Достапни линкови

Меј се сретна со Џафери во Собранието


Архива: Претседателот на Собранието Талат Џафери.

Собранието на Република Македонија е посветено на вистинската улога на законодавниот дом, а резултат за тоа е неодамна добиениот Извештај за напредокот од Европската комисија, истакна поладнево спикерот на македонскиот Парламент Талат Џафери на приемот во чест на премиерката на Обединетото Кралство, Тереза Меј.

„Ова е дом на граѓаните, отворен и достапен за сите добронамерници, и за да постигнеме транспарентно и вистински функционално Собрание, постојано правиме реформи по примерот на земјите во кои парламентарната демократија е одамна воспоставена“, истакна Џафери.

Премиерката Меј рече дека најуспешните парламенти имаат две заеднички работи. Првата, дека тоа се места каде граѓаните имаат слободен пристап до своите претставници, а втората дека парламентите треба да бидат места каде пратениците се во позиција и сакаат да ја предизвикаат Владата и другите јавни институции со прашања за нивните активности и политики.

„Знам дека изминатава година оваа зграда посведочи тешки времиња. Но свесна сум и за промените кои се случија оттогаш и за желбата за реформи во насока ова Собрание да ги исполни ваквите стандарди. Горда сум што Обединетото Кралство ги поддржува овие реформи преку нашите програми за финансирање“, порача Меј.

Таа денеска се сретна и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски, кој како што стои во соопштението на партијата, посочил дека Македонија се наоѓа во влошена економска состојба и оти Владата демонстрира недостаток на демократски капацитет и нетранспарентност во однос на спорот со името.

XS
SM
MD
LG