Достапни линкови

Јанева: Конечно е воспоставена соработка со ОЈО и со други институции


Архивска фотографија- Прес-конференција на обвинителката Катица Јанева

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева денеска презентирајќи го шестмесечниот извештај на СЈО пред членовите на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците рече дека прислушуваните разговори кои се предмет на ова Обвинителство се само индиција врз основа на која е остварена предистражната постапка и дека за сите отворени предмети има материјални докази и сведоци.

Посочи дека конечно е воспоставена соработка со Основното јавно обвинителство, со Обвинителството за организиран криминал и со други домашни и меѓународни институции. Специјалната јавна обвинителка побара судот поинтензивно да ги закажува рочиштата за да може да ги докажат делата што ги наведуваат во обвиненијата и, како што додаде, судот треба да ја има предвид сериозноста на делата.

Пратеникот Бетијан Китев од СДСМ посочи дека извештајот е објективен и дава јасна слика за реалната состојба. Според Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ извештајот на Јанева е нецелосен и не одговара на сите прашања што треба да ги содржи. Тој упати забелешка и на ангажирањето вештаци кои се во блиски релации со СДСМ, што според него остава простор за сомнеж. Илисоки ја праша Јанева дали СДСМ им ги предале сите прислушувани материјали и дали за тоа има записник бидејќи, како што рече, се слуша дека се уште има такви разговори кои не им се предадени и се на црниот пазар.

Врз основа на Извештајот во овој шестмесечен период, од септември 2017 до март оваа година, СЈО завело 136 предистражни постапки, отворило седум нови истражни постапки, а целосно се одобрени 15 обвиненија. Во истиот период, СЈО отворило седум нови истражни постапки против вкупно 17 физички лица.

СЈО досега обработило 515.572 од вкупно 606.555-те аудио-фајлови со кои располага односно 85 отсто од „бомбите“ предадени од Зоран Заев, при што изработени се 1.784 транскрипти.


XS
SM
MD
LG