Достапни линкови

Вандализирана позната слика на Репин во галерија во Москва


Сликата „Иван Грозни и неговиот син Иван на 16 ноември 1581“ од Иља Репин

Посетител на Третјаковската галерија во Москва сериозно ја оштетил познатата слика „Иван Грозни и неговиот син Иван на 16 ноември 1581“ од рускиот сликар Иља Репин. Посетителот употребил дел од металната ограда за да го скрши стаклото кое ја штити сликата и да го искине познатото платно од 1885 година.

„Сликата е сериозно оштетена, платното е искинато на три дела во централниот дел. Стаклото исто така ја оштетило рамката“, соопшти галеријата.

Во соопштението се наведува дека „за среќа, највредните делови, оние на лицата и на рацете на царот и на принцот не се оштетени“.

Напаѓачот бил уапсен и против него е покрената кривична постапка, информира полицијата.

Поската новинска агенција ТАСС, повикувајќи се на неименуван полициски извор, објави дека напаѓачот е 37-годишен жител на Воронеж. Тој ја уништил сликата затоа што, според него, „ги фалсификува историските факти прикажани на платното“.

На сликата е прикажан Иван Грозни кој смртно го ранува својот син Иван во напад на бес и се смета за психолошки најинтензивна слика на Репин.

Сликата прв пат била цел на вандализам во 1913 година, кога душевно оболениот Абрам Балашов со нож ја расекол на три дела. Тогаш, лично Репин учествувал во реставрацијата на сликата.

XS
SM
MD
LG