Достапни линкови

Неделникот Фокус пишува дека Македонија повторно тргна кон Европа преку Софија, но и преку Атина, па прашува - Ќе стигне ли конечно во Брисел?. Капитал го анализира спорот со Грција за името и пишува дека за Грците е многу битно да имаат стабилен северен сосед.

Фокус - Ќе стигнеме ли конечно во Брисел?

Пораките од Брисел за Македонија, горка пилула за Атина“ – смета авторот на анализата во најновото издание на Фокус, каде што, инаку, има неколку текстови во врска со најновата, чиста, како што ја нарекуваат, препорака од Брисел Македонија во догледно време да ги почне преговорите за членство во ЕУ. Официјалните грчки реакции јасно ја отсликуваат нервозата во високите политички кругови во Атина... што сериозно ја отежнува грчката позиција во процесот на евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан, пишува Фокус, поентирајќи со следнава мисла: „Ако е искрена, Грција веќе нема да може да ја блокира Македонија на европскиот пат со изговорите за иредентизам и крадење на грчката историја, зашто во Скопје дефинитивно на власт веќе нема антиквизатори и букевалисти“. „Рипнавме камче, нè чекаат планини!“ – гласи насловот на друг текст во Фокус, во кој авторот потсетува дека на почетокот на овој век Македонија беше локомотивата која силно го влечеше Западен Балкан кон Европа, за во последниве пет-шест години да стане „Пампурче“... за кое пругата накај Брисел исчезна... „Сега пак тргнавме кон Европа преку Софија, но и преку Атина. Ќе стигнеме ли конечно во Брисел?“ – прашува Фокус.

Капитал - На Македонија ѝ треба решение за да се стабилизира, на Грција за да не се дестабилизира

На насловната страница, Капитал ја најавува главната тема со насловот: „Капитал ексклузивно во Атина - На Македонија ѝ треба решение за да се стабилизира, на Грција за да не се дестабилизира!“ Претставници на владејачката СИРИЗА со кои разговарал Капитал велат дека анализите оти Грција е во комотна позиција и не губи ништо доколку спорот со името не се затвори – се неточни, пренесува неделникот. Со оглед на регионалните и глобални процеси и поместувања, интеграцијата на Македонија во НАТО и воопшто затворање на спорот се исклучително важни за целиот Балкан во моментов. За нас, ова е суштинско прашање во однос на безбедноста и иднината воопшто, за Грците е многу битно да имаат стабилен северен сосед во едни вакви услови, изведува заклучок неделникот. Во овие рамки треба да се анализира интензивниот процес на преговарање, смета Капитал па продолжува: „... Се чини дека и двајцата премиери, Заев и Ципрас, се вклучени во иста мисија – обезбедување на пратеник плус кој што би го поддржал евентуалниот Договор, со оглед на фактот што и на двајцата им фали двотретинско мнозинство. Која ќе биде неговата конечна верзија никој не знае од проста причина што сè уште не е договорена“, пишува Капитал.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG