Достапни линкови

Бартол - Сакаме да ве поздравиме како 30-та членка на Алијансата


Архивска фотографија - Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и премиерот Зоран Заев во Скопје

Шефот на Канцеларијата на НАТО во Скопје, Горазд Бартол, изјави дека Алијансата сака да ја поздрави Македонија како 30 земја членка на НАТО, веднаш откако ќе го реши спорот околу името. Амбасадорот на Франција, Кристијан Тимоние, рече да излеземе од алтернативата - или интегарција или војна.

Шефот на Канцеларијата на НАТО во Скопје, Горазд Бартол денеска изјави дека стратешката цел на Македонија да стане дел од НАТО станува сè поблиска и дополни дека има големи очекувања од Владата во наредниот период.

На конференцијата „Македонија: Евроатлантска интеграција, нови предизвици и можности“, што се одржува денеска во МНР, тој ги охрабри властите да продолжат со заложбите да го решат прашањето со Грција за спорот околу името и со тоа стратешката цел на Македонија да стане 30- та членка на Алијансата да стане реалност.

„Сојузниците се согласија дека НАТО ќе ја покани вашата земја дa се приклучи на Aлијансатa веднаш штом ќе се најде заемно прифатливо решение за прашањето нa името во рамките на разговорите пoд покровителство нa ОН. Сакаме да ве поздравиме како 30 земја членка на Алијансата“, рече Бартол.

Како раководите на канцеларијата на НАТО во Скопје, тој рече дека кога дошол во јуни 2016 година, зборувал за забавување на реформите, а сега е задоволен што во изминатата година има зајакната соработка со властите и дополни дека е сигурен оти оваа соработка ќе продолжи и по упатување покана за членство во Алијансата.

Тој ги поздрави заложбите за зaчленување во НАТО и зајакнување на дијалогот со Грција и подобрување на добрососедските односи со Бугарија. Според него позитивната енергија што постои не смее да се пропушти и порача дека сите во земјата мора активно да се посветат на приоритетните теми, а тоа се реформите, владеење на правото, слобода на медиумите и мултиетничко општество.

Амбасадорот на Франција, Кристијан Тимоние, им порача на македонските граѓани дека не треба да се размислува дека невлегувањето во европските и евроатлантските интеграции значи војна.

Тој посочи дека европската изградба не е под закана, и е неопходност, но оти претстои огромна работа што треба да се спроведе поради одредени организациски ограничувања. Ни претстои огромна работа, особено во однос на одлуките кои ќе треба да ги донесеме. Потребно е трпение и оптимизам, рече францускиот амбасадор, Кристијан Тимоние.

Треба да излеземе од алтернативата дека - Или треба да се случи интеграција или да се случи војна во поранешните југословенски простори. Мислам дека таква констатација не му служи на никого, а особено не за привлекување инвеститори. Треба да се најде средишниот пат, а тоа е патот на оптимизмот и на трпението и ние сме тука за да ви помогнеме затоа што тоа е другата страна на работите. Ни претстои вистинска заедничка работа и бараме малку трпение од нашите пријатели за да може да ве пречекаме во куќа која што е стабилна, каде вие ќе го имате целото заслужено место. Тоа е смислата на говорот на претседателот Макрон од 26 септември“, рече амбасадорот Тимоние.

Осврнувајќи се на говорот на францускиот амбасадор модератоторот на конференцијата, амбасадорот Абдулакер Мемеди, рече дека на Македонците најмногу им е својствено трпението, но оти тоа треба да биде поткрепено се реална перспектива.

„Господине амбасадоре ако има една нација во светот која најмногу знае што е трпение, тоа е македонската, тоа сме сите ние Македонци, Албанци, сите во Македонија, ако одиме да видиме колку има имиња Трпе во матичната книга. Така што ние веруваме во трпение - спасение, но тоа треба да биде тоа трпение во корелација со еден оптимизам и една реална перспектива, не многу далечна“, рече Мемеди.

Во однос на евроатланските интеграции на Македонија, германскиот амбасадор Томас Герберих, рече дека клучната улога ја има реформскиот процес и нагласи дека важно е процесот да биде инклузивен. Дополни дека реформите мора да се спроведат со вклученост на сите во општеството и да се врати доверба во институции, кои треба да работат во рамки на нивниот мандат.

Опозицијата мора да биде вклучена како клучен дел во функционирањето на демократијата. Конструктивниот политички дијалог меѓу Владата и опозицијата, надминувајќи ги сите политички разлики, е клучно за соодветно функционирање на една парламентарна демократија. Потребно е време за одредени реформи да бидат целосно спроведени и бара голем ангажман, рече Герберих на конференцијата „Македонија: Евроатлантска интеграција, нови предизвици и можности“, што се одржува во МНР.

Тој нагласи дека Владата во изминатата година постигна голем напредок, а доказ за тоа е препораката од ЕК за почеток на преговорите.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG