Достапни линкови

Вести

Полска бара постојано писуство на трупи на САД на нејзина територија

Архива: Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис и полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак.

Полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак денеска изјави дека имал разговори со американски официјални претставници за постојано сместување на трупи на САД во Полска, како пречка против руска агресија.

Блашчак рече дека неодамна имал разговори во Вашингтон кои биле поттикнати поради загриженоста за безбедноста по руската илегална анексија на украинскиот Полуостров Крим и нејзината поддшка за проруските сепаратисти во источна Украина.

„Резултатот од нашите напори е тој што Сенатот на САД контактираше со Пентагон во врска со постојаното присуство на американски трупи во Полска“, изјаиви Блашчак.

Коментарите доаѓаат откако полскиот портал „Онет“ напиша дека Полска сака постојана американска база на своја територија и подготвена е да плати две милијарди долари за тоа да го оствари, пишува порталот кој имал увид во тој предлог на полското Министерство за одбрана.

види ги сите денешни вести

Црна Гора домаќин на Самитот на премиери на ЦЕИ

Будва, Црна Гора

Денеска и утре во Будва, Црна Гора, ќе се одржи самитот на премиерите на Централноевропската иницијатива. Најавено е дека на самитот ќе учествуваат премиерите Словенија, Србија, Хрватска, Бугарија, претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, како и потпретседателите на владите на Унгарија, Украина и Северна Македонија.

Во Подгорица се одржа конференција за иднината на Западен Балкан во ЕУ

Црногорската влада најави дека настанот, кој ќе го означи крајот на двегодишното претседавање на Црна Гора со ЦЕИ, најстарата регионална иницијатива од 1989 година, ќе започне денеска со состанок на Комитетот на национални координатори. Премиерскиот самит, кој е централен настан е најавено дека ќе се одржи утре. „На Самитот ќе биде усвоена заедничка изјава со која ќе се афирмира натамошната соработка меѓу земјите на ЦЕИ со фокус врз одржливиот развој и европската интеграција“, се вели во соопштението на црногорската влада.

ЕУ треба да ја одобри проширената листа на санкционирани белоруски службеници и ентитети

- Знамињата на Европската унија се веат пред седиштето на Комисијата на ЕУ во Брисел, Белгија

Советот на европските министри денеска треба официјално да го одобрат договорот за проширување на списокот на ЕУ со 28 функционери и субјекти во Белорусија кои се сметаат за одговорни за мигрантската криза во организацијата на Минск. Во Брисел се дознава дека станува збор за 17 функционери и 11 субјекти. Тие имиња се додаваат на црната листа на ЕУ за Белорусија, која веќе има 166 имиња, меѓу кои и претседателот Александар Лукашенко, неговите двајца синови и 15 ентитети поврзани со белоруските власти.

Во санкциите на ЕУ кон Белорусија опфатен и авиопревозникот Белавија

Со санкциите најпрвин беше казнета репресијата врз опозициските демонстранти кои беа против контроверзниот реизбор на претседателот Лукашенко во август 2020 година, а потоа и за пренасочување на европскиот лет за апсење на белоруски дисидент во мај оваа година.

Лукашенко ја обвини Литванија дека остава тела на граница

По приливот на илјадници мигранти на границите на ЕУ ова лето, за кој Минск е обвинет дека го организирал, ЕУ ги приспособи санкциите за да можат да бидат насочени кон лицата и компаниите кои ја организираа кризата. Властите на Лукашенко негираат дека поттикнале криза во која загинаа најмалку дванаесет лица во пограничната зона. Санкциите се состојат од замрзнување на имотот и забрана за влез во ЕУ. Договорот ќе стапи во сила кога ќе биде објавен во службениот весник на ЕУ,

Блинкен ќе се сретне со Лавров во Стокхолм

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ќе има средба со неговиот руски колега Сергеј Лавров на маргините на денешниот самит на Организацијата за безбедност и соработка за Европа (ОБСЕ) во Стокхолм, соопшти претставник на Стејт департментот. Состанокот доаѓа во време кога тензиите меѓу западната воена алијанса и Русија се во пораст поради разместувањето руски војници во близина на границата со Украина. Пред средбата со Лавров, Блинкен ќе има одвоена средба со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, исто така на на маргините на самитот, изјави претставникот на Стејт департментот.

Блинкен -Сериозни последици за Русија ако има нова агресија кон Украина

Блинкен на крајот од состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Рига изјави дека Соединетите Држави имаат „докази“ кои покажуваат оти Русија планира „значајна агресивна акција против Украина“. „Многу сме загрижени поради доказите за плановите на Русија за значителна агресивна акција против Украина, планови кои вклучуваат напори за дестабилизација на Украина одвнатре, како и големи воени операции“, изјави тој.

Летонија повика на постојани американски трупи како заштита од закана од Русија

Блинкен ја обвини Москва дека собрала дополнителни десетици илјади војници во близина на границата. „Не знаеме дали претседателот Путин донел одлука за инвазија. Знаеме дека е во тек градење на капацитетите за да може да го направи тоа брзо ако така одлучи“, рече Блинкен. Тој посочи дека дипломатијата е единствениот начин за решавање на оваа потенцијална криза.

Столтенберг: Зголемените тензии во Западен Балкан се загрижувачки

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека тензиите во последно време се зголемени на Западен Балкан, вклучително во Косово и Босна и Херцеговина, и дека Алијансата ќе продолжи да ги промовира безбедноста, стабилноста и соработката. „Видовме зголемени тензии, со поагресивна реторика и заглавени реформи, како и влијанието на странските актери кои работат на поткопување на напредокот“, рече Столтенберг по седницата за Западен Балкан на министерскиот состанок на НАТО во Рига.

Борел – Западниот Балкан останува стратешки регион за ЕУ

На состанокот во Рига присуствуваше и високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел. Столтенберг рече дека Западен Балкан е важен регион за НАТО и ЕУ и дека сега се сведоци на загрижувачки случувања, дека се загрижени поради реториката на поделба во Босна и Херцеговина и дека тензиите меѓу Белград и Приштина остануваат. Тој рече дека соработката на НАТО со Европската унија останува суштинска и дека ќе продолжи да работи заедно за зачувување на стабилноста и поддршка на реформите.

Времето денеска: сончево со мала до умерена облачност

Утрото студено, преку денот сончево со мала до умерена облачност, поголема во западните делови. По одделни котлини ќе има појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен, а попладне на места засилен ветер од јужен правец. Дневната температура ќе биде од 4 до 13 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 7 степени.

Заев-Гаши: Нема договор, но има напредок

Средба на премиерот Зоран Заев со лидерот на Алтернатива Африм Гаши

„Можеме да ви кажеме дека имаме напредок, следуваат консултации од нашите партии“, изјави кусо лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, по денешните разговори во Клубот на пратеници со премиерот Зоран Заев, за евентуалното приклучување на оваа партија во владата.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев и претседателот на Алтернатива, Африм Гаши по четири часа средба, го напуштија Клубот на пратеници. Тие не сакаа да коментираат каде се закочени преговорите за проширување на парламентарното мнозинство и дали ќе има нова средба.

Во соопштението од денешната средба се додава и дека се очекува до крајот на оваа недела да се остварат потребните консултации низ партиите и да се обезбеди потребното усогласување со цел за постигнување договор за можна заедничка влада, која според двете страни, ќе треба да се посвети на предизвиците кои доаѓаат од пандемијата и глобалната енергетска криза.

На денешната средба требаше да се разгледуваат кадровските решенија и распределбата на ресори.

Претходно премиерот Заев и Гаши имаа средба во понеделникот, кога, според соопштението испратено од владината прес-служба по нејзиното завршување, начелно бил договорен програмскиот дел од можната идна соработка на Алтернатива во Владата и дека консултациите за кадровските решенија се во тек. Тогаш беше најавено и дека по консултациите во партиите ќе следи и нова работна средба со тимовите.

Србија ги заостри мерките за влез на патници од Африка

илустрација

На седницата на Кризниот штаб на Србија, одлучено е годинашниот зимски распуст за учениците да почне на 31 декември и да трае до 24 јануари, како што беше претходно планирано.

„Ја разгледавме и зачестеноста, распространетоста и потенцијалните епидемиолошки компликации кога станува збор за новиот вид на коронавирус. Донесена е одлука за примена на одредени мерки кога станува збор за патници во меѓународниот сообраќај,“ изјави Дарија Кисиќ -Тепвачевиќ по седницата на Кризниот штаб.

Таа кажа дека мерките се однесуваат за патниците кои доаѓаат од Јужна Африка, Малави, Мозамбик, Боцвана, Лесото, Намибија и Зимбабве.

„Сите патници кои доаѓаат од овие земји, иако нема директни летови, но и кога ќе дојдат во транзит, ќе подлежат на мерки на аеродромот – ПЦР тест, доколку се негативни треба да бидат ставени во карантин 14 дена на местото на живеалиште во Србија, а по седум дена им се прави уште еден ПЦР и доколку се позитивни ќе бидат префрлени во соодветната ковид амбуланта или болница“, изјави Кисиќ -Тепавчевиќ.

Таа порача дека клучно за граѓаните е да се вакцинираат“, додавајќи дека денеска повеќе од 57 отсто од полнолетните граѓани се вакцинирани со првата доза, со втората 54 отсто и третина граѓани примиле три дози.

Столтенберг: Русија би платила висока цена за агресија врз Украина

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ја предупреди Русија да не користи сила против соседна Украина и изјави за Ројтерс дека Москва знае дека ќе плати висока цена преку санкции и други чекори на Западот за каква било агресија.

Украина, поранешна советска република која сега сака да се приклучи на Европската унија и НАТО, стана главна точка на несогласување меѓу Русија и Западот.

„Сите јасно ставивме до знаење дека цената ќе биде висока, а санкциите се една од опциите“, рече Столтенберг во интервју за Ројтерс.

Шефот на НАТО рече дека новите економски санкции против Русија, кои заедно со ЕУ би можеле да ги воведат САД, Велика Британија и Канада, се моќна алатка.

Русија вели дека нема намера да ја нападне Украина. Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија ќе биде принудена да дејствува доколку НАТО предводен од САД лансира проектили во Украина кои би можеле да ја погодат Москва за неколку минути.

Столтенберг рече дека е јавно познато оти сојузниците ѝ даваат воена поддршка на Украина и дека таа е одбранбена и во согласност со меѓународните обврски на сите сојузници. Украина се смета за близок партнер на НАТО, но се уште не е членка на Алијансата.

Столтенберг меѓудругото, ги отфрли обвинувањата дека Алијансата ја испровоцирала Москва со воени вежби во Црното Море.

„За разлика од Русија, НАТО отсекогаш ги следел прописите со кои се повикуваат странски набљудувачи на своите вежби. Проблемот со Русија е што тие не се транспарентни, што имаат многу агресивна реторика и искуство што покажува дека користеле воени вежби како маска за агресивни дејствија против соседите“, рече Столтенберг.

Тој додаде дека НАТО посветено работи на заштита на сојузниците од новите кинески и руски ракети кои би можеле да стигнат до Европа и Северна Америка.

Прекинат штрајкот на рударите во БиХ, јагленот поскап за 20 отсто

илустрација

Синдикатите на рударите и Електропривреда на БиХ со седиште во Сараево денеска постигнаа договор со кој заврши повеќедневниот штрајк во рудниците, според кој во иднина ќе се плаќа 20 отсто повеќе за јаглен за да се помогне во исплатата на нивните огромни долгови.

Со денови производството беше прекинато во седум рудници, заканувајќи се целосно да го наруши снабдувањето со електрична енергија во делот на БиХ што го снабдува електроенергетска компанија со седиште во Сараево.

Владата на ентитетот на Федерацијата БиХ и раководството на Електропривреда на БиХ се согласија да исполнат 12 од 13 барања на синдикатот на рударите, а се однесуваат на поскапување на јагленот за 20 отсто, покачување на платите, но и реструктуирање на рудникот.

„Во моментов тоа е нешто што синдикатот на рударите и работниците го понудија заедно во борбата за работничките права“, изјави претставникот на синдикатот на рударите во Федерацијата БиХ, Синан Хусиќ.

Директорот на Електропривреда БиХ, Адмир Андели изјави дека компанијата следната година нема да ја поскапи струјата за домаќинствата и покрај тоа што плаќа повеќе за јаглен за своите термоцентрали. Тој додаде дека не може да гарантира дека струјата нема да расте по 2022 година.

Рудниците во БиХ, од кои повеќето се државни, се најголемите должници во државата. Седум рудници во Федерацијата БиХ должат 480 милиони евра придонеси само за пензиски, здравствени и други обврски.

Шефовите на дипломатиите од НАТО на средба за З. Балкан

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг

Шефовите на државите од земјите членки на НАТО почнаа одвоена средба на пленарната седница на НАТО во Рига, која, според генералниот секретар Јенс Столтенберг е посветена на Западен Балкан.

„Регионот на Западен Балкан е од големо значење за нас. Забележуваме загрижувачки развој на ситуацијата, слушаме опасна реторика во Босна и Херцеговина, гледаме тензии меѓу Белград и Приштина, реформите се забавуваат, додека странските играчи го зголемуваат интензитетот на нивните штетни дејствија во регионот“.

Според Столтенберг, НАТО и ЕУ тесно соработуваат за доброто на регионот, вклучително и во Босна и Херцеговина и Косово.

Тој потсети на воените операции на НАТО во поранешна Југославија во 1990-тите, за кои рече дека „помогнале да се воспостави мир во регионот.

Нови 410 случаи со Ковид-19, десетмина починати

илустрација

Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, во последните 24 часа направени се 2.674 тестирања, а регистрирани се 410 нови случаи на Ковид 19, соопшти Министерството за здравство.

Од 410 новозаболени, во Скопје се 185, Битола – 31, Прилеп – 22, Охрид и Струмица – по 15, Велес, Кавадарци и Штип – по 14, Куманово – 13, Тетово и Кочани – по 10, Делчево – 8, Крива Паланка и Пробиштип – по 6, Радовиш, Валандово и Демир Хисар – по 5, Берово, Кратово и Крушево – по 4, Неготино – 3, Гевгелија, Свети Николе, Ресен, Виница, Македонски Брод и Македонска Каменица – по 2, Гостивар, Струга, Богданци, Пехчево и Дојран – по 1.

Во изминатото деноноќие починале 10 лица. Сите пријавени лица се починати во болнички услови.

Дополнително, согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза Ковид-19 од „Мој Термин“, пријавено е едно починато лице со датум на смрт од 27.11.2021. Починатото лице е од Гостивар, на возраст од 68г, невакцинирано и починато во болнички услови.

Оздравени се 290 пациенти.

Досега во земјата се направени вкупно 1.474.094 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 215 995, бројот на оздравени е 200 293, на починати е 7 592, а на активни случаи изнесува 8.110.

Експлозија на бомба од Втората светска војна во Германија

илустрација

Три лица се повредени во експлозија што се случи денеска во близина на главната железничка станица во Минхен, Германија, соопшти градската противпожарна служба.

Експлозијата била предизвикана од бомба останата од Втората светска војна, која го запрела железничкиот сообраќај во областа. Експлозијата се случила на градилиште во близина на железничката станица. Тројца работници се повредени, а еден од нив е тешко повреден, пренесува АФП.

„Бомба од Втората светска војна беше причина за експлозијата“, потврди баварскиот министер за внатрешни работи Јоаким Херман.

Тој додаде дека за време на работите на градилиштето, работниците случајно погодиле бомба тешка 250 килограми.

Германската железничка компанија „Дојче Бан“ соопшти дека превентивно е прекинат железничкиот сообраќај, со оглед на тоа што експлозијата се случила во близина на мостот преку кој минуваат возовите.

Бомбите од Втората светска војна се вообичаени во Германија, но експлозиите се ретки.

Нова ЕУ инвестициска стратегија за Западен Балкан од 30 милијарди евра

Eврокомесарот за проширување Оливер Вархеји

Европската комисија денеска ја објави новата европска инвестициска стратегија „Глобал гетвеј“, која ќе финансира проекти од областа на зелената и дигиталната транзиција, енергетската и транспортната инфраструктура, како и зајакнување на областите – здравство, образование и истражување. Планирано е „Глобал Гејтвеј“ до 2027 година да мобилизира до 300 милијарди евра за европски инвестиции во светот.

ЕК соопшти дека почеток на инвестициската стратегија на ЕУ е Економскиот инвестициски план за Западен Балкан од 30 милијарди евра.

„Глобал Гејтвеј треба да ја промени тешката ситуација во нашето непосредно соседство и да ги покаже своите резултати за време на мандатот на оваа Комисија. Луѓето, стоките и услугите ќе се движат побрзо и поевтино“, нагласи еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

Тој додаде дека е предвидено Западниот Балкан да добие пакет грантови и заеми од приближно 30 милијарди евра, што е речиси една третина од вкупниот бруто домашниот производ на регионот.

Идентификацијата ќе заврши утре, в петок посмртните останки на жртвите од автобуската несреќа ќе бидат пренесени во земјава

Македонски автобус изгоре во Бугарија при што загинаа 45 луѓе

Според најавите од Обвинителството на Бугарија, идентификацијата на телата на 45-те жртви во сообраќајната несреќа минатиот вторник на автопатот „Струма“ треба да биде завршена до утре, по што ќе почне подготовката тие да бидат донесени во земјава, соопштија владините портпароли денеска на редовната прес-конференција.

„Останките ќе бидат донесени в петок и преку организиран државен протокол ќе им бидат предадени на семејствата во нивните домови. Ова е информација што ја имаме, дополнително ќе информираме во текот на утрешниот ден“, изјави портпаролот Муамет Хоџа одговарајќи на новинарско прашање.

Министерот за здравство Венко Филипче претходно на прес-конференција изјави дека интензивно се работи денеска или утре да завршат ДНК-анализите на починатите во автобуската несреќа, по што ќе се организира транспортот на нивните посмртни останки кон земјава.

„Тоа го работат колегите во Бугарија, нашите колеги тука од Институтот за судска медицина се во секојдневна комуникација со нив. Тоа е нешто што треба да се заврши денеска или утре по што ќе се организира транспортот на телата на починатите“, рече Филипче.

Во автобуска несреќа на македонски туристички автобус во Бугарија на 23 ноември загинаа 45 луѓе, а седуммина се повредени.

Повредените во претходните денови беа пренесени во Македонија, а денеска од софиската болница Пирогов беше отпуштен и последниот повреден и попладнево ќе биде пренесен во Македонија.

Португалија ги заострува анти-ковид мерките и покрај високата стапка на вакцинираност

Луѓе во Португалија во ек на пандемија со коронавирус

Португалија денеска ги заостри условите за влез во земјата и наложи носење маски во затворен простор за да го заузда растечкиот бран инфекции од коронавирус. Од денеска е на сила кризна состојба, што е еден чекор од вонредна состојба и ѝ дава на португалската влада законски овластувања за воведување построги мерки без одобрение на парламентот.

Во земјата со една од највисоките стапки на вакцинација во Европа, сега е задолжително носењето маски во јавни затворени простори и поседување ковид-пропусници – доказ за вакцинација, потврда за прележаност или негативен тест.

Влез во ноќните клубови, болници, старечки домови и спортски објекти ќе биде можен само со негативен тест на вирусот, вклучително и за вакцинираните.

Според новите правила, најголем дел од патниците ќе мора да покажат негативен тест при влез во земјата.

Стручњаците веруваат дека високиот процент на вакцинирани од 87 отсто од над 10 милиони жители, ја заштити Португалија од бран на зарази како во другите европски земји.

Сепак, од септември расте бројот на хоспитализирани пациенти со коронавирус. Вчера беа регистрирани 2907 нови случаи на коронавирус, а 15 луѓе починаа.

Во земјата се регистрирани и 13 случаи со инфекција на новиот сој на коронавирус омикрон кај играчи од еден фудбалски клуб и едно медицинско лице кое било во контакт со нив.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG