Достапни линкови

Пратенички прашања со „опозициска музика“


Архива: Собрансиска седница.

Опозицијата за прв пат учествуваше на седница за поставување на пратенички прашања во Собранието. Тие прашуваа за состојбите во економијата и земјодолеството, бројноста на вработените во администрација, за безбедноста состојба, а упатија и забелешки за малиот број присутни министри.

Седницата почна со музика пуштена од мобилните телефони на пратениците на опозицијата укажувајќи на снимките за отворањето на автопатот Демир Капија – Смоквица, а продолжи со препукувања меѓу претседателот на Парламентот Талат Џафери и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ околу процедуралните забелешки.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, рече дека во државата има „веселби на секој чекор“ за граѓаните да заборават дека лекарите треба да земат поголема плата, пензиите да бидат зголемени и дека треба да се решаваат проблемите со криминалот и корупцијата.

„Наместо решавање проблеми, има забави на секој чекор, а шефицата за надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини рече дека забавата треба да трае само половина час, бидејќи во извештајот за напредокот на Македонија има сериозни забелешки“, рече Данев.

Џафери одговори дека опозицијата ја започнала забавата со мобилните телефони, откако ги опомена пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ја исклучат музиката.

Опозицијата бараше да биде доставен список на функционери од Владата кои се присутни на седницата. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, рече дека не може да се поставуваат прашања со половина владин состав, а слично реагираше и Данев велејќи дека е недозволиво само 13 претставници на Владата да присуствуваат на седницата.

Џафери одговори дека нема обврска на пратениците да им доставува списоци: „Ако сметате дека претседателот на Собранието треба на некој да му биде курир, тоа сте грешка“, рече Џафери.

Пратеникот Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ го праша премиерот Зоран Заев, дали чувствува одговорност за бројните убиства од изминатиот период, како во Струга, Аеродром, Чаир, за инцидентот во Мала Речица, констатирајќи дека несигурноста кај граѓаните се зголемува.

Тој се осврна на тоа дека кога претставниците на актуелната власт биле во опозиција, манипулирале со чувствата на граѓаните искажувајќи нереални ветувања за правна држава, борат против корупцијата и за нереални плати и пензии.

„За случајот „Монструм“, како опозиционер пред еден од родителите на загинатите момчиња изјавивте дека имате материјали, прислушувани разговори, на еден обвинет со кој се докажува и се расветлува случајот. Моето прашање е директно и експлицитно, дали доказите се кои тврдевте дека ги имате и дека го расветлуваат настанот со Смилковско Езеро, стварно го расветлуваат убиството или на крајот ќе видиме дека тие докази ќе ни расчистат што се случуваше во процесот на доделување на субвенции“, праша Илиоски.

Заев одговори дека правото и правдата се подобрени во државата, нема никогаш повеќе нема да има интервенции во судството, договарања на пресуди и ништење на цели семејства, дека борбата со корупцијата е ефикасна и продолжува да се подобрува, а сите случаи за убиства, од 22 случаи од почетокот на 2017 година, само две не се до крај откриени, сите други се откриени и правдата е спроведена.

„Прашањето е дали може да се откријат и за Смилковско Езеро, но и кумановските настани до крај и Никола Младенов и сето тоа за кое јавноста има сериозен интерес во нивното откривање. Прашањето е зошто некогаш претходната влада дури и криеше убиство и денеска да си игра со чувствата на родители кои ги изгубиле своите деца, за кое што власта апсолутно обидувајќи се само да покаже дека е ефикасна договарала апсење на луѓе без докази“, рече Заев додавајќи:

Ако Зоран Заев имаше конкретни докази, верувајте како секоја „Бомба“ и таа ќе ја објавев до крај, но таму има сериозни индиции кои се моја обврска пред се како граѓанин, а во тоа време и како шеф на опозицијата, комплетно да ги предадам во институциите на системот и СЈО“, рече Заев.

Илиоски, упатувајќи прашање до министерот за администрација Дамјан Манчевски колкава е точната бројка, рече дека ветувале професионална администрација, дека кога биле во опозиција велеле дека бројот на вработени во администрацијата е 180 илјади, а сега велат дека е над 128 илјади. Тој ја побара точната бројка на администрацијата.

Манчевски одговори дека партизацијата и политизацијата на администрацијата на може да се смени преку ноќ, дека 11 години државата била заробена во сите пори на институциите, биле поставени партиски кадри и дека тие се уште се таму.

Тој истакна дека во изминатите 10 години била тајна бројката за вработени во јавната администрација и дека е направена стратегија за реформа и нејзина департизација.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG