Достапни линкови

Патот до НАТО води преку решение на спорот за името


Архивска фотографија: Конференција во Министерството за надворешни работи на тема: „Македонија кон целосно членство во НАТО“.

Македонија нема подобра алтернатива од евроатлантските интеграции, вели националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски, според кого македонската страна покажува јасна политичка волја за решавање на спорот за името. Аналитичарите апелираат на продолжување на преговoрите и искористување на поволниот момент.

НАТО не е единствената, но е најдобрата алтернатива за Македонија, уверува националниот координатор за НАТО, Стево Пендароски. Во интервју за нашето радио кое ќе се емитува в недела, Пендаровски вели дека денеска сме поблиску до Алијансата отколку пред Самитот во Букурешт во 2008 година, впечаток кој го темели на позитивната атмосфера околу преговарачкиот процес и подготвеноста на македонската страна да направи отстапки во обид да се затвори прашањето кое е клучна пречка за евроатланските интеграции.

„Јас не би сакал да навлегувам во детали, не знам што Грција може да направи во иднина, но сакам јавно и јасно да дефинирам дека досегашните грчки предлози, не оние на Нимиц, туку грчките предлози, честопати немаа контакт со реалноста. Таму постоеја елементи или компоненти на тоа што тие го предлагаа, што во 21 век е прво навредливо да ги разговарате, зборувам за идентитетскиот комплекс кој е завршена работа и во историска и политичка и човечка смисла и работи кои не би требало да се наоѓаат на ни една маса, на ниту едни преговори меѓу луѓе кои разговараат во 2018 година за една модерна политичка интеграција која не би смеело да претпоставува такви условувања“, вели Пендаровски во неделното интервју.

Пендаровски смета дека преговорите мора да продолжат, дури и под претпоставка да не ја добиеме посакуваната покана за членство на самитот во јули, потенцирајќи дека како никогаш досега Македонија покажува јасно изразена политичка волја за затворање на ова прашање.

Со ваквиот став се согласува и политичкиот аналитичар Алберт Муслиу кој не само кај македонската туку и кај грчката страна гледа сериозна подготвеност за решение на спорот.

„Што се однесува до прашањето за промена на Уставот, јас мислам дека е важно во следниот период да се расчлени за кои промени се мисли. Затоа што во зависност од страната промените подразбираат и други работи. Колку што можев да го разберам министерот Коѕијас, можеби уставните промени би значеле само гаранција за спроведување на договореното, а не тоа од кое ние најмногу се плашиме. Прашањето е дали уставните проблеми би значеле навлегување во емотивни прашања поврзани со идентитетот или би значеле само потврдување на договорот потпишан од двете страни“, вели Муслиу.

Дека не постои друга подобра алтернатива освен евроатланските интеграции се согласува и Муслиу. Сепак, ако ја пробиеме временската рамка и не го решиме овој проблем до самитот на Алијансата во јули, преговорите мора да ги продолжиме, зошто евентуален прекин на преговорите би произвел сериозни последици, смета Муслиу.

„Ако се откажат страните од натамошно преговарање, тоа би имало за нас лоши последици. Тоа директно би влијаело врз економскиот раст, политичките односи и ред други прашања кои би ја отежнале како состојбата во општеството, така и можностите на владата за некои проблеми кои се очигледни во моментот да можат некако да се надминат“, предупредува Муслиу.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG