Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ вади патриотски карти пред претстојниот митинг


Архива: Собир на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје.
Архива: Собир на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје.

ВМРО-ДПМНЕ користи патриотска реторика за привлекување приврзаници за претстојниот митинг на 2 јуни, велат дел аналитичари. Други коментираат дека е очекувано партијата да се фокусира врз национални теми.

ВМРО-ДПМНЕ повторно игра на националистичка карта за мобилизација на поддржувачи за најавениот митинг на партијата на 2 јуни, коментираат аналитичари, откако партијата во пресрет на собирот објавува соопштенија и видео пораки во кои користи реторика дека се загрозени националните интереси на земјата.

„Заради тиранската платформа, заради распродажба на националните интереси, заради неуставниот закон за јазици, заради катастрофално водените преговори со Грција“, се пораките со кои претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на социјалните мрежи повикува на сенароден протест пред Владата.

Повторно се игра на национална карта

Професор Митко Гаџовски од Факултетот за општествени науки вели дека партијата за протестот следниот викенд се обидува да мобилизира луѓе на патриотски прашања.

Според него, очигледно е дека реториката која ја користел поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевески, се уште се користи, но преку новиот претседател на партијата Христијан Мицкоски.

„Не знам колку ќе успеат во тоа, бидејќи таа политика ја однесе Република Македонија во тотална меѓународна изолација. Меѓутоа, 2 јуни ќе биде показател за тоа дали и колку таа политика што ја прокламираат Никола Груевски/Христијан Мицкоски ќе има ефект врз граѓаните“, вели Гаџовски.

Сосема е очекувано ВМРО-ДПМНЕ да се фокусира врз национални теми, бидејќи е партија која од своето основање, меѓу другите постулати, има и заштита на националните интереси на Македонија, особено за Законот за јазиците, вели политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.

Тој смета дека сепак, во фокусот на ВМРО-ДПМНЕ во изминативе месеци е економијата, а тоа се покажало и на дуелот меѓу Мицковски и премиерот Заев.

ВМРО ДПМНЕ очекува голем одзив

„Очекувам фокусот да биде врз економијата, но се разбира и врз одредени национални прашања кои ги засегаат членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ и воопшто другите граѓани на Репоблика Македонија“, вели Божиновски.

Тој очекува и голем одзив на најавениот протест од членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ и, според него, на митингот ќе биде промовирана нова платаформа на идеи и визија преку која партијата ќе се обиде да привлече нови гласачи.

ВМРО-ДПМНЕ и во минатото кога беше на власт, на своите собири користеше слична реторика и иконографија, а такви елементи се забележуваа и во говорите на раководството на партијата.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG