Достапни линкови

Потребно е окрупнување на албанскиот политички блок


Архивска фотографија. Африм Гаши, Биљал Касами

Не е добро што кај македонскиот блок имаме две добро етаблирани политички партии и двајца лидери, додека пак кај албанскиот имаме премногу, вели лидерот на БЕСА Африм Гаши во неделното интервју. Некои аналитичари пак, сметаат дека нивното влегување во власта ќе биде фатално за опстанокот на партијата

Албанскиот политички блок е расцепен и бидејќи тоа не е во интерес на политичкиот живот во земјата потребата од негово окрупнување е неопходна,вели лидерот на БЕСА, Африм Гаши во неделното интервју на радио Слободна Европа. Тој вели дека БЕСА е отворена за коалиции со други партии, покрај ДПА и ДУИ со кои е во моментот дел од владината коалиција.

„Не е добро што кај македонскиот дел имаме две добро етаблирани политички партии и двајца лидери, додека пак кај албанскиот имаме премногу. Мислам дека треба да почнеме да размислуваме за окрупнување, ние сме отворени за таа идеја, но најважно ни е тоа да се прави на принципиелна основа, да се договараме за еден систем на вредности во кој веруваме и тоа да биде лепакот кој ќе не спои нас,“ вели Гаши во интервјуто.

Во овој контекст Гаши потенцира дека БЕСА не треба да се гледа како чисто албанска партија, бидејќи како што вели останува отворена за сите етнички заедници кои ги делат истите идеи и визии за подобра Македонија.

И додека во јавноста се шпекулира за можно припојување на тетовското крило на БЕСА на Биљал Касами со Алијансата на Албанците предводена од Зијадин Села, Гаши потврдува дека со Алијансата немаат никакви контакти.

„Ние сме отворени и кон нив, иако тие во последно време, не знаеме од која причина се толку критични кон нас. Ако го земеме предвид нашиот пристап кога тие беа во власта, ние никогаш не сме ги критикувале и не гледаме дека тие се пречка за нас. Наспроти тоа ние имавме волја и да коалицираме со нив во вториот круг од локалните избори,“ вели Гаши.

И политичките аналитичари сметаат дека расцепкувањето на дел од албанските политички партии е резулат на незадоволството од постојните партии ДПА и ДУИ. Ова расцепкување се покажува како неуспешен експеримент бидејќи тие партии не успеваат да станат големи партии и да создадат широк електорат, вели професорот Алајдин Демири.

„Актуелниот политички момент ќе помогне за окрупнување на албанската опозиција. Мислам дека влегувањето на крилото на Гаши и ДПА во коалиција ќе биде фатално за овие партии, дури мислам дека тие ќе бидат избришани од евиденција, затоа што теренот каде што влегуваат е невозможен за да се биде успешен и ќе ги исфрли комплетно од игра“, вели Демири.

Демири смета дека крилото на Касами треба да се спои со Алијансата на Албанците и да прерасне во една партија која ќе делува како силна опозиција во албанскиот блок.

„Времето што доаѓа и политичките збиднувања ќе ги зајакне и ќе направи јак опозициски блок кој мислам дека ќе успее да повлече доста членови, па дури и од редовите на власта“, прогнозира Демири.

Аналитичарите велат дека ќе биде тешко албанското гласачко тело да се убеди својот глас да го даде на некоја нова политичка партија, зошто мнозинствoто гласачи се веќе определени за некоја од постоечките опции.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG