Достапни линкови

Сè што ни е заедничко во Музејот на современа уметност


Плакатот на Неда Фирфова за изложбата „Сè што ни е заедничко“

Дела на 18 познати балкански уметници ќе бидат претставени на меѓународната изложба „Сè што ни е заедничко“ што од 18 април, па во наредните месец дена, ќе се одржи во Музејот на современата уметност — Скопје. Поставката ја адресира несигурноста во контекст на различни социјални, политички и културни амбиенти, поврзани со ранливоста и егзинстенцијалната непредвидливост.

Анри Сала од Албанија/Франција, Ахмет Огут од Турција, Марија Пападимитриу од Грција, Ана Адамовиќ и Билјана Џурџевиќ од Србија, Маја Бајевиќ, Шејла Камериќ и Ибро Хасановиќ од Босна и Херцеговина, Албан Муја и Флака Халити од Косово, Рената Пољак од Хрватска, Иштван Ист Хузјан од Словенија и нашите Жанета Вангели, Велимир Жерновски, Христина Иваноска, Славица Јанешлиева, Ѓорѓе Јовановиќ и Јане Чаловски се 18-те уметници чии дела ја чинат изложбата „Сè што ни е заедничко“ што од 18 април до 18 мај ќе се одржи во Музејот на современата уметност — Скопје.

Поставката чии куратори се Мира Гаќина и Јованка Попова ја адресира несигурноста во контекст на различни социјални, политички и културни амбиенти, поврзани со ранливоста и егзинстенцијалната непредвидливост. Од таму во каталогот тие ќе забележат дека „во состојби на нестабилност, одредени популации и групи, страдаат или се обесправени во нивните општествени констелации и стануваат изложени на симболични и материјални насилства што резултираат со конфликти, транзиции, ограничувања и злоупотреби на трудот, миграции и егзодуси, родови нееднаквости и неправди“. Понатаму, во експликацијата уште „доколку општата несигурност го означува она што сите ние го споделуваме, но, исто така, она што нѐ разликува и нè одвојува од останатите, дали можеме да пронајдеме практики што се насочени кон заедничко добро или да изградиме наша заедничка акција? Следствено, се поставува прашањето за можноста овие дисперзирани неспокојни субјективитети да дејствуваат заеднички“.

„Братство“ - Албан Муја (Косово)
„Братство“ - Албан Муја (Косово)

Кон ова уште и тоа дека „изборот на осумнаесетте уметници нè запознава со дела што даваат увид во ситуации на различни несигурни и расцепкани историски контексти, посочувајќи на можноста да се инволвираат во сегашноста, барајќи од нас ангажирано да ги преиспитаме сопствените знаења, искуства и ставови. Проблемите на кои тие се осврнуваат се трагични, тие се состојби на политичка изманипулираност, на социјална потиштеност и исклученост, на културна потчинетост и зависност од низа одлучувачки фактори што сведочат за секојдневното неспокојство“.

Впрочем, како што наведуваат кураторките, изложбата ја поттикнува свеста за општата несигурност, но и мотивирана акција. Изборот на делата нѐ позиционира по прашањата како ги разбираме актуелните состојби и ни дозволува да размислуваме како личната визија, одговорност и заложба може да е споделена општествено“.

Видео инсталација „Мојата земја е најубава од сите“ - Ана Адамовиќ (Србија)
Видео инсталација „Мојата земја е најубава од сите“ - Ана Адамовиќ (Србија)

Мира Гаќина, инаку в.д директор на Музејот на современа уметност – Скопје, во предвечерието на отворањето на „Сè што ни е заедничко“, вели дека оваа меѓународна изложба сака да демонстрира новост во програмирањето на Институцијата. Дека е среќна што заедно со колешката Јованка Попова успеале да ги заинтересираат големите имиња како што се Ахмет Огут, Анри Сала и Маја Бајевиќ и другите за да најават дека ваквата активност на Музејот ќе стане редовна пракса.

„Подготвувајќи го концептот за изложбата бевме под влијание на мигрантската криза. Не само поради оние колони на луѓе кои војната ги натера да напуштаат своите домови. Се соочивме со фактот дека добар дел од авторите и самите се оддамна отселени и сеуште во нивните дела се открива некаква трагичност и чувство на еден општ неуспех. Несигурноста не оддалечува едни од други, а и од самите нас. И ни се поставува прашањето во која мера е можна таа утопија во која ќе го препознаеме она што на сите ни е заедничко“, истакнува Гаќина.

Таа дополнува дека во селектираните дела ќе се откријат различни приказни. Нешто што на сите ни е заедничко, како и секому од нас, а тоа е чувството на исправеност пред загубата. Таквата исправеност допринесе да се дигне и Музејот за современа уметност во Скопје.

„И во минатото во регионот сме имале автори кои стигнале до врвот на визуелната уметничка сцена, но во тој период музеите на овие простори ретко беа во можност да ја вклучат авангардата во своите програми, а тоа е многу важно да се каже“, смета кураторката.

Кон ова само уште информацијта дека дизајнот на плакатот и на пропратните материјали за оваа меѓународна изложба е на Неда Фирфова.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG