Достапни линкови

МНР: Злоупотреби при купување амбасади во странство во 2007 година


Архивска фотографија- Министерство за надворешни работи во Скопје

Серија пропусти, незаконитости и потрошени големи суми пари од државниот буџет, се утврдени од увидот во документацијата за купување дипломатско-конзуларни претставништа на Македонија во странство во изминатите десетина години, рече денеска државниот секретар во Министерството за надворешни работи Виктор Димовски.

На прес-конференција во Владата, тој посочи дека со одлука на Влада од 2007 биле одобрени 40 милиони евра за купување 15 дипломатски-конзуларни претставништа, а со ребаланс на буџетот уште 10 милиони евра.

Купени се пет објекти во Будимпешта, Прага, Истанбул, Љубљана и Виена во 2007 година. Со одлука на тогашниот министер за надворешни работи биле формирани две комисии што ги спроведувале набавките.

„ Сите купени објекти се наоѓаат на локации во кои нема амбасади. Исклучок е Прага каде прв сосед ни е амбасадата на Северна Кореја. Објектите се далеку од останатите ДКП-а и од центарот на градот, односно во обични резиденцијални квартови. Тоа укажува и на можноста дека реалната цена во времето кога биле купени била пониска од таа што е платена”, изјави Димовски.

Тој тврди и дека биле фаворизирани несоодветни и поскапи објекти иако имало понуди и за поквалитетни објекти, со поголема квадратура и на репрезентативни места. Димовски нагласи дека за купување на објектите била воспоставена мрежа на странски адвокати, странски компании и странски лица со седиште во Будимпешта, Виена, Прага, Вилнус, Лондон, а веројатно и во други центри кои ги координирале своите активности со комисијата за купување на објектите. Договорените решенија и биле наметнувани на комисијата која потоа ги предлагала до Владата, потпишани од тогашниот министер за надворешни работи.

Во повеќето договори доминира името на еден сопственик на фирми од босанско потекло, а во сите адвокатските услуги е вклучена адвокатската канцеларија „Д-р Фехер и партнери“ на адвокатот Ендре Фехер, тврди државниот секретар во МНР. Димовски рече и дека сите наоди ќе бидат доставени до надлежните институции за натамошно постапување.

XS
SM
MD
LG