Достапни линкови

Дали Бежоска ќе биде новата гувернерка?


Прес-конференција на гувернерот на Народната банка на Република Македонија,

Утре истекува седумгодишниот мандат на гувернерот на Народната банка на Република Македонија Димитар Богов. Според предлогот на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, кој треба да биде поддржан од најмалку 61 пратеник во Собранието, Богов треба да го наследи Анита Ангеловска-Бежоска.

Според собраниски извори предлогот за гласање треба да биде ставен на дневен ред на утрешната собраниска седница која е веќе закажана. Предлогот според најавите треба да добие поддршка. СДСМ, како што изјави деновиве координаторот на пратеничката група Томислав Тунтев, позитивно гледа на новиот предлог на претседателот Иванов.

Анита Ангеловска-Бежоска на оваа функција ќе дојде од вицегувернерско место во НБРМ, каде осум години беше задолжена за областите монетарна политика, истражување и статистика, а по втор пат за вицегувернер е избрана во септември 2017 година, кога добила поддршка во Собранието од 97 пратеници.

Предлогот Ангеловска-Бежоска да биде гувернер на НБРМ следуваше откако Богов, кој иако претходно беше предложен за втор мандат од страна на Иванов, ја повлече кандидатурата под влијание на, како што кажа, реакциите и роковите за избор на гувернер.

Анита Ангеловска Бежовска треба да биде петтиот гувернер на Народната банка на Република Македонија и прва жена на оваа позиција.

XS
SM
MD
LG