00

Хеликоптери ќе го гасат пожарот кај Пехчево, пожарот кај Девич се доближува до куќите

Пожар во близина на Пехчево

Во најскоро време треба да пристигнат два хеликоптери за гаснење на пожарот, истакна градоначалникот на Пехчево Драган Тренчовски по штотуку завршениот состанок на Кризниот штаб на кој беа утврдени насоки на делување за справување со пожарот.

„Лоша е ситуацијата со пожарот, бидејќи се префрли и дојде во делот над селата Робово и Умлена. Пожарот е високо на шумските предели над селата, но се шири на голема површина. На терен се екипи на ТППЕ од Берово и Пехчево, како и од Шумското стопанство, Центарот за управување со кризи и ДЗС, а имаме насоки дека ќе добиеме поддршка од воздух, односно треба да пристигнат два хеликоптера. Исто така, имаме насоки дека ќе добиеме помош од соседна Бугарија од каде е испратена екипа со 25 луѓе“, изјави Тренчовски.

Непристапниот терен и ветерот ја прават ситуацијата лоша, имаме луѓе на терен, а очекуваме да се вклучи и армијата, потенцира Тренчевски.

Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов на Фејсбук објави дека „пет хеликоптери од кои два македонски и три српски се на пат кон Пехчевскиот регион и заедно, со сета сила, ќе удрат по големот пожар кој се заканува на околните села“.


Во меѓувреме, пожарот што пред два дена избувна кај село Девич, Бродско и беше локализиран, денеска се реактивира. Огнот се доближува до селото и во моментов огнот е на четириесетина метри од првите селски куќи.

Според градоначалникот на Општина Македонски Брод, Живко Сиљаноски, се прават напори за ангажирање повеќе работна сила и опрема за соодветно да се дејствува.

„Опожарена е површина поголема од пет хектари, а во пожарот гори ситно стеблеста и деградирана шума, смрека и други ситни растенија. Поради ветерот, огнот се повеќе се доближува до првите куќи и моментно е на 30 – 40 метри од селото, што претставува сериозна закана дел од селските куќи да бидат зафатени“, изјави Сиљаноски.

Тој побара помош од полицијата и механизација од Територијалната противпожарна единица од Битола.

Властите соопштија дека во големиот пожар што избувна на 2 август во селото Отошница, Општина Ранковце и пожарите случени истиот ден на подрачјето на Крива Паланка, опожарена е вкупна површина од околу 225 хектари, најголем процент борова шума.

Пожарите беа локализирани истиот ден, ставени под контрола вчера рано изутрина, но пожарот во Ранковце кој беше обемен, синоќа и утринава повторно се активирал.

Огнот зафатил куќи во Отошница и е направена голема материјална штета.

Владата ја разреши директорката на инспекторатот за животна средина Ана Петровска

Разрешената директорка на Државниот инспекторат за животна средина Ана Петровска

Владата на денешната седница ја разреши Ана Петровска од функцијата в.д. директорка на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) и на нејзино место го именува Сретен Стојковски, исто така за в.д. Одлуката била донесена без дебата.

Разрешувањето е на барање на претседателката на ДОМ, Маја Морачанин. Од Владата претходно информираа дека согласно меѓукоалицискиот договор во Владата, позицијата директор на државниот инспекторат за животна средина е во политичка надлежност на партијата ДОМ.

Петровска е во конфликт со лидерката на партијата, Маја Морачанин. Внатрепартиските превирања во ДОМ добија јавност кон средината на мај годинава кога Петровска и пратеникот Мирослав Богдановски, останаа без партиските функции. Богдановски подоцна поднесе оставка од пратеничката функција, пренесува 360 степени.

Назначениот Стојковски исто така е од ДОМ.

Пожарот во делчевското село Нов Истевник зафати дел од куќите, населението евакуирано

Пожар во маалото Пајсак во делчевското село Нов Истевник

По 14 часот попладнево повторно се разви пожарот во маалото Пајсак во делчевското село Нов Истевник. Иако утрово гасеа хеликоптери на Армијата, поради ветрот пожарот веќе зафати куќи од горниот дел на селото. На терен се прави обиколка со трактор каде што е најизразен пожарот, а во меѓувреме населението е евакуирано во пониските делови на почетокот на селото.

На терен се пожарникари од Делчево, Берово, Македонска Каменица, припадници на Армијата, локално население, доброволци, Шумско стопанство кои учествуваат на негово локализирање. Ситуацијата е алармантна. Во моментот она што е најважно според учесниците во гаснењето е да се приклучат трактори.

Жителите кои ги сретнавме велат дека цел ден гори, а околу 15 часот се разгори. Глетката е страшна, пренесува МИА. Жителите меѓу себе се договараат да се вклучат со трактори во акцијата за гасење, бидејќи сите се испаничени. Мештаните ќе се вклучат и со рачно гребење со цел пожарот да не се спушти во селото.

Свадбите повторно ја отворија модуларната болница против ковид-19 во Тетово

Поглед на Тетово од Шар Планина

Драстично зголемување на луѓе кои мораат да бидат на болничко лекување се бележи во Тетово, каде три капацитети се искористени за хоспитализирани пациенти. Во инфективното одделение, во интерното одделени и во модуларната бoлница има 26 луѓе кои се на болничко лекување. Исто така Тетово покрај Скопје има и најголем број на новозаразени пациенти.

„Не знаеме дали е тој четврти бран или не, како и да е оди во тој правец, вчера имавме 64 амбулантски прегледи, тоа не сме го имале уште од есенскиот бран. Од тие прегледи очекуваме и нови хоспитализирани. Навистина е алармантно во споредба со лани овој период кога беше поблаго и подобро. Ако ме прашувате за новоинфицирани, тоа е резултат на зголемен број на тестирања, некои патуваат, некои се враќаат назад, тоа е еден фактор. Зголемување на хоспитализираните пациенти е поради мерките - како да заборавија граѓаните на пандемијата, не носат маски, нема дистанца, има групирање итн. Овие свадбени или други свечености што се организираа придонесуваат да имаме зголемен број на позитивни пациенти во болница“, изјави д-р Гзим Нуредени, координатор во Ковид центарот.

Поради зголемениот број на пациенти кои имаат потреба од болничко лекување пуштена е во употреба е и модуларната болница, а се оценува дека состојбата е алармантна.

„Гледаме дека луѓето се олабавени, а за жал пациентите се стари лица кои надвор не излегле. На младите не им е гајле ама жртва се старите дома. Тие што се жртва и седат дома изолирани и ќе бидат инфицирани. Сите што побргу да се вакцинираат, вакцината помага, клиничката слика ќе биде полесна кај секого“, вели Нуредини.

Од хоспитализираните 26 пациенти само еден не е на кислородна поддршка.

„Што се однесува до вакцинален статус, четири од нив се вакцинирани само со една доза, еден пациент е комплетно вакциниран, тој е релативно добро. Пациентот е некаде на 67-годишна возраст. Што се однесува до возраста на пациентите имаме 31, 37 години, и другите се над 65 години. Сите овие пациенти се со прекумерна телесна тежина, имаат и други коморбидитети, со срцева слабост, бубрежни проблеми и некои се со респираторни хронични болести“, рече Нуредини.

Меѓу хоспитализираните има и печалбари дојдени од Германија и Италија.

Според денешните податоци од Министерството за здравство, Тетово е град со најмногу новозаразени и најмногу активни случаи на ковид19. Од новозаразените 164 нови случаи на ковид19 во Тетово се 60, а потоа следува Скопје – 34 и Гостивар 21. И според бројот на активни случаи Тетово е на прво место. Како што објави Министерството за здравство вкупно има 770 активни случаи од кои во Тетово 229, во Скопје 221 заразен, а трет е Куманово со активни 72 случаи на ковид19.

Нормализиран железничкиот сообраќај, прекинат бојкотот на машиновозачите

Железничката станица во Скопје

Патничкиот и товарниот железнички сообраќај од попладнево во 14.30 часот е нормализиран. Машинскиот персонал во Железници на РСМ – Транспорт по денешната средба со менаџерскиот тим на претпријатието го прекина бојкотот на работата и е исплатен вториот дел од платата за јуни годинава, потврди за МИА Тони Димовски, претставник на машиновозачите и помошниот персонал.

Димовски информираше дека од Железничката станица во Скопје во 14.30 часот веќе е заминат возот 643 на релацијата Скопје – Битола.

Според Димовски, на средбата е договорено за платата за јули менаџерскиот тим во соработка со министерствата за финанси и транспорт да смогне сили вториот дел да го исплати до 25-ти месецов.

„Доколку не биде исплатен, наредниот ден, на 26 август, машинскиот персонал повторно ќе биде во бојкот и нема да ги извршува раотните задачи, изјави Димовски.

Тој најави и дека повторно ќе го блокираат железничкиот сообраќај доколку не им биде исплатен и надоместот за квалитет во износ од 30 проценти, што со јунската плата им бил намален на 20 проценти.

„Разговаравме и за исплатата на надоместот за квалитет којшто со јунската плата ни беше намален од 30 на 20 проценти. Бараме со првиот дел од јулската плата што треба да се исплати на 15 август да добиеме надомест во износ од 30 проценти. Во спротивно, односно доколку не биде 30 проценти, наредниот ден во 7 часот машинскиот персонал ќе ги прекине работните обрски“, рече Димовски.

Бојкотот на машинскиот и помошниот персонал почна вчера во 16 часот со целосна блокада на патничкиот и товарниот сообраќај.

Груби- со пожарите надлежните се соочуваат одговорно

Вицепремиерот Артан Груби

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби денеска истакна дека не е разговарано за разрешување на првите луѓе на ЦУК, затоа што сметаат дека со сите околности околу пожарите се соочиле одговорно. Сепак, како што рече, Владата ќе одржи седница, на која ќе се дебатира и за ова прашање.

„Сметаме дека со сите околности се соочивме доста одговорно, и за среќа немаме ниту една жртва, за разлика од земјите во регионот. Секако дека секогаш може многу подобро. Не сме зборувале за разрешување, но не сакам да прејудицирам, затоа што имаме сега седница на Влада и секако дека ќе се дебатира во однос на ова прашање“, рече Груби на денешната прес-конференција по повод промоција на поштенска марка по повод 20 години од Охридскиот договор, во одговор на новинарско прашање.

Тој посочи дека останува забраната за движење во шумите и испрати апел до граѓаните да бидат многу внимателни во следниот период.

Нови 164 заразени со ковид19, тројца починати

Пункт за тестирање за коронавирус во Скопје

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 5.276 тестирања, а регистрирани се 164 нови случаи на ковид19. Од нив најмногу во Тетово – 60, потоа следува Скопје – 34, Гостивар – 21, Куманово и Битола – по 8, Струмица, Кичево и Дебар – по 5, Штип и Кочани – по 4, Прилеп и Струга – по 3, Берово – 2, Охрид и Пехчево – по 1.

Пријавени се три починати лица : две лица од Гостивар и едно лице од Скопје, сите починати во болнички услови. Регистрирани сe 18 оздравени пациенти.

Со денешните новозаразени, починати и оздравени вкупната бројка на ковид дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 156.707 бројката на оздравени пациенти е 150.440, на починати е 5.497, а бројот на активни случаи изнесува 770.

Според епидемиолошки анализи во моментов најмногу заразени има во Тетово вкупно 229, а според бројот на активни случаи следен е Скопје со 221 заразен, а трет е Куманово со активни 72 случаи на ковид19.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG