Достапни линкови

Дрвокрадството во прилепско во пораст


Запленети дрва за оргев и моторни возила со кои се превезувале дрва од дрвокрадци во дворот на прилепската подружница на Македонски шуми, Црн Бор, во Прилеп.
Запленети дрва за оргев и моторни возила со кои се превезувале дрва од дрвокрадци во дворот на прилепската подружница на Македонски шуми, Црн Бор, во Прилеп.

Голем број добро организирани дрвокрадци работат во прилепско. Според проценките на надлежните, дневницата на еден дрвокрадец достигнува и до 100 евра.

Дрвокрадството во прилепско е во пораст. Голем број дрвокрадци добро организирани, во групи со современи товарни и брзи патнички возила дрвата по бесправната сеча ги носат на разни пунктови и ги препродаваат. Според проценките на надлежните, дневницата на еден дрвокрадец достигнува и до 100 евра.
Овие пресуди се доволно ригозорни, само извршувањето не знам како се одвива.
Илија Спиркоски, командир на подружницата на Шумската полиција во Прилеп.

Шумската полиција е постојано на терен, презема мерки, ги следи и открива дрвокрадците. Но, сепак нема толку шумски полицајци и техничка опрема за следење на овој нелегален бизнис во секој момент и на сите локации каде масовно бесправно се уништуваат шумите - атарите на Царевиќ, Стровија, Дрен, а во последно време и во Мариовско.
Во тек е постапка за припрема на законот за шумска полиција кој е во процедура, со кој ќе се дадат многу поголеми овластувања на шумската полиција.
Илија Спиркоски, командир на подружницата на Шумската полиција во Прилеп.

„Судските постапки се движат во траење од месец до три месеци. Основниот суд во Прилеп донесува пресуди, најниската пресуда е 2330 евра во денарска противвредност. Овие пресуди се доволно ригозорни, само извршувањето не знам како се одвива“, вели Илија Спиркоски, командир на подружницата на Шумската полиција.

Во тек се бројни судски постапки против прекршителите на законот, се изрекуваат многу високи казни, се запленуваат возила и алати, а по судските решенија се одземаат и многу возила кои дрвокрадците ги користат во овој нелегален бизнис. Па дворот на прилепската подружница на Македонски шуми Црн Бор, наликува на фирма за откуп на железо. Голем дел од овие возила се чека да бидат преземени од Агенцијата за одземени имоти на Република Македонија.

„Дрвокрадците не престануваат, земаат мотив да се организираат подобро, имаат возила од современи марки, ги користат за дрвокрадство и брзи возила се, се организираат во групи, секое на пример одземено возило, ако станува збор за товарно моторно возило има учесници околу 10 лица. Ако станува збор за патничко моторно возило има 3 до 5 души, едното возило е за следење, а другото возило ги носи дрвата“, објаснува Спиркоски.

И покрај ажурноста на шумската полиција, и покрај, како што вели Спиркоски, одличната соработка со прилепската полиција, тешко се сече овој синцир на нелегален бизнис. Бидејќи и со досегашниот закон, ограничена е интервенција на шумската полиција кога ќе ги затекне дрвокрадците на терен.

„Во тек е постапка за припрема на законот за шумска полиција кој е во процедура, со кој ќе се дадат многу поголеми овластувања на шумската полиција, во смисла на тоа, да биде побезбедна и да биде поефикасна во работата“, оценува командирот Спиркоски.

Како последица на дрвокрадството, на многу реони во Прилепско целосно се уништени шумските појаси, на места се менува и климата, има намалени дождови, ерозија на земјиштетои други последица како резултат на еколошката катастрофа од несовесното однесување на дрвокрадците.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG