Достапни линкови

Писателот Олафсон, басистот во бендот на Бјорк, на „Про-за Балкан 2017“


Браги Олафсон, писател

Исландскиот писател Браги Олафсон, некогашен член на култните ШУГАРКЈУБС и басист во бендот на светската поп-ѕвезда Бјорк, ќе биде специјален гостин на претстојното петто издание на Интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“, што ќе се одржи од 28 до 30 мај во Скопје. Иако концептот на Фестивалот е да се фокусира на балканските писатели, организаторот на манифестацијата, издавачката куќа „Икона“, годинава реши да ги прошири видиците претставувајќи ѝ на македонската јавност еден особено интересен автор, претставник на книжевност што е малку позната кај нас.

Поштар, службеник во банка, асистент на продажба, музичар, новинар, косопственик на музичката компанија „Bad taste Ltd, што постои 30 години и објавува популарна музика, џез, модерна исландска музика и конечно и во случајов најважно – писател. Ова во една реченица се безмалку сите професии со коишто се бавел или сè уште се бави Исланѓанецот Браги Олафсон.

Роден во Рејкјавик во 1962 година, тој на мнозина трагачи по звуковните возбуди им е познат како некогашен басист на култните ШУГАРКЈУБС, бендот со кој единствената и авангардна поп ѕвезда Бјорк го стори својот прв сериозен исчекор на интернационалната сцена. Се разбира, Браги, пребирајќи по жиците, од неа не се раздели ниту во миговите кога таа со својот единствен глас и екстравагантната пројава го кутна светот на коленици, иако денес не случајно, пак, е бележан за исклучително плоден автор со повеќе од „завидна писателска кариера“.

Кога сме веќе тука да кажеме и тоа дека неговите романи „Слободни денови“ и „Миленичињата“ беа во потесен избор на двете главни литературни награди во Исланд. И понатаму, „Игри за забава“ во 2005 година ја освои наградата за најдобар роман според изборот на вработените во исландските книжарници, додека пак, „Амбасадорот“ беше овенчан со Исландската награда за најдобро продавана книга. Згора на тоа делото беше номинирано и за Исландската литературна награда во 2006 година и Литературната награда на нордискиот совет наредната 2007. Три години подоцна, за романот „Писма за намера“, Олафсон повторно беше номиниран и за Исландската литературна награда, а истата 2010, освен што беше преведен и на дански, германски и на други јазици, „Амбасадорот“ беше објавен и во САД и со бирани зборови беше пречекан од тамошната критика.

Шугаркјубс, музичка група
Шугаркјубс, музичка група

Патем Браги Олафсон студирал филолошки науки, со фокус на англискиот, шпанскиот и францускиот јазик, јазици од кои преведувал поезија, а во татковината е познат и како драмски автор чија деби драма „Белгиско конго“ својата праизведба ја имала во 2004 година.

И, кога ова ќе биде кажано, за нас е особено важно што истиот тој Браги Олафсон, писателот со бележити дела и многу премрежиња во животот, ќе биде специјален гостин на претстојното петто издание на Интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“, што ќе се одржи од 28 до 30 мај во Скопје.

Иако концептот на Фестивалот е да се фокусира на балканските писатели, организаторот на манифестацијата, издавачката куќа „Икона“, годинава реши да ги прошири видиците претставувајќи ѝ на македонската културна јавност еден особено интересен автор, претставник на книжевност што е малку позната кај нас.

Тој ќе биде во друштво на уште шестмина докажани творци од Балканот, кои во трите фестивалски дена ќе можат да им ги доближат сопствените литературни заложби на овдешните читатели. Се разбира, „Икона“ ги публикуваше неговите романи „Миленичињата“ и „Амбасадорот“ и тие ќе бидат промовирани во рамките на годинашното петто, јубилејно, издание на оваа книжевна манифестација.

„За „Про-за Балкан“, според мене, е добро доколку форматот се зголемува и јас се надевам дека оваа симболична надградба во текот на петтото издание ќе го доживее својот своевиден врв. Впрочем, како што рече писателот Миленко Јерговиќ кога почнувавме, дека Фестивалот ќе го има својот зенит на заокружувањето на првата декада и кога и тие луѓе коишто не читаат и коишто немаат поим од литература ќе признаат: Па, добро ова можеби навистина е нешто добро и вреди да постои и да го посетиме“, вели Дејан Трајковски, првиот човек на Интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“.

Тој дополнува дека посебно за издвојување е и програмата во чии рамки издавачи и литературни агенти од странство ја посетуваат Македонија и се среќаваат со домашните писатели и издавачи, еден вид платформа којашто треба да служи за промоција на македонската литература надвор од границите на земјата и, како таква, е единствена во регионов.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG