Достапни линкови

Мичел во Скопје со поддршка за преговорите со Грција


Американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија Вес Мичел при посетата на Косово.

Американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија Вес Мичел денеска во Македонија се очекува на властите да им ја повтори американската поддршка за евроатлантски интеграции, да понуди поддршка за тековните македонски преговори со Грција и да побара спроведување на реформите.

Американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија Вес Мичел денеска во Македонија се среќава со премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Според соопштението од Стејт Департментот, тој на македонските власти ќе им ја повтори американската поддршка за македонските евроатлантски интеграции, ќе понуди поддршка за тековните македонски преговори со Грција и ќе побара од македонските власти да ги спроведат реформите, за да го унапредат демократското владеење, владеењето на правото и слободните медиуми.

Шефот на дипломатијата Димитров вчера рече дека прашањето за името ќе биде една од главните теми на разговорите со американскиот дипломат. Од македонска страна, посочи Димитров, ќе биде поставено и прашањето за шансите Македонија годинава да стане дел од НАТО, за динамиката на одлуките на Самитот на Алијансата во јули оваа година, како и некои други прашања во контекст на перспективите на регионот.

Мислам дека состанокот ќе тргне со тоа прашање. Тоа ќе биде можност да го запознаеме со динамиката во процесот за надминување на разликата околу името“, рече Димитров.

Од Скопје, Мичел заминува во Белград, па на 15 март ќе биде во Атина. Во најавното соопштение од Стејт Департментот не е точно наведено со кого ќе се сретна во Грција, туку пишува дека ќе има состаноци со високи грчки функционери. Со нив, како што пишува, ќе дискутира за продлабочување на американско- грчките стратегиски врски и зајакнување на билатералната соработка, вклучително и областите на одбраната, енергијата, трговијата и инвестициите.

Инаку, Мичел во Македонија доаѓа по посетата на Косово. Таму по средбата со косовскиот претседател Хашим Тачи меѓудругото, одговарајќи на новинарско прашање поврзано со руското влијание особено на северот на Косово, рече дека гледаат оти Русија игра сè по деструктивна улога во поголемиот дел од Балканот, подривајќи ги демократските институции.

„Бевме јасни во нашите разговори со Русите дека тоа не е ниту во нивни интерес, но ниту во интерес на народите од овој регион“, рече Мичел во Приштина.

Покрај Приштина, Скопје, Белград и Атина во рамки на балканската турнеја која ја почна вчера, а ќе ја заврши в сабота високиот американски дипломат ќе ја посети и Никозија, каде што ќе се сретне со лидерите на кипарските Турци и кипарските Грци.

Ова е прва турнеја на Мичел во регионов откако стана американски помошник државен секретар за Европа и Евроазија. Тој на позицијата дојде лани во октомври кога беше потврдено неговото именување во Сенатот. Основач е на Центарот за анализа на европската политика ЦЕПА и важи за близок до НАТО и критичар на руската политика. Пред да го основа центарот во 2004 година, бил истражувач во Националниот центар за политички анализи, а во 2012 година во тимот на претседателскиот кандидат на Републиканците Мит Ромни.

Мичел ја наследи функцијата која од 2013 година до лани ја извршуваше Викторија Нуланд. Таа ја напушти работата во Стејт департментот лани во јануари заедно со други американски дипломати кои заминаа по доѓањето на администрацијата на актуелниот американски претседател Доналд Трамп. Нуланд во Македонија беше за време на политичката криза по објавените прислушувани разговори од тогаш опозициската СДСМ. По средбите со партиските лидери и власта на ВМРО-ДПМНЕ рече дека САД ќе ги поддржат напорите на Македонија да се врати на вистинскиот пат кон евроатланските интеграции и дека сè ќе заврши со избори како што предвидува Пржинскиот договор.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG