Достапни линкови

Потрагите на Ана Ивановска во берлинскиот Прима центар


Ana Ivanovska Berlin
Ana Ivanovska Berlin

„Одбележување на бесконечноста“ е насловена изложбата на македонската уметница Ана Ивановска, што од 26 мај до 8 јуни, се одржа во берлинскиот Прима центар. За инсталацијата, која со нагласена љубопитност била проследена од тамошната публика, ќе биде забележано дека „со својата комплексна содржина, покрај нејзината визуелна функција, создава емоции и прашања поврзани со човечките мисли за постоењето, бесконечноста, патот и времето“.

Ана Ивановска, непосредно по двонеделниот престој во германската културна метропола, знае да каже дека зад неа како млад уметник е едно преубаво искуство. Дека нејзината самостојна изложба „Одбележување на бесконечноста“ во берлинскиот Прима центар, зад кој со својот организациски и творечки габарит сите овие години стои Јован Балов, била одлично дочекана од тамошната публика и посебно од претставниците на ликовната сцена – творците и кураторите. Дури, не заборава да спомене и тоа дека имала и импресивно отворање на поставката кое било збогатено со перформансот на македонскиот хармоникаш и композитор Јордан Костов и неколкумина негови колеги - германски музичари.

„Ова беше една амбиентална мултимедијална инсталација со видео арт проектиран во главната просторија којашто претставува раѓање и смрт на човековата животна патека, меѓутоа и сонцето како симбол на минливоста на времето, на цикличните ритмови, животниот циклус, циклусот којшто се повторува. Тоа е една универзална тема. Од она што луѓето ми го рекоа било доста невообичаено за оваа галерија да се пројавува со таква изложба, меѓутоа од сè штo видов и чув заклучив дека им е доста интересно. Доста ме прашуваа и се разви и дискусија во врска со делото. Така што јас како авторка бев навистина пријатно изненадена од публиката“, вели Ивановска.

И, кога ова е веќе познато несомнено треба да се спомене дека уметничките потраги на Ивановска се карактеризираат со работа и истражување на разновини медиуми, нивно комбинирање и отворено движење помеѓу продукциите на инсталации, предмети, слики, цртежи, колажи, видео и сл. Нејзиниот визуелен јазик е базиран на естетика и симболика на примарните геометриски форми. Во геометриската уметност ја доживува космичката, духовната, божествената природа на нештата каде симболите и нивното психолошко значење се нејзините главни интереси. Таа е исто така се бави со просторниот концепт на уметноста што го трансформира галерискиот простор и наметнува визуелен впечаток врз гледачот, комбинирајќи различни медиуми. Аудиовизуелните инсталации ја носат идејата за создавање на нов живот, светоста на чинот на раѓање. Не само како идеја за човечко раѓање, туку и идеја за космичко раѓање, генезата на Универзумот.

Инсталацијата со која таа се претстави во Берлин е голем кружен геометриски состав кој содржи можност за бесконечно проширување и множење на шестоаголни облици во околниот простор создавајќи илузија на перспектива и длабочина во своите бои. Тоа е варијација изградена врз геометриски шаблон сличен на цвет со симетрична структура на хексагон наречен „Цвет на животот“ кој се наоѓа во многу древни култури, вклучувајќи ја и Македонија.

Згора за „Одбележување на бесконечноста“ во каталогот ќе биде забележано дека претставува симбол на животворната енергија на сонцето и нејзиниот одраз во зората, минливоста на времето и неговите циклични ритми, животниот циклус кој е бескрајно повторлив, циклусот на природата: раѓање, живот, смрт и преродба, раст и почеток на нов циклус во животот. Конечно и тоа дека „со својата комплексна содржина, покрај нејзината визуелна функција, оваа инсталација создава емоции и прашања поврзани со човечките мисли за постоењето, бесконечноста, патот и времето“.

„Мојата уметност е базирана на таа света геометрија којашто е основата на секоја геометрија која постои. На градбата на сите животи, на внатрешната поврзаност, на единство на сите нешта. Постојано ја истражувам, но секогаш сакам да биде направено во некој различен медиум. Експериментирам доста со материјалите, со инсталациите, но во основа, го задржувам она што е поле на мојот интерес“, смета уметницата.

Родена 1982 година, Ана Ивановска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на одделот за сликарство. Членка е на Здружението на уметници на Македонија од 2008 година и еден од оснивачите на уметничките групи АРТ И.Н.С.Т.И.Т.У.Т ( 2009 – 2011) и МОМИ ( 2012). Таа има статус на независен уметник и сопственик е на детската креативна работилница „Креативна сложувалка“.

Досега самостојно, на групни изложби, уметнички колонии и работилници освен во земјава се претставувала и во САД, Канада, Холандија, Франција, Италија, Русија, Данска, Монголија, Кина и во безмалку сите балкански земји.

Ивановска, на 25 јуни, ќе биде и една од учесничките на веќе традиционалната групна изложба „Фемина“ што ја потпишува уметницата и педагог Јана Манева Чупоска и ќе се одржи во Културно-информативниот центар во Скопје.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG