Достапни линкови

„Либертанго“ или сторијата за тангото и Пјацола премиерно во МОБ


Работена како последна премиера за сезоната 2017/2018, в четврток, на 14 јуни, во 20 часот, во Македонската опера и балет, ќе биде изведена претставата „Либертанго“. Кореографијата е на Сабрина Боско од Италија, режијата и либретото се на Наташа Поплавска, сценограф и костимограф е Александар Ношпал, а во приказната за создавањето и патот на тангото користена е оригиналната музика на легендарниот аргентински композитор Астор Пјацола.

По „Врати“ во 2011 и „14 часа“ две години подоцна, Наташа Поплавска, чиј режисерски ракопис се движи во доменот на тоталниот театар (создавајќи претстави што спојуваат повеќе медиуми во уметноста – музика, танц, драма и визуелна уметност), еве ја со нов проект во Македонската опера и балет. Овојпат таа се јавува како автор на либретото и режисер на претставата „Либертанго“, за која кореографијата е дело на Сабрина Боско од Италија, сценограф и костимограф е Александар Ношпал, а музиката е на легендарниот аргентински композитор Астор Пјацола.

Говорејќи за проектот, Поплавска истакнува дека пред да ја добие поканата за работа на овој проект цели шест месеци многу сериозно се занимавала со темата танго. Со неговите почетоци во Европа. Дури сосема случајно во деновите од одморот посакала да работи претстава во Палермо, во Италија. Набргу потоа и се случила поканата да влезе во проектот „Либертанго“ и да соработува со Сабрина Боско. Најнапред било предвидено да биде потписник само на либретото за да не многу потоа почнат заедно да творат со кореографката и полека си дојде сосема природно да се јави и како режисерка на претставата.

„Самиот балет за мене е на пиедесталот на уметностите. Тој ги поврзува сите уметности. Неприкосновено. Во овој случај имаме и неколку балади во музиката на Пјацола, така што мислам дека публиката навистина ќе ужива во едно навистина сериозно, многу длабоко, со големи емоции и чувства дело. Еден пат од самите почетоци на тангото во Буенос Аирес во Аргентина кадешто се наоѓаат три различни народи – Италијанците, Шпанците и самите Аргентинци коишто го создаваат овој танц кој насекаде во светот е на пиедесталот на танцовите сцени“, вели Поплавска.

Таа и со дополна дека свесно го избегнале кафеанско танго, туку дека тоа ќе биде танго нуово - сплет на класика, џез и фолк-музика каква што го креирал Пјацола и каква што се свири во салите и на улиците низ Аргентина.

„Ние стигаме до „Либертанго“ сосема на крај, а претходно ќе видите танци на многу други негови дела кои покажуваат каков исклучителен музичар бил Пјацола. Со ова што тој го почнува, а тоа се тие нови музички звуци. Затоа концептуално сметавме дека неокласицизмот во комбинација со тангото ќе биде токму танго-нуово“, вели Поплавска.

Во овој контекст, Олга Панго, директорката на Балетот, со појаснување дека публиката ќе има можност да проследи „едночасовна танго-претстава изведена на балетски начин“.

„Претставата има неокласичен стил и израз, бидејќи работиме танго претстава, а не го изоставивме нашето основно средство - шпиц-патиките. Така што, ова е еден танго-балет полн со емоции. Приказната се бави со семејството Пјацола како едно од многуте емигрантски во Аргентина на почетокот од 20 век. Во фокусот е и самиот Астор како дете и веќе како остарен, неговата идеја да биде тоа што бил, да се занимава со оваа музика, за на крај да завршиме со неговото познато „Либертанго“ или „Танго на слободата“, вели таа.

Познатата италијанска кореографка Сабрина Боско, пак, истакнува дека ова е првпат „Либертанго“ да се поставува од балетска компанија што не е италијанска и токму затоа со особено внимание ја очекува премиерната изведба од проста причина што и самата се соочува „со друг, поинаков идентитет“.

„Имав можност да добијам чувство за играчите, не само од технички аспект и како материјал за работа, туку и да се доближам до нивните карактери. Претставата е резултат на голема тимска работа. Би сакала да го пренесам чувството што публиката вистински ќе го доживее за Либертангото и важна ми е нивната реакција како емоција“, вели Боско

Александар Ношпал, кој во „Либертанго“ се погрижи за сценографијата и за костимите, знае да каже дека нему му е особено драго што наново соработува со еден странски кореограф како Сабрина Боско, за која вели дека се занимава со висока естетика што за него е особено битно затоа што и самиот се бави со естетската физиономија на претставата. За својата четврта сценографија нагласува дека „е многу чиста во бои“, а дека со костимите „се обидел да даде симболични карактеристики на самите карактери“. Тој и со појаснување дека „претставата ќе изгледа како голема и скапа продукција, но дека имале многу мал буџет на располагање и дека ја создале со лични физички и финансиски вложувања“.

„Без разлика на сите потешкотии имавме голема желба да го поставиме овој балет и да се успее да се направи е многу битно во овој момент. Да излезе толку добро колку што лично се вложивме и колку што лично и со многу страст посакувавме. Без разлика на проблемите, на скусените средства, сите ја имавме таа желба и таа енергија. Големи се нашите вложувања и инвестиции, јас дури и сам лично ги шиев костимите, затоа што сметаме дека оваа институција го заслужува тоа“, истакнува Ношпал.

На ова, пак, Поплавска со дополна дека културата и уметноста не треба да бидат оставени само на државниот буџет, туку треба поддршка и од бизнис-секторот за што е потребно да се проветри вложувањето во културата и конечно да се донесе прилагодлив закон за спонзорства.

Инаку, во „Либертанго“ настапуваат првенците Александра Мијалкова, Васил Чичијашвили, Мирјана Поп Алексова Атанасовска и Игор Велановски, тука се и Наташа Јосифовска, Марија Јосифовска Ристовска, Ендру Кук, Јан Кисилев, Мирослав Митрашиновиќ, Симоне Џиролети и мнозина други од ансамблот на Македонскиот балет.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG