Достапни линкови

Нови коалициски партнери за постабилна влада


Илустрација: Седница на Владата на Република Македонија.

ДПА е нов коалициски партнер во Владата. На партијата и е понуден министер без ресор задолжен за економија и странски инвестиции, како и заменик министер за транспорт и врски. Исто така во коалицијата ќе влезат БЕСА на Африм Гаши и Сојузот на Ромите на Амди Бајрам.

Се најавува зголемување на парламентарно мнозинство со вкупно пет пратеници, двајца од ДПА и тројца од БЕСА предводена од крилото на Африм Гаши. Влезот во Владата го потврди претседатот на ДПА Мендух Тачи.

Министерска и заменик-министерска позиција во Владата добива партијата ДПА, по најавената реконструкцијата и зголемувањето на владејачкото мнозинство во Парламентот.

Премиерот Зоран Заев денеска по судењето во случајот „Поткуп“ изјави дека дел од владината коалиција станува и Сојузот на ромите на Амди Бајрам, но без министерско место, туку дека ќе добие одговорност на други позиции.

„Досега имаме постигнато договор со Беса на Африм Гаши, со ДПА и со Сојузот на Ромите на Амди Бајрам кој што делуваше независно, но ги поддржуваше политиките на власта. Продолжувам и понатаму да разговарам и со други субјекти. Не би спомнувал имиња затоа што треба органите и телата на партиите да одлучуваат“, изјави Заев.

Претседателот на ДПА Мендух Тачи денеска во Тетово, каде со одржува Центално собрание на партијата, изјави дека има „конкретна и коректна“ понуда од премиерот Заев за влез во Владата.

„Мислам дека нема да му биде тешко на Централното собрание да одлучи, поаѓајќи од конструктивното однесување на ДПА за време на политичката криза и конструктивниот пристап на новата Влада за реформи и особено за интеграциските процеси за кои имаме точни информации дека ќе имаат позитивен напредок и затоа се надевам дека Централното собрание ќе донесе позитивна одлука“, изјави Тачи.

За кадровските решенија, тој посочи дека ДПА ќе добие министерско место, министер без ресор задолжен за економија и странски инвестиции и заменик министер за транспорт и врски, а оти за другите позиции формирани се работни групи кои треба да одлучат. Конкретни имиња се очекуваат по завршувањето на седницата.

Реконструкцијата на Владата премиерот Зоран Заев ја најавуваше повеќе пати во изминатиов период. Тој преговараше со партиите за зголемување на парламентарното мнозинство, како што наведуваше со цел поширока поддршка на започнатите рефорсмки процеси, но и поради слабите резултати на одредени министри.

Тој процесот го нарекуваше како испраќање сериозна порака дека Владата има намера преку посилно и стабилно мнозинство во Собранието да носи сериозни одлуки во Македонија.

Политичкиот аналитичар Џељаљ Незири смета дека проширувањето на владејачкото мнозинство нема да донесе нов квалитет во работата на Владата, туку оти само ќе обезбеди постабилно функционирање на Собранието.

„Имајќи ги предвид профилите на сите политички партии кои се внатре, нивниот историјат и нивните поранешни непријателства, сметам дека ова нема да биде некоја функционална владина коалиција, нема да донесе нешто ново во однос на резултати кои би беле добредојдени за граѓаните, туку ќе биде само матаметичка операција“, вели Незири.

Тој додаде дека бројот на пратеници на владејачкото мнозинство нема да биде довелен за реформите, бидејќи како што вели, за повеќето од нив ќе биде потребно двотретинско мнозинство, како и консензус со опозицијата за покруоните одлуки.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG