Достапни линкови

„Едно“ на Симоноски – книга инспирирана од музиката, но посветена на природата


„Едно: Разоткривање на мистериите во природата и музика“ е насловена книгата на композиторот, продуцент, аранжер, педагог и ентузијаст Гоце Симоноски, што како издание на „Ѓурѓа“ се појави деновиве. Станува збор за негова прва објава и за „книга инспирирана од музиката, но посветена на природата“.

Најнапред неколку воведни напомени. Роден 1984 година, Гоце Симоноски е димпломиран композитор и магистрант на Факултетот за музичка уметност. Со авторски дела досега повеќепати се има претставувано на културните манифестации Денови на македонска музика, Охридско лето, Есенски музички свечености, а неговото творештво, освен во татковината и во соседните Бугари, Србија и Албанија, изведувано е и во Германија и во САД.

Освен сериозна, Симоновски твори и популарна музика, а како продуцент, аранжер, оркестратор, и автор неговото име можете да го сретнете и на десеттина албуми и преку 200 песни за групи и артисти како СУПЕРХИКС, HIGH CONTROL, CONQUERING LION, Сара Мејс, Влатко Лозановски, Мијата, Боби Мојсовски, Димитар Андоновски и други.

Од друга страна, од најрана возраст, тој освен за уметност, особен интерес покажувал и за наука, особено за астрономија и за географија. Потписник е на серија текстови со научна тематика за едукативниот проект „Наука за сите“. Згора на тоа, уметноста и науката ги соединил и во авторското дело „Per Aspera Ad Astra“, посветено на вселенскиот телескоп Хабл кое не поминало незабележано од Скопското астрономско друштво и од македонските мадиуми.

Вака полека доаѓаме до „Едно: Разоткривање на мистериите во природата и музика“, првата книга на Гоце Симоноски што како издание на „Ѓурѓа“ се појави деновиве. Станува збор за негова прва објава и за, како што ќе биде забележано, „книга инспирирана од музиката, но посветена на природата“. Всушност, како што пишува авторот, „Едно“ е првата од двете книги во која се разгледуваат повеќе феномени во природата и каде „текстот претежно е научна нарација за оние прашања коишто сите ние како деца сме имале храброст да си ги поставуваме“.

Говорејќи за објавата, авторот најнапред забележува дека „музиката е културна универзалија, културен феномен“, но дека него го интересирало како тој културен феномен дошол да егзистира, да постои. Дополнува дека „ако се користите со редукционистичка алатка која ги бара основните елементи од кои е создаден тој феномен и постепено ве враќа кон биоогијата. Потем биологијата ве упатува на хемијата, оваа кон физиката и така полека и постепено се враќате кон основните, фундаментални елементи од кои е создадена материјата“.

„Музиката е културна универзалија која широко е распространета во светот и во сите култури. Кај сите народи. Дури и кај некои изолирани заедници и племиња како што е примерот со амазонското племе Пираха кои немаат концепт за број, немаат концепт за натприродни битија меѓутоа имаат музика, што е интересен феномен. Освен на културно ниво она што не обединува како луѓе, генетските истражувања кадешто е покажано дека човечката ДНК се совпаѓа 99,9 проценти кај сите луѓе што не прави нас сите, би рекол, повеќе роднини отколку туѓинци“, вели Симоноски.

​Тој и со дополна дека „на атомско и хемиско ниво има неколку основни елементи како неутрон, електрон, протон, состојки од кои е сочинета материјата, а материјата и хемијата создаваат живот. Животот создава свест, а свеста создава музика“. Според него, „токму зад овие искази се крие и насловот на книгата“.

А, магистер Дарија Андовска, во својата рецензија за „Едно“, меѓу другото, ќе напише:

Во оваа кратка историја на „речиси сè“- референца за која и самиот автор е свесен, освен освртот кон природните науки, историјата, теориите на заговор, глобалната политика, теоријата на музиката, верувањата и нивната вивисекција, има нешто подлабоко и посуштинско: повик за Будење. Будење на умот, интелектот, свесноста, интересот, љубопитноста, човечноста. Будење на Човекот во 21 век. Безмалку крик за освестување, кое и покрај галопирачкиот развој на науката, технологијата, уметностите, се чини дека не само што затајува, туку и регресира на сметка на подемот на интензивното залажување со псевдо-науки, шарлатанство, глобално затапување и индоктринација преку медиумите. Крик, кој треба да алармира за акутноста на состојбата на човештвото денес, а во најмала рака барем да отвори мало прозорче со светлина во свеста на читателот. Набојот е исклучителен, врутокот од информации само покажува колку посветено Симоноски работел на сопственото будење и разбирање на светот кој не* опкружува, за да ја достигне свесноста за интерконективноста на се*, од каде произлегува и насловот на овој концентрат: ЕДНО. Можеме да се надеваме и да очекуваме дека „Едно“ ќе стане само прво дело од низата кои би следеле од овој капацитетен автор.

Гоце Симоноски на сцена - фото Стефан Рајхл
Гоце Симоноски на сцена - фото Стефан Рајхл

Инаку, Симоноски истакнува дека идејата била „Едно: Разоткривање на мистериите во природата и музика“ да биде блиска до пошироката публика. Посебно да биде разбирлива за помладите генерации. Од таму, тој смета дека е напишана со читлив јазик, дека концептите се разбирливи и ќе допрат до секого и дека сите ќе можат да го разберат материјалот.

„Природата не е интуитивна. Таа е контраинтуитивна и многу е тешка за разбирање. Затоа се обидов да и пристапам малку поинаку и сето тоа да го претставам на еден народски јазик , разбирлив, лесен начин, меѓутоа да се задржи суштината на проблематиката. Да биде пресликана и да не се изгуби значењето на кажаното“, вели тој.

Авторот промотивните активности за своето првенче ќе ги искористи и за најава на својата втора книга за која истакнува дека „ќе биде целосна посвета на поимот музика“.

„Во вториот дел од приказната, во втората книга која моментално се привршува ќе биде истражен целосно феноменот музика. Комбинирањето на интуицијата со рационалноста може да вроди на крај со многу интересен ефект“, смета Симоноски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG