Достапни линкови

Невработеноста и иселувањето на младите остануваат предизвик


Архивска фотографија - Саем за вработување во Македонија.
Архивска фотографија - Саем за вработување во Македонија.

Потребни се систематски промени, а не интервентни решенија, со кои ќе се подобри состојбата на младите, посочуваат упатените. Владата денешната седница ја посветува на младинските политики.

Младинската невработеноста и иселувањето како горливи проблеми со кои се соочуваат младите се посочуваат години наназад. Младинските организации бараат и поголема вклученост при носењето одлуки и креирањето закони кои се однесуваат на нив, унапредување на ученичкото организирање, подобро образование.

Намалена е невработеноста во земјите од западен Балкан, но Македонија со намалување од 2,7 проценти е претпоследна од шесте земји во регионот, покажува извештајот на Светска банка и Виенскиот институт за меѓународни економски студии, објавен деновиве. Извештајот е посветен на политиките на трудот на Балканот. Организациите препорачуваат да се подобри регистрацијата на тие што си одат од земјите, за да се добие точна слика на динамиката на трудот, а тоа од друга страна ќе помогне во креирањето подобри политики.

Но и покрај намалувањето на невработеноста, проблем во регионот останува младинската невработеноста, долготрајното барање работа и неформалнато вработување. Во извештајот се нотира дека токму младите луѓе кои подолго време се без работа, тешко се вклучуваат на пазарот на трудот. Тие се соочуваат и до разлики во платите, оти заработуваат и до 20 проценти помалку од оние кои брзо нашле работа.

Директорот на коалицијата на младински организации „Сега“, Зоран Илиески, вели дека акцент треба да му се посвети на образованието, оти во нивната соработка со бизнис секторот дошле до заклучок дека има потреба од работници, но дека нема соодветен квалификуван кадар. Тој препорачува да се воведе повеќе практична настава во средното образование, за средношколците да се адаптираат или профилираат на она што е тренд.

Тој вели дека за да се подобри состојбата на младите во земјата и да се обезбедат услови тие да се задржат тука, потребни се систематски промени, не само интервентни решенија.

„Ако основниот проблем е вработувањето, властите треба да се фокусираат токму кон тоа. Мерките кои се преземаат за вработување во голема мера се однесуваат и на младите луѓе, но тие мора да бидат направени во согласност со реалните потреби“, вели Илиески.

Невработеноста кај младите во регионот изнесува 37, 6 отсто. Но оваа стапка сепак е намалена во однос на минатите години. Стапката на невработени млади се движи од 29 отсто во Србија и Црна Гора, до повеќе од 50 отсто во Косово. И во Македонија, половина од младите се невработени. Во извештајот се посочува дека треба да се отстранат повеќе пречки за вработувањето, за да се намали и иселувањето од регионот, особено кај младите, образувани луѓе.

Владата во делот на мерки за младите, воведува мерка –младинска гаранција, со која младите треба да го најдат своето прво работно место за неколку месеци, наместо за неколку години. Се предвидува државата да издвојува пари за плати, за обуки или трајно вработување за млади луѓе со завршено образование. Понатаму има и мерка за млади земјоделци, кои добиваат неповратни средства од државата.

Извршната директорка на Младинскиот образовен форум, Дона Костуранова вели дека младинската гаранциска шема е европска практика и ако успешно се спроведе во земјата ќе биде поттик за младите да живеат самостојно и финансиски стабилно.

„Сепак треба да помине одредено време пред да се види ефектот од мерката, станува збор за гломазен проект, ќе треба да се планира и евалуира нејзиното спроведување“, вели таа.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG