Достапни линкови

Кент: Забраната на азербејџанската веб-страница на РСЕ е напад врз слободата на медиумите


Томас Кент, претседателот на Радио Слободна Европа

Радио Слободна Европа ја осуди одлуката на азербејџанскиот Врховен суд, донесена на 4 јуни, да ја поддржи владината забрана за азербејџанската веб-страница на компанијата, оквалификувајќи го чинот како напад врз слободата на печатот.

"Во 2014 година, кога азербејџанските власти го затворија нашето биро без законско право, научивме дека ние и сите независни медиуми сме мета, цел", рече Томас Кент, претседателот на Радио Слободна Европа.

Според Кент, „оваа одлука го потврдува тоа“ и дека „тоа е злоупотреба на државната власт за сузбивање на независните медиуми".

Блокирањето на azadliq.org се случи лани, со наредба на Државниот обвинител, со образложение дека страницата претставува "закана" за националната безбедност на земјата, и пропагира "насилство, омраза или екстремизам" и клевета.

На Радио Слободна Европа до сега му беа одбиени две жалби поради оваа забрана, и покрај тоа што азербејџанските власти не успеаја да обезбедат докази за поткрепа на нивните наводи.

Забраната, која продолжи да важи и за време на неодамнешните претседателски избори во Азербејџан, предизвика критики од меѓународните набљудувачи.

Судската одлука донесена неделава, исто така, влијаеше и на веб-сајтовите на други невладини медиуми, вклучувајќи ги и опозицискиот весник Азадлик, ТВ Мејдан и две интернет-телевизиски програми.

И покрај владините ограничувања, Азербејџанскиот сервис на РСЕ, локално познат како Радио Азадлик, продолжува да биде основен извор на вести за сателитската и онлајн публиката, која се брои во милиони.

XS
SM
MD
LG