Достапни линкови

Северна Кореја ги прекинува нуклеарните и балистички тестирања


Архивска фотографија: Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун набљудува воени вежби

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун соопшти дека неговата земја ќе ги замрзне тестирањата на нуклеарно оружје и балистички проектили и ќе го затвори полигонот за нуклеарни тестирања, објави јужнокорејската новинска агенција Јонхап, која ги пренесува извештаите од севернокорејските медиуми.

„Полигонот за нуклеарни тестирања ја заврши својата мисија“, рече Ким Џонг Ун на состанок на владејачката партија“, пренесе севернокорејската новинска агенција КЦНА.

Американскиот претседател Доналд Трамп на Твитер напиша дека тоа е „голем напредок“, велејќи дека тоа се „многу добри вести за Северна Кореја и за светот“.

Јужна Кореја соопшти дека е постигнат значаен напредок во денуклеаризација на Корејскиот Полуостров.

Кина, единствениот голем сојузник на Пјонгјанг, соопшти дека прекинот на тестирањата ќе ги намали тензиите.

Сепак, Јапонија соопшти дека не е задоволна од објавата на Северна Кореја и оти ќе го задржи политичкиот притисок врз Пјонгјанг сè додека не се посвети на „целосно напуштање на оружјето за масовно уништување, нуклеарното оружје и проектили“.

Тензиите меѓу Северна Кореја и САД, Јапонија, Јужна Кореја и други држави се зголемија поради севернокорејските тестирања на нуклеарно оружје и балистички проектили во спротивност со резолуциите на ОН. Минатата година, Северна Кореја изврши тестирања на балистички проектили по што соопшти дека сега има способност да ги погоди САД со нуклеарно оружје, иако тоа не беше потврдено од западни експерти.

САД, ЕУ, Советот за безбедност на ОН и други организации воведоа жестоки финансиски санкции против Северна Кореја.

Од Пјонгјанг неодамна почнаа да доаѓаат помирливи тонови кон меѓународната заедница што ги зголеми надежите за решавање на кризата.

XS
SM
MD
LG