Достапни линкови

Катедра за современ танц на универзитетот „Гоце Делчев“


Почнувајќи од учебната 2017-2018 година, на универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, ќе биде отворена Катедра за современ танц, која ќе ја води вонредниот професор Д-р Рисима Рисимкин. Катедрата ќе функционира во рамките на Филмската академија и е планирано да овозможи образовна програма на европско ниво.

Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, учебната 2017-2018 година, ќе ја започне со убава новина за сите вљубеници во танцот и посебно за оние коишто сакаат да ги откриваат тајните на современиот танц на високошколските установи. Во рамките на Филмската академија на УГД ќе биде отворена Катедра за современ танц, која ќе ја води познатата македонска кореографка и вонреден професор Д-р Рисима Рисимкин. Со тоа, практично, се заокружува нејзината долгогодишна заложба за комплетно академско образование во оваа област.

„Многу се радувам што се отвара оваа Катедра при еден државен универзитет бидејќи тоа конкретно значи дека студентите ќе можат во рамките на определената квота да доаѓаат и доколку се талентирани и го љубат танцот без проблем да студираат на една врвна и извонредна европска програма“, вели Рисимкин.

Таа појаснува дека идејата за една ваква Катедра за современ танц е зачната некаде пред десеттина години. Во 2008 бил потпишал договор за соработка помеѓу Културниот центар „Интерарт“ и Ротердамската академија за танц при универзитетот КОДАРТС во Холандија, за да две години подоцна започне да функционира Скопје танцова академија при универзитетот ЕСРА. Оваа танцова академија во изминатиот период финансиски беше поддржана од амбасадата на Кралството Холандија во Македонија и работеше како единствена академија за современ танц со програма за создавање современи танчери во првиот циклус на студии, не само во Македонија, туку и во целиот регион.

Таквиот след на настаните само одеше во прилог на настојчивоста за влез на државен универзитет, па така сега студиите по современ танц на УГД се програма дизајнирана како тригодишен циклус, во кој преку интензивна практична и теоретска настава, студентите ќе добијат комплетно академско образование во областа.

Згора на тоа покрај домашниот стручен кадар, програмата ќе ја спроведуваат и врвни педагози од странство, а студентите ќе имаат можност за практична работа и нови продукции.

Инаку, планирано е Катедрата да остварува соработка со партнерски образовни институции од Холандија, Швајцарија, повеќе aкадемии и универзитети за танц од Европа и Кина. Со тоа, како што забележува Рисимкин, се отвара можност за студентска размена и привлекување на странски студенти, што во иднина ќе овозможи Македонија да ги подгрева своите амбиции да стане еден од водечките центри во областа на едукацијата за современ танц.

„Ова е реално една голема, голема можност да се развива современиот танц на вистински пат и на потребното ниво и се разбира очекуваме прилив на странски студенти бидејќи сметаме дека нашата програма е веќе доста позната во Европа и мислиме дека од следната година ќе имаме студенти од странство, посебно од земјите во регионот, кои ќе студираат кај нас“, вели таа.

Конечно, како што тврди Рисима Рисимкин, со новото поглавје за современато танцово образование во Република Македонија се отвараат и нови можности за развој на современата танцова сцена воопшто. Така, веќе во април следната година, во рамките на Универзитетот „Гоце Делчев“ и во соработка со фестивалот „Танц фест“, ќе се одржи фестивалот „Share“, на кој е планирано учество да земат европски академии и универзитети за танц од Австрија, Словачка, Чешка, Полска, Латвија, Литванија, Унгарија и од нашава земја. Во рамките на програмата ќе присуствуваат и повеќе од 100 студенти и професори од посочените универзитети, кои ќе ги разменат досегашните искуства и ќе имаат можност за понатамошни соработки, на ниво на ко-продукции, студиски престои и научно-истражувачка работа.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG