Достапни линкови

Јанакиев од МВР го бранел Села, не ги видел тепачите


Архивска фотографија - Пратеникот Зијадин Села во Собрание.

На денешното судско рочиште за нападот врз пратеникот Зијадин Села се сослушуваа сведоци. Рочиштето заврши со сведочењето на Игор Јанакиев како сведок на обвинителството. Главната расправа за овој случај ќе продолжи на 18 април.

На сведочењето, Јанакиев рече дека се обидел да го заштити Села од толпата народ. Истакна дека како вработен за обезбедување во МВР, на 27 април бил пред прес-центарот во Собранието и оти заедно со колегите се обиделе да ја спречат топлата да влезе внатре, но оти нивните обиди биле безуспешни.

Сведочеше дека не видел како Села бил оддалечен од другите пратеници, но оти видел како три до четири лица го влечат додека се уште бил на нозе. Потоа, веќе Села биле паднат на земја.

„Се пробив меѓу масата луѓе што го маваат и застанав кај неговата глава со цел да го заштитам. Тој се обидуваше колку може да се заштити со рацете на главата, рече Јанакиев, додавајќи дека најмногу го удирале Села со нога по телото и главата.

Според Јанакиев, по некое време Села престанал да се заштитува и да мрда со рацете и како да не давал знаци на живот. Јанакиев вели дека не видел тепачите.

Пред Јанакиев, денеска сведочеа и пратеникот Мухамед Зеќири и полицаецот Абдулфетах Аљими.

Обвинетите за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села на претходите рочишта се изјаснија за невини. Тие пред Судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат виновни и оти тоа ќе го докажат во натамошната постапка.


XS
SM
MD
LG