Достапни линкови

А, каков е напредокот на младите од Република Македонија?


Димитар Низамовски, програмски координатор во Младински образовен форум (МОФ).

Во изминатиов период топ тема во нашата држава е извештајот на Европската Комисија за напредокот на Република Македонија за 2017 година. Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, и високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, лично ја презентираа безусловната препорака за почеток на преговорите за влез во европското семејство.

Генерално, тие, заедно со шефот на делегацијата на Европската унија во Македонија, Самуел Жбогар, пренесоа пораки за пофалба за вложените напори за враќањето на Република Македонија на евроинтеграцискиот пат и поддршка за заложбите за понатамошно имплементирање на зацртаните реформи и чекори.

Овој Извештај беше мошне очекуван од стручната и пошироката македонска јавност, особено по последните извештаи од овој вид кои ја окарактеризираа Македонија како заробена држава и по инцидентите во Собранието на Република Македонија пред една година, соочена со најголемата политичка криза од 2001-вата година, па наваму.

Не би навлегувал во детална анализа на сите критериуми и поглавја од Извештајот, туку би се осврнал на неколку коментари и насоки во однос на младинските проблеми и прашања.

Иако не постои поглавје кое е стриктно наменето за младите луѓе, сепак да ги разгледаме главните заклучоци и препораки од поглавјата кои се однесуваат на оваа категорија граѓани на Македонија кои се од првенствен интерес на Младински образовен форум и останатите граѓански организации кои работат на полето на образовните и младинските политики и прашања и подобрување на квалитетот на животот на младите во целина.

Поглавјето 19 (Социјална политика и вработување) укажува на младинската невработеност која е сè уште многу висока, сиромаштијата и понатаму останува сериозен проблем, особено кај ромската популација и лицата со попреченост во развојот, а Законот за спречување и заштита од дискриминација и механизмите за заштита сè уште не се во иста линија со европското acquis. Забележани се и стереотипизација и разлика во поглед на висината на платата помеѓу мажите и жените.

Главните реформи кои мора да се преземат во наредниот период се значително подобрување на условите и можностите за вработување на младите и надминување на дискриминацијата во поглед на социјалните политики и вработувањето, особено на младите Роми и лицата кои имаат попреченост во развојот.

Во однос на Законот за спречување и заштита од дискриминација, во новиот нацрт-закон ќе се внесат и основите за род и сексуална ориентација, па тоа би била добра почетна точка за понатамошна работа.

Во Поглавјето 26 (Образование и култура) се истакнува дека средствата кои државата ги вложува во образованието опаѓаат низ годините (3.8 проценти од БДП во 2016 година), квалитетот на образованието во сите нивоа и понатаму останува предизвик (според OECD Programme for International Student Assessment (PISA) во 2015 година, Република Македонија се рангираше на четвртото место од позади според квалитетот на образованието мерен во 70-тина земји), a еднаквиот пристап до образование претставува потешкотија за Ромите и лицата со попреченост во развојот.

Во периодот кој следува, Стратегијата за образование ќе мора доследно да се спроведува во согласност со акцискиот план и да се зголеми поддршката за професионалниот развој и надградба на капацитетите на наставниците и професорите, но и да се поттикне академската и културната размена на младите од Македонија. Во однос на последното прашање, постојат високи очекувања од Регионалната канцеларија за младинска соработкакоја во наредниот период ќе започне со работа и ќе промовира младинско учество во демократските процеси, образование соодветно за потребите на пазарот на трудот и секако, младинска размена помеѓу земјите од Западен Балкан.

Воедно, во Извештајот се поздравува и зголеменото вклучување на граѓанското општество во процесите кои ги засегаат граѓанските организации и нивните главни целни групи и области на дејствување, практика која дефинитивно мора да продолжи и во иднина доколку сакаме креирање на квалитетни политики и нивна соодветна имплементација од сите засегнати чинители.

За жал, ова не беше случај со главната расправа на Комисијата за европски прашања во Собранието на Република Македонија за Извештајот, на која беа поканети голем број на граѓански организации кои присуствуваа повеќе на прославна церемонија отколку на вистинска расправа, со коментари и прашања проследени до Комисијата.

Очигледно е дека на Република Македонија ѝ преостануваат уште многу работа и труд на секое поле и за секое поглавје доколку сакаме да останеме на патот кој води кон приклучување кон Европската унија.

Времето за прослава пројде, сега е потребно да се засукаат ракавите.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG