Достапни линкови

Нема нов „Транспортер“ за битолските средношколци


Стариот тендер за превоз на учениците истекува до крајот на октомври, а нов не е распишан. Страв да се јават како носители на тендерот постои кај повеќето училишта во градот, откако Специјалното јавно обвинителство го отвори случајот „Транспортер“ против битолскиот градоначалник Владимир Талески и 11 други лица токму за организирање на школскиот превоз.

Доцни тендерот за бесплатниот школски превоз за учениците во Битола. Годинава него нема да го распише општината, по случајот „Транспортер“ во кој СЈО покрена истрага против битолскиот градоначалник и други лица поврзани со организирањето на школски превоз во изминатите години. Стариот тендер за превоз на учениците истекува до крајот на октомври, а нов не е распишан. Се правеа обиди обврската да му се префрли на Техничкото училиште, едно од малкуте во Битола без блокирана сметка, но Училишниот совет го отфрли ваквиот предлог.

„Влегуваме во месец октомври. Јас го поставувам прашањето кога ќе се стигне? И сега да се распише тендер и да започне постапката, кој гарантира дека нема да има жалба и дека нема да се продолжи донесувањето на одлуката? Учениците ќе влезат во вакуум простор на необезбеден превоз. Подготовките за организација на превозот требаше да почнат уште во летото и бидејќи ситуацијата е сензитивна, тендерот требаше да го распише Министерството за образование. Но, за жал се остави вака на притисок на директори и на наставници“, вели Наташа Петровска, советник од СДСМ.

Таа додава дека низ наставничките кулоари кружат информации дека се бара од друго училиште, кое е со блокирана сметка, да го објави тендерот.

„Многу работи не се законски, но покажа времето дека во оваа земја сè е можно. Законски би било таквата одлука да помине задолжително на Управен одбор, но слушаме дека некој не ја спроведува таа постапка“, рече Петровска.

Соња Карапашовска, советничка од ВМРО-ДПМНЕ, одговори дека организирањето на тендерот за школски превоз од едно школо за сите останати ќе биде поекономично.

„Тендерот се распишува за сите училишта зашто на тој начин е поекономично и можат да се постигнат пониски цени за разлика од тоа ако секое училиште одделно го распишува тендерот за своите ученици. Општината може да ја пренесе таа обврска на кое било од училиштата и да се избере начин како тоа поекономично да се направи“, рече таа.

Страв да се јават како носители на тендерот постои кај повеќето училишта во градот, откако Специјалното јавно обвинителство случајот „Транспортер“ против битолскиот градоначалник Владимир Талески и 11 други лица го покрена токму за организирање на школскиот превоз. Тие беа осомничени дека го организирале по цени повисоки од реалните и дека го оштетиле буџетот на државата за 360 илјади евра.

Воедно страв од тендерот постои и затоа што општината во изминатите години јавно укажуваше дека е неопходна измена на методологијата за распределба на средствата што стигнуваат од Министерството за образование со намена за школски превоз, зашто парите не се доволни да се подмират услугите на превозниците. Превозни компании од Битола тврдат дека има училишта кои уште им должат за превозот во изминатите години, а не можат да ги наплатат долговите заради блокираните сметки на школите.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG