Достапни линкови

Могерини и Хан: Македонија и Албанија да почнат преговори


Шефицата за надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини со еврокомесарот Јоханес Хан

Шефицата за надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини на денешната заедничка прес-конференција со еврокомесарот Јоханес Хан изјави дека Европската комисија за Македонија и Албанија препорачува отворање на преговорите за членство во ЕУ.

Таа при презентирањето на извештаите за напредокот на земјите кон членството во ЕУ истакна дека Македонија и Албанија добиле препорака врз основа на цврстиот напредок кој го направиле и мерките кои биле преземени, при што резултатите започнале да пристигнуваат. Според неа, препораката е охрабрување за земјите да продолжат со реформите, што е од есенцијално значење.

„Земјите мора да обезбедат реформите комплетно да се имплементираат. Не бидејќи тоа Брисел го бара, туку тоа и граѓаните го очекуваат од нивното лидерство“, рече Могерини.

Хан посочи дека ЕУ уште еднаш ја покажува посветеноста на политиката на проширување и биле препознаени напорите на Македонија и на Албанија, кои направиле многу во последните месеци. Она што треба да се направи, повтори тој е да се спроведат и продлабочат реформите. Според него, земјите се на добар пат, направиле резултати, но далеку се од завршена работа.

„Важно е да се каже дека нема скратен пат до ЕУ, важно е да се каже дека целиот процес е заснован на заслуги, кој работи брзо и на тоа што треба да се направи ќе биде награден. Но, најважен е квалитетот, не само брзината“, рече Хан.

XS
SM
MD
LG