Достапни линкови

Творештвото на Аџиевски во изложбениот салон на МАНУ


Во изложбениот салон на Македонската академија на науките и уметностите, во организација на Асоцијацијата за култура ИКОН, од 6 до 30 јуни, се одржува изложбата на слики, скулптури и графики од Илија Аџиевски, истакнат скулптор и цртач од првата генерација на современи македонски ликовни уметници.

Илија Аџиевски е врвен македонски скулптор, кој со своето творештво ја бележи својата национална духовна култура и традиција. И токму од тука потекнува главниот дел на неговите тематско обликовни инспирации со кои ги реализира своите дела. Со својата имагинација и моќ, преку отпечатоците на епидермот од прстите, тој моделира и создава творби кои ја следат траекторијата на времето, луѓето, настаните. И кога работи врз сижеата на историјата на својот народ, тој е скулптор а не хроничар. Скулптор, затоа што минатото го врзува со сегашноста а сегашноста со минатото. Таквиот творечки концепт во себе го содржи космичкото а не механичкото време.

Ова ќе го забележи Дора Андова Фотева во својот текст посветен на актуелната изложба на на слики, скулптури и графики од истакнатиот македонски уметник од првата генерација повоени творци Илија Аџиевски, што во организација на Асоцијацијата за култура ИКОН, од 6 до 30 јуни, се одржува во Изложбениот салон на Македонската академија на науките и уметностите во Скопје.

Поставката доаѓа по нецели пет години од неговото претставување во мултимедијалниот центар „Матица ексклузив“, а за неа Андова Фотева во деталната анализа, во делот со поднаслов „Ракопис во просторот испишан со гестот на прстите“, меѓу другото пишува дека „како најзначаен дел од творечкиот опус на неговото повеќедецениско творештво, секако е серијата на портрети – современици, творци како Димитар Солев, Коле Чашуле, Петре Андреевски, Анте Поповски, Радован Павловски, Светлана Христова Јоциќ, Симон Дракул, Борко Лазески, Глигор Чемерски, Петре Прличко, Георги Шоптрајанов, Столе Попов, Горан Стефановски...

Тоа се ликови на познати личности од нашата општествена и културна средина, забележува таа, „работени со внимателна анализа на моделот, со студиозен пристап во третирањето на ликовите, со прецизна разработка и креативна енергија“. Од таму, како што вели, токму феноменот на раст на енергијата, односно, нејзиното ширење и буење во волумен е една од темелните вајарски карактеристики кои уметникот ги применува во овие дела. Тоа се дела во кои владеат естетски форми на хармонија и единство, кои ја чинат композицијата и придонесуваат за богатството во вајарскиот израз, временската слоевитост и содржинската амбивалентност, пишува таа.

Но да се вратиме на фактографијата.

Роден во Струга, 1926 година, Илија Аџиевски е истакнат скулптор и цртач од првата повоена генерација македонски современи ликовни уметници. Основно училиште завршил во Дебар, а средно уметничко училиште во Скопје.

Студирал во Белград и во Загреб, каде што дипломирал во 1955 година.

Од крајот на 50-тите години на минатиот век, Аџиевски живее и работи во Скопје и активно учествува во градењето и подемот на современата ликовна сцена во Македонија. Во првата фаза работел споменична пластика, а потоа е вдахновен автор – портретист и мајстор на галерискиот формат и израз. Работи во сите материјали (дрво, камен, метал).

Како учители-мајстори кои најмногу придонеле во неговиот уметнички развој, Илија Аџиевски ги издвојува прочуените скулптори Димо Тодоровски (Средно уметничко училиште во Скопје), проф. Лојзе Долинар (од студиите во Белград) и проф. Фране Кршиниќ (на Ликовната академија во Загреб); кој бил и асистент на големиот Иван Мештровиќ.

Аџиевски е добитник на многубројни награди и признанија во земјава. Најзначајно признание на меѓународен план постигнал на Светската изложба на портретна скулптура, организирана од Националниот институт за убави уметности на Франција (Париз 1998 година), на која бил избран во селекција со 25 уметници (во глобална конкуренција од над 5.000 кандидати).

Напоредно со долгогодишната непрекината посветеност на скулптурата, Аџиевски негува посебен интерес и за пошироката, јавна и општествена афирмација на значењето и вредностите на македонското ликовна творештво и на културното наследство во целина.

На својот завиден творечки пат, досега создал над 200 дела, меѓу кои се голем број на студии (за внатрешниот рељеф на монументалниот споменик Македониум во Крушево, за споменик на поп Богомил, капитална студија за споменично обележување на Битката на Беласица, 1014 година).

Од изведените дела, најзначајни се:

Монументална биста на Гоце Делчев во Делчево, споменикот на Димитар Поп Георгиев – Беровски во Берово, Мавзолејот на паднатите борци во Кратово, споменици на паднатите борци во Дебар и Неготино, Фонтана на Моровишкиот мост во Струга, споменици на востанието против фашистичкиот окупатор и ослободувањето во Втората Светска војна во Кичево, Струмица и Богданци, рељеф во Народната банка во Скопје, рељеф во текстилното училиште во Штип и др.

Најновото дело (студија) на Илија Аџиевски е споменичниот комплекс на ослепените Самоилови војници. На реализација на оваа студија, чија тема му била животна преокупација, има работено 6 години. Мотив на делото е опстојувањето на македонскиот народ наспроти тешките историски премрежија, а повод е 1.000-годишнината од битката на Беласица (1014-2014) со суров и трагичен крај, ослепувањето на 14.000 војници.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG