Достапни линкови

Рускиот амбасадор најави мерки за протерувањето дипломат од Македонија


Рускиот амбасадор во Македонија, Олег Шчербак

Рускиот амбасадор во Македонија, Олег Шчербак на денешната прес- конференција изјави денеска дека врз основа на уцена, политички притисок и евроатланска солидарност неосновано се протеруваат руски дипломати во врска со случајот Скрипал идека неговата земја планира цел комплекс на мерки и санкции. Земјите, меѓу кои и Македонија, како што рече, потпаднале под влијанието на непријателските чекори кон Русија и на сметка на своите интереси и билатералните односи донеле избрзана одлука за протерување на рускиот дипломат.

„Мислам дека во овој случај станува збор за политичката нарачка и задача за да се обезбеди учество на Македонија во колективните мерки на сите земји членки на ЕУ и на НАТО во знак на солидарност со случајот Скрипал. Што се однесува за тврдењата дадени потоа, македонската страна не сака да ни обезбеди докази дека рускиот дипломат кој се протерува се занимавал со дејности кои излегуваат надвор од мандатот и виенската конвенција“, рече Шчербак.

Тој порача дека иако Македонија одлуката ја донела под влијание од надвор, тоа не ја ослободува од одговорност.

„Во дипломатска пракса протерување на дипломат претставува сериозен и непријателски чекор и во свое време ние ќе возвратиме со одговор, но овој одговор ќе биде адекватен и ќе биде многу добро промислен од сите страни“, додаде Шчербак.

Во однос на членството на Македонија во НАТО, тој посочи дека во тој случај земјата ќе го загуби суверенитетот. Според него, во евентуален конфликт меѓу Алијансата и Русија, Македонија ќе биде цел на руски одговор.

XS
SM
MD
LG